Оние што ја градеа последната црква во центарот на Скопје (Свети Константин и Елена) пропуштија супер прилика да ја обложат куполата со соларни панели (го има тоа доста по светот: види на пример овде и овде), небаре само бакарот е богоугден материјал. Не дека со тоа Скопје ќе станеше многу поздрав и почист град туку барем ќе покажеа дека живеат во дослух со овој век и проблемите кои тој ги носи.
Енивеј.
Мароко до 2019 година ќе позелени 600 џамии, ставајќи им соларни панели, ЛЕД светилки и фотоволтаични системи. Во соработка со германската влада, државата ќе плати 70% од првичната инвестиција. Мароко сака да ја зајакне свеста по ова прашање околу кое и сега може да се смета за регионален лидер кој ја има најголемата фарма ветерници на континентот а годинава отвори и огромна соларна централа среде Сахара.
Во првата година од проектот енергетски штедливи системи ќе добијат 100 џамии.
"Многу е важно муслиманските земји да се вратат на своите традиции и да се потсетат луѓето дека ние како човечки род не сме пред важноста на планетата. Неа мора да ја заштитиме за да го спасиме и човештвото", изјави мароканската министерка за животна средина Хакиме ел Хаите.