Приказната за Покемон Го

За успех преку ноќ потребни се 20 години

Колку време треба за да направиш успех преку ноќ? На Џон Ханке му требаа 20 години за да го создаде Покемон Го, апликацијата која со 10+ милиони симнувања во првата недела го надмина Твитер во активни дневни корисници.

Како Џон Ханке креираше така масовен успех преку ноќ? Ова се десетте пати во неговиот живот кога тој се искачи на следното ниво:

Ниво 1: Во 1996, додека уште е студент, Џон е ко-креатор на првата ММО (масовна мултиплеер онлајн игра) по име "Меридијан 59". Играта ја продава на 3DO за да може да се префрли на неговата поголема пасија: мапирање на светот.

Ниво 2: Во 2000 Џон го лансира "Кихол" со цел поврзување на мапите со воздушните фотографии од светот, при што ја креира првата онлајн, ГПС поврзана 3Д воздушна мапа на светот.

Ниво 3: Во 2004 Гугл го купува Кихол и со помош на Џон го претвора Кихол во она што денес е Гугл ерт. Тоа е моментот кога Џон одлучува да се фокусира на ГПС-базирани игри.

Ниво 4: Џон управува со Гугл гео тимот од 2004 до 2010, притоа создавајќи ги Гугл мапс и Гугл стрит вју. Во ова време тој го собира и тимот кој подоцна ќе го креира Покемон Го.

Ниво 5: Во 2010, Џон го отвара Ниантик Лабс, старт-ап финансиран од Гугл кој треба да создаде игра базирана на мапи од реалниот свет. Џон објаснува зошто го избрал Ниантик:

"Ниантик е името на бродот за ловење китови кој се појавува за време на златната треска и преку сплет на околности завршува извлечен на брегот. Ова се случува и со други бродови. Со текот на годините, Сан Франциско во основа е изграден врз овие бродови. Ти би можел сега да стоиш врз еден од нив a да не знаеш. Токму ова е замислата, дека има работи во светов што се кул, и иако се на интернет, тешко е да дознаеш дека тие стварно се таму."

Ниво 6: Во 2012, Џон ја создава првата гео-базирана ММО на Ниантик, "Ингрес". Џон објаснува:

"Во случајот со Ингрес активноста се базира на мапи од реалниот свет и на твојот мобилен. Инспирацијата е што ова е нешто кое отсекогаш сум го сонувал додека одев и се враќав од работа од Гугл.

Секогаш мислев дека може да направиш одлична игра користејќи ги сите гео податоци што ги имаме. Гледав како телефоните стануваат се помоќни и размислував дека ќе дојде времето кога ќе можеме да направиме авантура базирана на реалниот свет."

Ниво 7: Во 2014, Гугл и Покемон компани се здружуваат за една првоаприлска шега која им дозволува на интернет корисниците да најдат Покемони на Гугл мапс. Ова станува вирален хит, а Џон размислува дека шегата може да се претвори во вистинска игра.

Ниво 8: Џон одлучува да го изгради Покемон Го на локациите генерирани од играчите на Ингрес, а врз основа на бројки од нив најпопуларните стануваат Покестопс и вежбални. Тој појаснува:

"Покестопс се генерирани од корисниците, па очигледно дека тие се базирани на места што луѓето ги посетуваат. Имавме податоци од две и пол години одење на луѓе на места на кои тие сметаат дека треба да бидат вклучени во Ингрес, па затоа имаме и некои прилично далечни места. Има портали на Антарктик и Северниот пол."

Ниво 9: Џон успеа да собере 25 милиони долари од Гугл, Нинтендо, Покемон компани и други инвеститори од декември 2015 до февруари 2016, и да изгради тим од над 40 членови кој годинава го лансираше Покемон Го.

Ниво 10: Џон и неговиот тим го пуштаат Покемон Го на 6 јули во САД, Австралија и Нов Зеланд. Од пуштањето, вредноста на акциите на Нинтендо се зголемува за 12 милијарди долари, а апликацијата заработува по 2 милиона долари на ден од купување производи во неа. Со ова, таа преку ноќ станува феномен.

За успехот преку ноќ на Покемон Го на Џон Ханке му требаа 20 години. Низ овие 20 години, тој иако има голема визија за игра базирана на мапи од реалниот свет, нему не му е јасно која ќе биде нејзината крајна форма. На секој чекор, тој останува фокусиран на следното ниво

На секое следно ниво тој има нови моќи, нови членови на тимот, и нови предмети во неговиот список...

Роџер Џејмс Хамилтон
ФБ

22 јули 2016 - 14:40