Побрзо од вирусот се шират само гласините за вирусот

Тоа што многу малку знаеме за коронавирусот (меѓу лекарите познат како 2019-nCoV) и начинот на кој се шири, не е причина „зналците“ од цел свет да не ги откриваат заверите кои стојат за него. Последната теорија за која чувме е дека вирусот намерно го пуштиле Кинезите за да ги смират протестите во Хонг Конг. Во продолжение, трите најчести конспирации кои се мотаат по интернет и како се тие склопени.

1. Властите  го создале коронавирусот во 2018, а и Бил Гејтс е некако кабаетлија.

На 21 јануари, јутјуберот од QAnon провиниенција, Џордан Сатер, твитна линк до патент за коронавирус поднесен од Институтот Пирбрајт од Британија во 2015. „Дали појавата на оваа болест беше планирана?“, твитна Сатер. Оваа теорија бргу доби поддршка во голем број заговорнички кругови, со тоа што QAnon-ци и антиваксерски Фејсбук групи постираа линкови до патентот, кои сугерираат дека властите го вовеле коронавирусот, наводно за да направат пари од потенцијална вакцина.

Додавајќи масло на огнот, Сатер продолжи со поврзување на Фондацијата Пирбрајт со Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, а врз основа на соопштение за јавноста од 2019, кое вели дека фондацијата ќе помогне во финансирање на проекти за имунологија и за проучување на болести на стоката. Бил Гејтс е честа мета на теориите на заговор на оваа тема. „Секогаш кога ќе се појави сторија за вакцина од конспиративен агол, Гејтс е поврзуван со неа,“ вели Рене ДиРеста, раководителка за истражување во интернет опсерваторијата на Стенфорд

Според портпарол на Пирбрајт, патентот за коронавирусот од 2015 имал за цел да развие вакцина за еден тип птичји коронавирус специфичен за кокошки, што (досега) не се спомнува како причина за ширењето на новиот вирус. Освен тоа, портпаролот вели дека Фондацијата Гејтс не го финансирала патентот од 2015, и негира каква и да е потенцијална врска помеѓу милијардерот и коронавирусот. Но ова не ги има попречено теоретичарите на заговор отворено да шпекулираат околу неговата вклученост, особено по ширењето на статија од Бизнис инсајдер од 2018 за презентација која Гејтс ја направил на настан организиран од Медицинското здружение на Масачусетс и Списанието за медицина на Њу Ингланд. Во текот на дискусијата, Гејтс презентирал симулација според која грип сличен на оној кој предизвикал пандемија во 1918, денес би можел да убие 50 милиони луѓе во тек на шест месеци, и дека глобалната здравствена заедница не е подготвена да излезе на крај со последици од еден ваков настан.

Презентацијата на Гејтс е во контекст на поширок аргумент дека владите треба подобро да соработуваат со приватниот сектор за да развиваат технологии против потенцијална пандемија. „Светот треба да се подготви за пандемии на исто сериозен начин на кој се подготвува за војна“, рече Гејтс. За секој разумен човек, ова е јасен знак дека тој промовира подобра подготвеност во борбата против пандемиите, а не прорекува дека ќе се случи таква - но сепак на социјалните мрежи, статијата е масовно цитирана од теоретичари на заговор, во смисла на тоа дека глобалистот милијардер злокобно предвидува инженеринг на глобална катастрофа, со единствена цел - личен профит.

2. Постои вакцина или лек за коронавирусот кои властите не ги пуштаат во употреба

Вирален Фејсбук пост од 22 јануари содржи скрин шот од патент поднесен од американскиот Центар за контрола на болестите и превенција (CDC) за нешто што е наводно вакцина за коронавирус, сугерирајќи дека тој бил создаден од властите за фармацевтските компании да профитираат од него. Спомнатиот патент всушност се однесува на тешкиот акутен респираторен синдром (SARS), друг тип коронавирус кој исто така е со потекло од Кина и кој има убиено стотици луѓе во 2002 и 2003. Иако постојат извештаи за компании кои добиле финансиски средства за развивање вакцина за новиот коронавирус, „во моментов не постојат вакцини за кои било коронавируси, а најмалку за оној од Вухан“, објаснува Амеш Адалја, постар истражувач во универзитетскиот центар за здравствена безбедност Џонс Хопкинс.

3. Изворот на коронавирусот е од Кинези кои јаделе лилјаци

Со оглед на тоа што повеќето коронавируси потекнуваат од цицачи, и поради моменталната работна теорија дека коронавирусот од 2019 потекнува од сточните пазари од Вухан, голем број корисници на социјалните мрежи заклучија дека тоа што некои Кинези јадат лилјаци претставува закана по глобалното здравје. Оваа претпоставка е поддржана од голем број вирални видеа кои прикажуваат луѓе како јадат лилјаци или супа од нив: „Дали ова ви личи на смрт во вашата чинија?“, прашува еден твит. Кориснициите на социјалните мрежи реагираат искажувајќи го своето ужаснување од клиповите. „Сите вие Кинези кои го јадете ова срање, очекувате да бидете здрави? Ма ајде“, вели еден твит.

Податоците од кинески ресторани од 2006 велат дека практиката на јадење егзотични животни станала поретка по епидемијата на САРС од 2002-2003, токму затоа што за неа се веруваше дека потекнува од лилјаци (иако истражувачите на крај заклучија дека изворот била голема дива мачка). Исто така, не постојат докази дека јадењето лилјаци е извор на епидемијата на коронавирусот; властите изјавија дека голем број луѓе чии тестови се позитивни немале никаков контакт со живи животни пред да се разболат, а извештај од Списанието за медицинска вирологија вели дека можеби змиите се причина на инфекцијата.

Сè уште не знаеме кои се причините и како се пренесува коронавирусот. Но со голема сигурност може да се каже дека описот на вирусот како производ на прехранбени навики на една цела земја е истовремено и неточен и многу навредлив. „Не е само до јадењето егзотични животни“, вели Адам Камрад-Скот, професор кој специјализира глобална здравствена безбедност на Универзитетот во Сиднеј. „Мораме да бидеме повнимателни во критикувањето или обвинувањето на културните практики“. Ова особено важи ако се земе предвид дека практиката на јадење егзотични животни потекнува од колективна национална меморија на глад и недостаток на храна. „Кинезите гледаат на храната како на примарна потреба бидејќи гладувањето е голема закана и незаборавен дел од националната меморија“, вели политичкиот економист Ху Ксингду. „Денес за поголемиот борј Кинези не е проблем да се прехранат, но јадењето нова храна или месо, органи или делови од ретки животни или растенија за некои луѓе стана мерка за идентитет“.

 

28 јануари 2020 - 12:02