Без разлика колку е неразумно тврдењето, американската вселенска агенција, веќе извежбана на неразумност, сосема пристојно и по процедура демантираше дека на Марс постои колонија со деца робови:
„На Марс нема луѓе. Има активни ровери. Минатата недела имаше гласини дека нема (ровери), ама таму се. Меѓутоа нема луѓе“, изјавил за Дејли бист портпаролот на Мисијата на Марс на НАСА, Гај Вебстер.
Во четвртокот во Алекс Џонс шоу, кое се емитува на 118 американски радиостаници, гостуваше извесен Роберт Давид Стил викнат заради неговата „експертиза“ за колонија на киднапирани деца робови на Марс.
„Ние веруваме дека на Марс постои колонија што е населена од деца што се киднапирани и испратени во вселената на 20-годишно патување.
Кога ќе стигнат на Марс, тие немаат друга опција освен да бидат робови во колонијата“, објаснува Стил.
Џонс се надоврзува на ова порачувајќи дека „очигледно тие не сакаат ние да знаеме што се случува“, па продолжува:
„Гледај, јас знам дека 90% од мисиите на НАСА се тајни и кажано ми е од високи инженери на НАСА дека за тоа никој нема поим. Многу работи се случуваат таму.“
Да не излезе дека тоа на Марс е само некој камп во кој децата стекнуваат работна навика, Стил алармираше дека таму децата ги убиваат за да ја собираат нивната коскена срж и крвта. Во процедурата за која зборува Стил, на сето ова му претходат педофилија и содомизирање на децата, што пак помага за кревање на адреналинот во крвта кај малите, пред таа да биде исцедена од нив.
Реакцијата на Алекс Џонс на ова беше „сепак тоа е оригиналниот хормон за раст“.