
До крајот на 2026 година Американците повеќе нема да купуваат ајфони склопени во Кина. Епл планира во текот на идната година да ги префрли сите погони од Кина во Индија, според извори на Фајненшл тајмс. Тоа ќе значи удвојување на производствените капацитети во Индија за да се произведат повеќе од 60 милиони смартфони за американскиот пазар.
Епл речиси две децении ја градеше својата производствена империја во Кина. Поволните услови и ниската цена на трудот му обезбеди поевтини производи, доминантна позиција на светскиот пазар и вредност од 3.000 милијарди долари.
Тарифите што Трамп ѝ ги воведе на Кина збришаа 700 милијарди долари од пазарната вредност на Епл. Иако процентите се предмет на пазарење и Трамп знаеше да ги менува од час во час, тарифите за увоз на производи од Кина сега се повисоки од 100%. За Индија Трамп воведе реципрочни тарифи од 26%, но остави простор за намалување ако склучи билатерален трговски договор со премиерот Нарендра Моди. Кога потпретседателот Џеј Ди Венс пред една недела го посето Њу Делхи, изјави дека преговорите напредуваат.
Епл во 2024 година на американскиот пазар пласирал 28% од глобалното производство на ајфони, што му донело заработка од 232 милиони долари. За да го достигне тоа ниво во Индија, компанијата веќе склучи договори со компаниите „Тата електроникс“ и „Фокскон“ за увоз на полусклопени компоненти од Индија. Во погоните во Кина се спроведува завршната фаза од производството на ајфоните – склопување на стотици компоненти, некои испорачани, а други веќе произведени во Кина.
Предноста на производството во Индија се и регулативите. Владата на Моди од 2020 година вложи 6 милијарди долари во програмата ПЛИ за привлекување инвестиции во напредни технологии, како обновлива енергија, микрочипови и смартфони. Проблем останува стручноста и доверливоста во работната сила во Индија.