И бактериите знаат да се себични

Молекуларни биолози открија бактерии во хрватски езера што себично акумулираат хранливи материи во своите клетки, наместо да ги разградуваат. Тоа им овозможува да доминираат над другите. Необичното однесување ја загрозува еколошката стабилност на езерата и влијае на распределбата на хранливите материи од најмалите микроби до животните што се потпираат на нив.

За бактериите не е вообичаено да имаат тенденција за доминација. Традиционално, се смета дека тие ги разградуваат полисахаридите и ослободуваат хранливи материи за другите организми. Сепак откриено е дека некои бактерии задржуваат хранливи материи во своите клетки.

Освен што се себични, тие се и пребирливи. Пулуланот, шеќер произведен од габи, бил најчеста цел на деградација во езерата Козјак во Плитвице и Црнишево, дел од Баќинските езера, каде што било спроведено истражувањето.

Научниците од Институтот Руѓер Бошковиќ и од универзитетите во Бремен и Виена сметаат дека ова е особено важно во контекст на климатските промени. Во зависност од температурата однесувањето на бактериите може потенцијално да доведе до побрзо или побавно кружење на јаглеродот и другите хранливи материи.

Себичното однесување на бактериите варира низ сезоните и е поинтензивно во водите што се побогати со хранливи материи, објаснува Андреа Чачковиќ од институтот „Руѓер Бошковиќ“.

11 април 2025 - 19:49