Шведска му се враќа на кешот

Се предвидуваше Шведска дa стане целосно безготовинска држава до 2030 година. Земјата го развиваше својот систем за мобилно плаќање, банките полека престанаа да ракуваат со готовина а касите исчезнаа од продавниците. Сè се промени кога Русија ја нападна Украина.

Со најнизок оптек на готовина како удел во БДП во светот, шведскиот напредок насекаде добиваше пофалби.

Но, по руската инвазија, сфаќајќи дека потпирањето на електронски систем за плаќање ја прави Шведска ранлива на прекини на електричната енергија или саботажи, Риксбанк - централната банка на Шведска - ги повика цивилите да чуваат дома барем 1.000 шведски круни (90 евра) по возрасен.

Владата издаде брошура со наслов „Ако дојде до криза или војна“, советувајќи ги Швеѓаните редовно да користат кеш за да „ја зајакнат подготвеноста“.

Во јули годинава, Рискбанк објави дека основните продавници како што се продавниците за храна и аптеките со персонал мора да прифаќаат физичка готовина. Некои Швеѓани (особено постарите) го поздравија враќањето на готовината но мнозинството не се најрасположени да ги менуваат своите дигитални навики.

Според официјалните податоци, само 5 проценти од купувачите платиле во кеш во 2025 година. Биле 40 проценти пред 15 години.

Ова се вклопува во поширокиот нордиски модел. Само 2 проценти од Норвежаните и 8 проценти од Данците користеле готовина во продавница. Во еврозоната, готовината е сè уште најчестиот метод на плаќање во продавниците.

„Многу е за ракување и е небезбедно. Мислам дека е глупаво и застарено ама изгледа ќе мора да ставиме каса иако не верувам дека ќе се користи,“ вели еден продавач.

Многумина во Шведска ни картичка не користат туку плаќаат со мобилен и ЕплПеј.

Една докторка забележува дека нејзината земја секогаш сака да се развива кога ќе дојде нешто ново, како што отидоа напред со таблети по училиштата, за подоцна да сфатат дека тоа можеби и не е најдобро решение бидејќи децата, не само што не знаат да пишуваат туку не знаат да ракуваат ни со ножици.

„Се обидовме да бидеме малку премногу развиени,“ вели таа.

12 октомври 2026 - 14:35