Базенот Volksbad, поставен пред историски значајниот театар Volksbühne на централниот плоштад „Роза Луксембург“, утре во периодот од 12 до 18 часот ќе биде отворен исклучиво за припадници на „црнечките заедници“.
Терминот е резервиран од Each One Teach One - невладина организација финансирана од јавни средства, која спроведува програми за луѓе со африканско потекло. Организацијата со седиште во „Африканскиот кварт“ во Вединг во северниот дел на Берлин, ја вклучи посетата на базенот во својата програма за летен распуст наменета за млади црнечки деца и младинци.
Повикот е упатен до црнци, луѓе со африканско потекло и припадници на африканската дијаспора на возраст меѓу 15 и 27 години. ЕОТО побара од сите други граѓани „да ја почитуваат колективната самоидентификација“.
По острите реакции од јавноста дека тоа е отворен повик на расна сегрегација, невладината ја промени формулацијата и објави дека објектот е резервиран „само за нејзините членови“.
Дваесет и петметарскиот базен, длабок 1,3 метри, беше поставен на 7 август од театарот Фолксбине и ќе биде отворен до 1 октомври. Влезот е целосно бесплатен, но посетителите претходно мораат онлајн да резервираат термин од два часа.

Уметничкиот директор Матијас Лилиентал го претстави базенот како „практичен одговор на недостигот од јавни базени во Берлин“ и како „инклузивен урбан гест“. „Фолксбине“ издвои 300.000 евра од сопствениот буџет за изградбата, но самиот театар добива повеќе од 20 милиони евра годишно од јавни субвенции.
Со парите на германските даночни обврзници се спроведува отворена расна сегрегација, соопшти партијата Алтернатива за Германија (AfD).
Еден ден пред резервираниот настан, сè уште не е разјаснето како ќе се спроведува расното ограничување. Германскиот Закон за општо еднакво постапување, кој е на сила од 2006 година, забранува дискриминација врз основа на раса или етничко потекло при пристап до добра и услуги достапни за јавноста. Законот дозволува „позитивни мерки“ за надоместување на „постоечките неповолни положби“.
Федералната агенција за борба против дискриминацијата ги наведува „посебните термини за посета на базени“ како пример за позитивни мерки, иако тие вообичаено се користеле за жени да можат да пливаат таму каде што одредени културни норми би претставувале проблем. Нагласено е дека ваквите мерки мора да бидат и пропорционални.