Колку мои пари одат за убивање Палестинци

Американски новинар решил да пресмета колкав е неговиот личен придонес кон војната и страдањата во Газа. Тргнал од данокот што ќе го плати и да смета колкав е тоа дел од американските пари што се слеваат во израелската држава. Не му испадна некоја голема сума но и толку не му се дава за да страдаат цивили и деца. Така доаѓа до потешкото прашање на кое, за жал, не наоѓа одговор.

Во израелскиот напад врз Газа започнат после нападите на Хамас на 7 октомври, загинаа повеќе од 20.000 Палестинци, вклучувајќи илјадници деца и над 100 новинари. Речиси 90 отсто од жителите на територијата се раселени и сведочиме на една од најужасните војни на овој век.

„Колкав е мојот личен придонес за овој пекол на земјата? Дојдов до одговорот: 150 долари“, пишува Џон Шварц во Интерсепт.

Постојат два начини да се гледа оваа цифра: прво, тоа е релативно мала сума на пари. а второ, САД се толку богати и моќни што како земја можат да стојат зад огромна бруталност кон други а поединците тоа едвај да го забележат.

Вкупната помош што САД ќе му ја дадат на Израел во 2023 година и почетокот на 2024 година ќе изнесува околу 18 милијарди долари. Тоа се 3,8 милијарди долари вообичаена годишна помош, плус 14,5 милијарди долари дополнителна помош што беше усвоена од Домот а наскоро и од Сенатот.

САД го поддржуваат Израел и на други начини кои коштаат пари (праќање носачи на авиони во регионот, одбрана на нивните позиции во ОН и друго), но, нека се само 18 милијарди. Тоа е 0,4% од вкупната државна потрошувачка од 4,5 трилиони долари, кои пак доаѓаат од разни извори, главно од даноци на приход, корпоративни даноци, позајмици и сл.

Шварц за 2023 година ќе плати околу 27.000 долари данок на приход и набавил државна обврзница од 10К долари. Има тука и други давачки но сметката така се комплицира. Грубо, тој придонел со 37.000 долари во оние  4,5 трилиони долари. Четири десетини од процентот (оние горните 0,4%) од 37.000 долари се околу 150 долари.

„Што можам да сторам за да ја спречам оваа војна?“ се прашува тој и потсетува на долгата историја на даночен отпор во Америка. Но, истовремено потсетува и дека технологијата многу ѝ олесни на владата да следи кај се нечии пари па одбивањето да се плати данок речиси извесно ќе заврши со заплена на имот и средства, а и затвор ќе се посети.

„Теоретски може да гласате и за анти-воени кандидати во 2024 година, но ги нема баш многу. Дури и да победат, уште цела година ќе им треба да ја преземат контролата во раце, многу доцна за да направат каква било разлика во сегашната војна. И покрај непопуларноста на односот на Израел кон Палестинците и пукнатините кои почнаа да се појавуваат кај Демократите, произраелското лоби и двопартиската поддршка за Израел остануваат силни во Вашингтон, каде што се сетира надворешната политика. Затоа, не знам кој е одговорот. Ако некој знае, нека ми каже“, резигнирано завршува Шварц кој беше истражувачки продуцент за Мајкл Мур а има пишувано и за Њујорк Тајмс, Атлантик, Волстрит Журнал, НПР, Слејт и Сатрдеј најт лајф.

 

4 јануари 2024 - 15:29