Зошто медиумите не може да го игнорираат Доналд Трамп

Маалските правила се дека има два начина да се отарасиш од силеџија, или да му вратиш или да го игнорираш. Во случајот со Доналд Трамп, американските медиуми се обидоа со боксерскиот пристап, без никаков успех. Сега на ред дојде игнорирање.

Во колумна за магазинот Политико поранешната водителка на СиЕнЕн, Кембел Браун, предлага дека е време медиумите да престанат да разменуваат удари со најдобро рангираниот кандидат на Републиканците и да почнат да го игнорираат. Таа заговара телевизиските медиумите на една седмица да го бојкотираат покривањето на кампањата на Трамп.

"Ајде да престанеме да бидеме соучесници во промовирањето на оваа гневна и опасна демагогија. Барем на една седмица. Телевизијата го пали Трамп и само телевизијата може и да го изгаси," пишува Браун.

Слична порака во јануари имаше и Конор Фрајсдроф од Атлантик. Џош Вурхес во Слејт јасно стави на знаење дека "преферира да пишува за потрадиционалните кандидати." Џоана Вајс, колумнистката од Бостон Глоуб, предложи замолчување на Трамп со тоа што нема да биде поканет на Републиканските дебати.

Ваквите предлози звучат привлечно за оние кои ги нервира или се фрустрирани од навидум непробојната кампања на Доналд Трамп - и да бидеме искрени, тоа ги вклучува речиси сите прогресивци и речиси подеднакво ист број на конзервативни гласови во медиумите.

Меѓутоа следењето на советот на Браун бара прекршување на основните принципи на новинарството и може да и даде дополнителна сила на кампањата на Трамп. За сега, рацете на медиумите се врзани. За тастатурата.

Многумина во медиумите не можат да разберат како поддршката за Трамп продолжува да расте и покрај срамните коментари, постојаните расправии со останатите кандидати, и немањето поддршка од републиканскиот естаблишмент. Некои велат дека неговите бројки од анкетите се надуени, делумно и, заради препознатливоста на неговото име. Според нив, кога волку рано се спроведуваат анкети, голем број од анкетираните ќе дадат поддршка за кандидатот кој е најмногу познат, дури и ако е малку веројатно да гласаат за него.

Со други зборови, медиумите го покриваат Трамп делумно и заради анкетите, а резултатите на анкетите се должат делумно и на вниманието што тој го добива од медиумите. Во оваа смисла, планот на Браун изгледа како добар начин да се прекине кругот. Ако мислиш дека Трамп е арогантен фалбаџија со потенцијално катастрофални предложени политики, може потајно се надеваш дека медиумите ќе го прифатат нејзиниот совет и ќе почнат да зборуваат за нешто, што и да е, друго.

Но сепак, потенцијалната добивка од планот на Браун бледее во споредба со цената што ќе треба да се плати. Отсекогаш било должност на новинарите да ги покриваат вестите, а не да бидат нивни куратори. (Претежно зборувам за репортерите, а не за коментаторите, кои имаат поголема слобода за тоа што ќе покриваат и како.) Иако може ги збунува и фрустрира голем број од луѓето во медиумите, сепак има необјаснив број на Американци кои тврдат дека го поддржуваат Трамп во неговиот обид да стане лидер на слободниот свет (дури и анкетите да се пристрасни заради препознатливоста на неговото име). Поддршката за него не само што е истрајна, туку и се шири според речиси секоја мерка. Трамп е материјал за вести како претседателски кандидат кој е во предницата на републиканскиот чопор, а дури може е и нејзин лидер.

"Ама Трамп е луд," ќе кажеш. "Не ли треба медиумите да ги игнорираат луѓето кои едноставно се луди." Ако е точно дека Трамп е излуден, тоа значи дека и милиони Американци кои го поддржуваат исто така се излудени. А нивната поддршка исто така е материјал за вести. Медиумите да го игнорираат Трамп е исто како и полициската патрола да игнорира срушена влезна врата и скршен прозорец. Тогаш имаме знак за поголеми проблеми.

Треба да се потсетиме на наградуваниот филм на Џорџ Клуни, Good Night, and Good Luck, во кој директорот на СиБиЕс, Вилијам Палеј, и кажува на репортерската икона Едвард Муроу: "Ние не правиме вести. Ние ги пренесуваме вестите." Ова отсекогаш била улогата на медиумите. Ние имаме должност да осигуриме дека ова така и ќе остане. Можеби единствената работа која е помалку американска од забрана за имиграција за сите муслимани, е медиуми кои одлучуваат што ќе пренесуваат базирано на сопствени преференции и личен политички вкус.

"Главната задача на новинарите не е да создаваат вести кои ја туркаат историјата во 'права' насока - која и да е таа - или да само-цензурираат што и да е што би можело да доведе до 'лош' исход. Понекогаш собирањето вести стимулира среќни резултати, ама тоа не е единствениот начин да се оцени вредноста на некој сторија," објаснува Џек Шафер во Политико магазинот.

Освен должноста што новинарите ја имаат кон јавноста, игнорирањето на Трамп може да има и спротивен ефект од оној на кој Браун се надева. Концентриран обид за игнорирање на одреден кандидат ќе служи како потврда на неговото често пати повторувано обвинување дека медиумите се наклонети кон левицата и со предрасуди против конзервативците. Овие аргументи Трамп (и останатите републикански кандидати) ги користат за активирање на симпатизерите и собирање пари. Во обид да му наштети на Трамп, медиумите на крај може самите на себе да си наштетат.

Да не заборавиме, во јули Хафингтон пост објави дека ќе го покрива Трамп само во забавната рубрика бидејќи неговата кампања била "карневал". Откако тој повика на "тотално и комплетно спречување на муслиманите да влезат во САД," самата Аријана Хафингтон објави дека тие ќе го вратат покривањето на кампањата во "Политика" бидејќи кампањата се претворила во "грда и опасна сила на американската политика." Во меѓувреме, Трамп и останатите Републиканци го искористија потегот на Хафингтон како потврда за сомневањата на конзервативците околу медиумите.

Медиумите сакаат да го мразат Трамп. Неговата кампања на медиумите им даваат постојан доток на содржини, и секоја сторија е многу позапрепастувачка од претходната. Доналд Трамп е Ким Кардашијан на Републиканската партија, и оваа предизборна трка ќе биде далеку подосадна за новинарите ако сите нивните стории за Трамп, беа за Мартин O'Малеј или за Бен Карсон. Иако некои во медиумите сакаат уште од сега да му дадат шут карта, можеби токму тие му испраќаат картичка со заблагодарување.

Новинарите не можат и не треба да го игнорираат Доналдот. Иако реалноста можеби е почудна од фантастиката, медиумите имаат само еден избор: тие мора да продолжат да зборуваат за Трамп. А тој, за возврат, ќе продолжи да се капе во нивното внимание.

Џонатан Мерит,
Вик

4 јануари 2016 - 11:53