Како што е познато, жестокиот отпор на француските граѓани го принудија Макрон и француската влада да прогласи 6 месечен мораториум на својот предлог мерки за покачување на акцизите на горивото.
Над 280.000 луѓе ги натнаа жолтите елеци кои ги имаат како задолжителна опрема во своите возила и се дигнаа на бунт против покачувањата, кои, иако со добра и благородна еколошка цел, предизвикаа гнев и незадоволство најголемо по шеесетосмашките протести.
Отстапувањето на Макрон не се должеше само на таа импресивна бројка демонстранти туку и на истражувања на јавното мислење по кои 72% од целата нација ги поддржува протестите.
Протестите беа хоризонтално организирани преку интернет а беа фокусирани против новите акцизи по кои литар безоловен ќе им се качеше за 0,029 евра за литар а дизелот за 0,065 евра/ литар.
„Француската влада потроши години промовирајќи го дизелот а оние луѓе кои и сега едвај врзуваат крај со крај ќе беа погодени со нови и повисоки сметки за гориво за автомобилите за кои беа охрабрувани да ги купат. Акцизата на горивото беше технократска закрпа без реален увид во базата а мотивите и користа од нив беа слабо објаснети“, пишува Брајан Кан во Earther.
Тој го наведува мислењето на професорот Александар Рајценстајн по кој француската влада не обезбедила кредибилен план за тоа како ќе ги компензира посиромашните семејства а тие често се најмногу погодени од повисоките цени на горивата, сметките за струја или затоплување на домовите.
Ако покачувањето на цената на горивото во Франција повлече демонстрации најголеми после 1968- ма година, на другата страна на каналот, во Лондон, сосема поинаква слика. Во статијата „Тажниот спектакл на климатскиот активизам“ се пишува за новото движење со партизански амбициозен наслов Extinction Rebellion (XR), мала група која секојдневно блокира мостови и улици во градот. За да се спасела планетата.
„Ништо не помага повеќе да те сфатат сериозно дека си тука за да ја спасиш планетата отколку ако си возрасен маж со брада облечен како девојче извидник. И ништо повеќе нема да изнуди солидарност од другите граѓани ако секојдневно им ги блокираш мостовите и улиците за да направиш сообраќаен хаос,“ иронично пишува Бен Пајл во британски Спајкд.
Бидејќи зад себе немаат поддршка, на оваа група фолиранти какви што сме гледале и кај нас, за да добие внимание од јавноста им е потребен некаков спектакл. Овие лондонскиве си ги залепиле рацете на владини објекти и на оградата на Бакингемската палата, демек бескомпромисни.
„Климатските промени се речиси ексклузивна преокупација на богатите, Светската сиромаштија не може да си приушти да преживее без евтиниот јаглен а работничката класа од Запад сè потешко ги издржува зелените давачки. Истовремено политичарите од целиот спектрум се тркаат кој од нив ќе изгледа најзелен додека милијардерите и корпорациите немаат никаков притисок да испорачаат некакви еколошки напори,“ пишува Пајл.
А на планетава ич не ѝ оди добро. Оваа година ќе ја заврши со рекордно големи емисии на јаглерод диоксид. Рекордно големи на сите времиња. На оваа тема, неделава се мозга и кука на глобален климатски самит во Катовице, рударски град во Полска, земја која 80% од својата струја денес ја добива од јаглен.
„На повидок е колапс на нашата цивилизација и исчезнување на голем дел од природниот свет. Знаеме што треба да се прави. Сме виделе и како тоа се прави. Има само еден проблем: речиси ништо не правиме,“ изјави сер Дејвид Атенбороу во Полска.
CO2 во 2018:
- Зголемените емисии генерално се должат на вкупното покачување на енергетската побарувачка.
- Кинеските емисии прават една четвртина од глобалниот тотал и имаат пораснато за 4,7%.
- Индиското зголемување е 6,3%.
- После неколку години намалување, американските емисии повторно се во пораст, за 2,5%.
- Дури и во ЕУ која на разни начини се обврза до 2050-та да биде „климатски неутрална“ забележано е покачување за 0,7%.
- Фосилните горива стојат зад 90% од сите штетни испуштања и тие достигнуваат 37,1 милијарди тони.
- Дополнителни 5 милијарди тони загадување на атмосферата од човечки извори се должат на уништувањата на шумите.