Само 5 дена по нападите од 11-ти септември, група високи функционери на ЦИА одат во посета на британската амбасада во Вашингтон, каде што имаат средба со британските разузнавачи од МИ6.
Американците го презентираат својот план за следните чекори во борбата против Ал Каеда, кои во основа се сведуваат на драматично зголемување на нивната програма од 90-те за киднапирање и испрашување џихадисти во Босна. Една од клучните точки на планот е создавање на блиски врски со арапските разузнавачки агенции, за што во 2002-ра ЦИА и МИ6 почнуваат соработка со ЕСО (External Security Organisation), озлогласената разузнавачка служба на Гадафи.
Првичниот план е западните шпиони да научат што е можно повеќе од ЕСО околу милитантниот исламизам, прво преку „заедничко инфилтрирање“ во ЛИФГ (Libyan Islamic Fighting Group), милитантна организација која со години ја одбива соработката со Осама бин Ладен, и останува фокусирана на соборување на Гадафи. На 13-ти ноември 2001 Буш потпишува воена наредба со која се општо масовно користење сила и тортура. Во отприлика исто време Законот за анти-тероризам, криминал и безбедност на британските власти им дава моќ да апсат луѓе без судење, а на разузнавачките служби уште поголеми моќи во однос на осомничените.
Она што се менува по само една година од соработката е дека и американските и британските политички власти сами му се пеналат на Гадафи, па во обид да не излезат параноици околу оружјето за масовно уништување, кое не го наоѓаат во Ирак (иако беше алиби за започнување целата инвазија), тие се трудат барем Гадафи да го откажат од децениските планови за создавање оружје за масовно уништување.
„Кога би го убедиле Гадафи да ги напушти сопствените нуклеарни планови, оние кои притискаа за војна против Ирак ќе можеа да тврдат дека инвазијата била оправдана,“ пишува Иан Кобејн во анализата на Гардијан.
Од друга страна соочен со гневот што е насобран на Западот, Гадафи, по Локерби веќе обележан како спонзор на терористи, гледа што е можно погласно да ја осуди Ал Каеда и нејзините постапки, во исто време покажувајќи нестандардно висока подготвеност да соработува со довчерашните душмани.
Она што понатаму го откриваат тајните документи е „уникатен поглед во реалполитиката кој би бил незамислив кога не би бил детално документиран страна по страна.“
Како што ЦИА и МИ6 градат односи со Либија, двете агенции директно им помагаат на либиските шпиони да ги киднапираат непријателите на Гадафи. Така, двајцата водечки ликови на либиската опозиција кои бегаат од земјата се киднапирани во Хонгконг и Тајланд, и со авион вратени назад во Триполи заедно со децата и сопругите. Двајцата мажи се измачувани, а МИ6 на либиските разузнавачи им дава список на прашања што треба за време на мачењето да им ги постават на заробените опозиционери. Овие прашања им помагаат на тајните служби на земјата да стигнат до имињата и локациите на други либиски дисиденти во бегство.
Како дел од помошта за одржување на Гадафи британската полиција активно апси противници на либискиот режим кои живеат во Британија, а британската влада е одлучна во нивното депортирање. На улиците на Манчестер и Лондон агенти на Гадафи работат паралелно со припадници на МИ5, додека британското разузнавање на ЕСО му предава детали од прислушувани разговори на либиски дисиденти, по што нивните роднини и пријатели во Либија се апсени.
„Овие документи покажуваат дека зближувањето меѓу Западот и режимот на Гадафи по 11-ти септември - посебно со владата на Тони Блер - е многу подлабоко отколку што претходно се претпоставува.
Најпубликуваниот резултат од обновената соработка со Либија беше објавата на диктаторот дека се откажува од своите амбиции за производство на оружје за масовно уништување, што ги опфаќаше неговите нуклеарна и хемиско-биолошка програма. Друга победа беше потпишувањето на мултимилионскиот договор за искористување нафта и природен гас.
Сепак, тивко, соработката носеше и многу погорчливи плодови: киднапирања, затворања и тепања извршени или помогнати од ЦИА и МИ6,“ пишува Кобејн во Гардијан.