И ние сакаме вака

Затоа што интернетот се пали на ова, а и добро размислените идеи убаво изгледаат за брендот, маркетинг агенциите се повеќе вртат на "искуствени кампањи," реклами во кои еден случаен муштерија добива главна улога во инстант филм.

Најнов е примерот со Рено и промоцијата на новото Клио во Британија, во која неколку тест возачи комплетно неочекувано завршија сред реклама на компанијата.

Заинтересираните возачи седнаа да свртат крукче во новото Клио, меѓутоа на сред пат нивниот совозач (човекот од Рено) им порачува да стиснат на (инаку непостоечкото) "va va voom" копче. Откако ќе го стиснат, инстантно улицата пред нив се претвора во сцена од Париз, заедно сосе луѓе, багет и кан-кан девојки. Целата реклама е дело на белгиската агенција Duval Guillaume, позната по минатогодишната реклама за каналот TNT со копчето сред плоштадот во еден белгиски град.

Кампањата за Клио имаше и своја верзија за женските возачи:

Слична кампања минатиот месец имаше и Пепси макс, со NASCAR возачот Џеф Гордон, кој преправен во просечен маж побара од еден продавач на автомобили едно тест возење на новиот Форд Мустанг. На крај се покажа дека рекламата на Пепси е целосно наместена, меѓутоа тоа не го спречи видеото да има над 30 милиони прегледувања.

Кока-кола во Англија направи цела Бонд акција за промоцијата на Кока-кола Зиро, а во Шпанија постави автомати што делат кеш.

Едни од подобрите реклами на оваа тема ги имаше Карлсберг, прво со заљубениот пар кој требаше да седне во кино сала полна со моторџии, а потоа и со телефонскиот повик од пријателот кој во 3 часот наутро бара да му донесеш 300 евра за да го плати долгот што го направил на покер.

Инаку, најголемиот успех на агенцијата Duval Guillaume беа рекламите за TNT и создавањето на инстант акциони сцени сред град.

28 март 2013 - 16:40