Рециклирачките на облека

"За тие луѓе водата е многу скапа и затоа алиштата ги носат само неколку пати, и потоа ги фрлаат," е објаснувањето на една од Индијките за купиштата алишта што од Запад им пристигнуваат за рециклирање.

Во фабриката пристигнуваат камиони претоварени со носени (не претерано) алишта, кои тие треба да ги исечат. Од тука исечените алишта пак се товараат во камиони и се испраќаат во друга фабрика оддалечена околу 1.200 километри.

Таму балираните купишта сечени алишта повторно се сечат за да им се извадат копчињата, патентите, етикетите или некакви додатоци (бисери циркони), "некои кутри души во странство се присилени да ги носат овие работи."

Една од позабавните работи за жените е кога ќе видат "пантолони кои можат да соберат четири луѓе... па што јадат тие луѓе за да станат толку дебели?" а за добар дел од женската облека што им стига не можат да разберат како некому може да не му биде срам да ја носи.

Освен што се кршат од работа (веројатно за ич пари), жениве се кршат и од фаќање сеир на жените од Западот, и ова исто така бесплатно.

После тоа сите сечени маици се ставаат во машина која ги меле и ги претвора во ролни од нова ткаенина, од кои се произведуваат ќебиња, кои пак се извезуваат.

21 мај 2015 - 16:27