Колонијална амнезија:

Холандија веќе беше доминантно муслиманска

Холанѓаните со децении успеваат да работат на својот имиџ на толерантни и лежерни луѓе кои си бркаат работа и не се мешаат во туѓи животи. Па сепак, малку е чудно како масовно се заборава дека само до пред 70 години и тоа како се мешаа; со војска, окупации и масовни убиства. Сè за тија пусти пари.

И покрај резултатите кои не беа онакви какви што очекуваше (или можеби беа?) популарноста на „холандскиот Трамп“, како што го нарекуваат Вилдерс, не е ни случајна ниту е за потценување. Човекот кој ги опишуваше бегалците од Блискиот исток како „маса млади луѓе на околу 20-тина години со бради кои пеат Алаху Акбар низ Европа“ и го има споредувано Коранот со „Мајн кампф“, во текот на кампањата го користеше модифицираниот слоган на неговиот американски колега, „Да ја направиме Холандија повторно силна“, а во декември минатата година беше осуден од холандски суд заради поттикнување омраза кон мароканската имигрантска заедница.

Ако еден ваков политичар може да помине, и тоа со голем успех, помеѓу либералните холандски пушачи на „трева“, кои последниве 500 години примаат верски имигранти од целиот свет, тогаш што останува за остатокот на светот?

Во неодамнешен текст за Њујорк Тајмс на холандскиот историчар Јан Бурума, под наслов „Како Холанѓаните претстанаа да бидат пристојни и досадни“, авторот тврди дека Вилдерс има свртено во своја корист две различни групи холандски протестни гласачи: работничката класа исфрустрирана од глобализација, и прогресивните гласачи загрижени за тоа дека конзервативните муслимански имигранти се закана за нивните холандски вредности, како на пример толеранцијата кон хомосексуалноста.

Но холандското анти-исламско расположение не е ни толку ново колку што изгледа. Пред само 70 години Холандија била империја која главно се протегала во муслимански земји, протегајќи се од северна Суматра до островите Источни Малуку, повеќе од 4000 километри на исток. Нејзиното владеење често било брутално нетолерантно. Во текот на колонијалниот период, холандската империја постојано им забранувала на денешните Индонезијци практикување на клучните елементи на нивната вера, како на пример одењето на аџилак во Мека. Оттаму, далеку од тоа дека е „оригинален“; Герт Вилдерс е само ехо на неговите предци-колонијалисти.

Кога Холанѓаните дошле во Индонезија на преминот кон 16 век, нивната единствена мисија била да ја контролираат рутата на зачини во тн. „источни Индии“ односно во југо-источна Азија. За таа цел ја формирале компанијата Дач Ист Индија, која применувала лукава дипломатија и вооружена сила за да ги отстрани португалските и британските ривали и да ја монополизира регионалната трговија со зачини. Тоа било исплатлива операција - според проценките оваа компанија била најпрофитабилната компанија на сите времиња.

Нејзините шефови набргу сфатиле дека мора да се соочат со исламот, кој дошол во Индонезија заедно со развојот на трговијата во 13 век. До 17-тиот тој веќе го надминал според број на верници хиндуизмот и будизмот на најголемите индонезиски острови. Денес, во оваа земја има повеќе муслимани отколку во било која друга во светот.

Во текот на владеењето на архипелагот, Холандија работела на разбирачка со регионалните муслимански владетели, кои генерално си ја зачувале моќта како локални властодршци, додека на Холанѓаните им давале отворени карти да го експлоатираат населението и природните ресурси. За разлика од другите колонијални сили, Холанѓаните не инсистирале на конвертирање на локалците. Во 1803 генералниот гувернер на Источните Индии воспоставил принцип на државна неутралност кон религијата, што значи дека барем на хартија државата не им давала посебни привилегии на Индонејзиците кои конвертирале во христијанство. Холанѓаните повеќе се секирале за златото, отколку за Бога.

Но кога исламот се споил со анти-колонијалните востанија, империјалните господари од 19 век го повлекле ветувањето за неутралност. Кoга во 1873 Холанѓаните се обиделе да го потчинат Ачех, исламски султанат во северна Суматра, тие биле толку загрижени за моќта на муслиманските водачи што започнале да испраќаат антрополози заедно со војниците, во обид да ја разберат природата на исламскиот отпор. Ова не значело и отсуство на насилство. Војната за освојување на плантажите со бибер во Ачех траела 40 години, а холандските сили извеле масовни егзекуции на востаници, во конфликт во кој биле убиени десетици илјади на обете страни. Ваквата политика на Холандија кон исламот во колониите продолжила и во поголемиот дел од 20 век, сè до Втората светска војна, кога Јапонците ги завзеле овие територии.

Во модерна Холандија темите поврзани со суровото колонијално минато на оваа земја од време на време се актуелизираат но бргу паѓаат во заборав. Холандската влада, на пример, почна да им плаќа скромни репарации на вдовиците на Индонезијците кои биле егзекутирани во обидот на Холандија да ја ре-колонизира Индонезија по Втората светска војна, кога капетанot Рејмонд Вестерлинг и неговите војници убиле 40.000 луѓе.

Но ова е сепак многу малку во однос на она што се случувало со векови. За иронијата на денешната политичка ситуација да биде поголема, и самиот Вилдерс има индонезиско потекло - неговата индонезиска чукунбаба се омажила за холандски колонијален администратор. Токму тоа и е една од причините зошто во оваа земја будно се следат неговите потези, при што Индонезијците се шокирани од тоа што некој холандски политичар може да тврди дека муслиманите ја освојуваат Холандија. Историски точно е токму спротивното - Холандија е таа која ја има колонизирано мнозински муслиманската Индонезија. Ваквото историско незнаење кое владее во Холандија помага во објаснувањето зошто голем број Холанѓани како да имаат амнезија, и гледаат на исламот како на нешто туѓо, иако оваа религија е длабоко поврзана со историјата на нивната земја.

 

20 март 2017 - 13:59