Левандовски, когнитивен истражувач од Универзитетот на Западна Австралија, неодамна објави статија во списанието Psychological Science која беше одлично прифатена во и вон академските кругови, а се однесува на мислењето кое стои во позадината на теориите на заговор во врска со науката и климатските промени. Во ова кратко интервју тој ги објаснува најзначајните поенти.
Зошто луѓето веруваат во конспирациски теории?
Постојат бројни фактори, но веројатно еден од најзначајните е дека, парадоксално, тоа на луѓето им дава чувство на контрола. Луѓето мразат случајност, се ужаснуваат од случајни настани кои можат да ги уништат нивните животи, па како механизам против таквата помисла излегува дека е полесно да се верува во конспирација. Тогаш тие имаат кого да обвинат, не е се хаотично.
Кои се психолошките сили кои го формираат ваквиот тип мислење?
Во основа она што се случува во која и да е конспирациска теорија е дека луѓето имаат потреба или мотивација да веруваат во неа, а тоа е психолошки различно од мислењето базирано на докази. Конспирациската теорија е имуна на докази, и тоа може и да биде добра дефиниција за неа. Ако отфрлате докази, нив ги толкувате како потврда на вашата теорија, или игнорирате купишта докази за да се фокусирате само на една работа, тогаш веројатно сте склони кон теории на заговор. Тоа го нарекуваме самопотврдувачка природа на резонирањето.
Уште една заедничка особина е потребата постојано да се шири конспирацијата како што надоаѓаат нови докази. На пример, во случајот со таканаречениот скандал Клајматгејт, имаше околу девет различни истраги, и сите ги амнестира научниците кои учествуваа во него. Првичните реакции на луѓето беа дека научниците се корумпирани, но потоа дека не се тие единствените, туку дека во игра се и големите научни светски организации, па владите на Британија и на САД, итн. итн. Ова е типично - наместо да се прифатат доказите, работата се свртува наопаку и вие велите дека всушност токму доказите ја поддржуваат конспирацијата, затоа што тоа значи дека таа е уште поголема отколку што изгледала на прв поглед.
И постојат типови луѓе кои се посклони кон верување во теории на заговор од други? Дали ова се поклопува со некакви политички ставови?
Не мислам дека постои систематска врска помеѓу политичките гледишта и склоноста да се верува во конспирациски теории. Постојат студии кои сугерираат дека луѓето кои припаѓаат на политичката левица се посклони, а други пак велат дека тоа се оние од десницата. Но тоа секогаш е слаба врска. Постојат теории кои им „легнуваат" на припадници на само една страна. На пример, идејата дека 9/11 е инсајдерски заговор беше прилично раширена помеѓу Демократите во раните 2000-ти, а малкумина Републиканци веруваа во неа во тоа време. Но обратно, идејата дека УН се обидува да создаде светска влада најмногу се поддржува од луѓето од десницата, но не од сите луѓе на политичката левица. Значи сето ова навистина нема голема врска со политиката.
Сите се склони кон одреден степен пристрасност и „мотивирано резонирање" - каде ја повлекувате цртата, ако таа воопшто постои?
Суштинската разлика помеѓу тоа да имаш некаква предрасуда - какви секако сите имаме - и да си склон кон конспирации, е кога ќе почнеш да запаѓаш во самопотврдувачко размислување, ќе го игнорираш секој доказ кој ти посочува на друга страна, ќе почнеш да го шириш кругот на конспиратори, и кога твојот скептицизам ќе стане нихилистички - кога веќе нема да веруваш на апсолутно ништо кое ти го кажуваат владата или медиумите - тогаш си ја преминал цртата.
Има многу приказни за луѓе кои се нормални и паметни, но потоа излегува дека веруваат во конспирации. Како инаку разумни луѓе почнуваат да се однесуваат вака?
Според моето искуство ова нема врска со интелигенцијата. Голем број од овие луѓе се навистина паметни, иако не сите, така што ова не е фактор. Основно е потребата да се објасни и да се контролира, но во игра можат да бидат и други работи: генерално чувство на маргинализираност, отсеченост од општеството. Чувството да се биде дискриминиран. Несигурноста за работното место.
И тоа често има реална основа. На пример, конспирациската теорија дека сидата била создадена од владата на САД ја прифаќаат многу поголем број Афро-американци отколку белци. За тоа на некој начин постои добра причина, затоа што не толку одамна, во 1950-тите и подоцна, владата на САД ги стерилизирала Афро-американците, и им правела разни други грозни работи без нивна согласност. Така што, некои теории на заговор имаат зрцне историска вистина - тоа не значи дека тие се вистина, но дека условите кои довеле до нивното конструирање се такви.