Бернард Шо, водителот на Сиенен кој во 1988-ма беше модератор на дебатата меѓу Џорџ Буш и Мајкл Дукакис, објаснува дека главната улога на модераторот е "да го одржува редот и поредокот," кој во основа е збир на правила околу кои се согласуваат кампањите на двата кандидата. Згора на ова негова задача е да одржи одредено ниво на пристојност, и да не толерира мешање на приврзаниците на кој било кандидат, што е во публиката.
Џим Лерер, кој има модерирано вкупно 11 претседателски дебати, пред почетокот на Клинтон-Трамп судирот на Холт му препорача дека прва работа што треба да ја направи е да застане пред огледало и да каже "Тука не се работи за мене, тука не се работи за мене, тука не се работи за мене," па кога ќе го извади ова од себе, ќе може да функционира како модератор. Чисто за да се сфати тежината на тие неполни 90 минути, Лерер објаснува дека ова не е телевизиско шоу, "туку е клучен елемент во најважната работа што ја правиме како граѓани, а тоа е избор на претседател."
"Не, тоа не е на аудиција за подобра работа. Не пробуваш да покажеш колку си тврд. Тука не се работи за тебе. Мора да запаметиш за кого е ова - за луѓето кои гледаат и кои ќе треба да изберат," порачува Лерер.
И Шо и Лерер, се согласуваат дека часовникот е главен "тиранин" на дебатата, која во првиот судир годинава траеше 90 минути и имаше гледаност од над 80 милиони луѓе. Според двајцата исклучиво од модераторот зависи секој од кандидатите да добие еднакво време. И двајцата инсистираат дека не е работа на модераторот "да ги проверуваат фактите што ќе ги кажат кандидатите."
Тие забележуваат дека модераторот ризикува да биде критикуван ако тргне да ги поправа кандидатите околу фактите. Како пример се дава Кенди Кроули од Сиенен, која за време на дебатата меѓу Обама и Ромни, го коригираше републиканскиот кандидат околу една негова изјава во врска со надворешната политика.
"Тоа е еднакво на мешање во дебатата, а кога модератот се меша, тоа ги вознемирува симпатизерите на кандидатите," објаснува Шо.
Нејзиното објаснување во тоа време беше, дека двајцата се заглавиле на едно прашање и таа морала малку да ги турне, а и да не било тоа ќе се жалеле за друго.
Целата агенда на дебатата е поставена од двопартиската Комисија за претседателски дебати. Комисијата ги пренесува сите правила околу кои двете кампањи се имаат спогодено, и според кои модераторот треба да ја тера дебатата. Шо очекува дека токму овие правила ќе го држат Трамп во некаков ред, кој претставува одреден предизвик заради неговото искуство на телевизија, бидејќи и едниот и другиот кандидат имаат по 90 секунди, па нема да може многу да се распленува со одговорите.
Самиот Шо е прилично контроверзен заради едно прашање од дебатата во 1988, кога го прашува Дукакис дали ако неговата сопруга е силувана и убиена, тој би бил за смртна казна за убиецот? На ова Дукакис ладнокрвно одговара - не. Спорното е што овој одговор одлично се сложи со тврдењата на кампањата на Буш дека Дукакис е "следбеник на идеолошки апстракции, изолиран од грижите на реалните луѓе и реалните емоции." Подоцна ова прашање беше наречено "најконтроверзното прашање поставено на претседателска дебата."
Што се однесува општо до критиките, Лерер објаснува дека тоа "доаѓа со територијата", и дека тоа е природно затоа што луѓето околу претседателските кандидати ако нешто не тргне како што треба " за тоа нема да го обвинат шефот, туку ќе го обвинат модераторот."