23-те збора на Тилерсон за Северна Кореја

Традиционално по неколку месеци силење Северна Кореја имаше уште едно лансирање на ракета со среден домет. Вон сите традиции од кога се памети за спорот, државниот секретар на САД имаше пократка реакција на ова отколку воведот на текстов.

"Северна Кореја лансираше уште една балистичка ракета со среден домет. Соединетите држави доволно имаат зборувано за Северна Кореја. Немаме дополнителен коментар," беше 23 зборови (во МКД изведба е 21 збор) долгата пишана изјава на државниот секретар Рекс Тилерсон околу случајот.

Иако невообичаено кратка и општа изјава, истата во Јужна Кореја и Јапонија беше толкувана како знак за тоа како САД ќе се однесува со Северот и неговиот забрзан развој на нуклеарно оружје и ракети.

Поранешниот заменик министер за надворешни работи на Јужна Кореја и универзитетски професор, Кин Сунг-хан, толкува дека "Тилерсон намерно даде кратка изјава за да сигнализира тврда позиција. Со ова тој јасно покажува дека без разлика што ќе направи Северна Кореа, САД нема да влезе во директни преговори освен ако Пјонгјанг не покаже вистинска желба за разоружување."

Од Институтот за северно-корејски студии во Сеул, сметаат дека изјавата на Тилерсон е насочена кон Кина пред првата средба меѓу Трамп и кинескиот претседател, која треба неделава да се случи во Флорида.

Друга опција е дека Тилерсон можеби планира да прекине да ги дава истите рутински изјави на секоја провокација или лансирање од Северна Кореја, и наместо решавање на проблемите во преговори со Пјонгјанг, тоа да го направи преку поголемите играчи во целата работа (односно Кина).

5 април 2017 - 14:25