Програмер фатен во офсајд

Програмер кој заработувал 6-цифрена плата добил отказ од работа, откако неговите шефови сфатиле дека тој некако премногу добро си ја завршува работата.

Програмерот бил откриен дека целата своја работа ја имал аутсорсирано на кинеска програмерска компанија, а слободното време го користел за сурфање на интернет.

40-годишниот маж, идентификуван само како Боб, без да биде наведено во која компанија работи, дури и бил пофален од неговите шефови дека "бил најдобар програмер во зградата," и дека неговиот код секогаш бил "чист, добро напишан и предаден на време."

Работниот ден на програмерот се развивал на следниот начин:

- 09:00 - Пристигнување на работа и сурфање на Реддит

- 11:30 - Ручек

- 13:00 - Сурфање на Ибеј

- 14:00 - Сурфање на Фејсбук и ЛинкдИн

- 16:30 - Извештај за сработеното во текот на денот до менаџментот

- 17:00 - Одење дома

Платата што ја добивал програмерот изнесува неколку стотици илјади долари годишно, додека тој на кинеската компанија и плаќал приближно 50.000 долари.

Програмерот бил откриен откако неговата компанија го контактирала Веризон, затоа што во интернет извештаите се појавувал неочекуван сообраќај од Кина, во траење од 8 часа дневно.

17 јануари 2013 - 16:28