Војните станаа бесмислени

Воени стратези и теоретичари одамна предупредувале дека победите на бојните полиња всушност се пораз ако не е остварена јасна политичка цел. Уште пред повеќе од еден век се теоретизирало дека трошоците на војувањето по дефиниција ги надминуваат добивките. Операцијата Епски бес на Трамп во Иран е само дел од низата што ја потврдува тезата дека војните станале бесмислени.

САД по 1945 водеа многу војни, главно со слаби држави, од кои повеќето немаа моќни сојузници. Сепак, не победија во ниедна, со исклучок на Првата заливска војна во 1991 година и тривијалната инвазија на Гренада.

Корејската војна заврши нерешено, а Виетнамската беше јасен пораз. Заливската војна беше победа, во голема мера затоа што САД не ја почнаа, а и претседателот Џорџ Буш постариот имаше здрав разум да се држи до ограничен сет политички цели - повлекување на Ирак од Кувајт и демонтирање на неговата воена моќ. Интервенцијата на САД во Сомалија заврши со понижувачко повлекување; Косовската војна во суштина заврши нерешено; а „вечните војни“ во Ирак и Авганистан беа скапи порази.

Глупавиот напад на Доналд Трамп врз Иран е стратешка катастрофа, која неговите поддржувачи очајно и неубедливо се обидуваат да ја негираат. На списокот можеле да се додаде и убиствената кампања на Пит Хегсет против наводните шверцери на дрога од Латинска Америка, која чини милијарди долари, убива невини луѓе, го крши меѓународното право и има мал или никаков ефект врз снабдувањето со нелегални дроги.

Речиси сите овие војни не ги направија САД побезбедни или попросперитетни, туку ја оставија земјата во полоша состојба отколку што била претходно. 

Слично е и со војните на Москва. Инвазијата врз Авганистан во 1979 година ги влоши економски проблеми и го приближија Советскиот Сојуз до својот колапс. Инвазијата на Украина во 2022 година стана подеднакво скапо мочуриште, а сè што Путин доби по четири години војна и стотици илјади убиени или ранети е околу 20% од првобитната територија на Украина. Да не заборавиме дека пропаднаа напорите на Русија да го одржи режимот на Асад во Сирија, а ниту нејзината поддршка за разни африкански автократи не изгледа како особено добар потег.

Бројните тактички победи на Израел никогаш не му донеле трајни стратешки придобивки. Геноцидот во Газа не го елиминираше Хамас, а бомбардирањето и окупацијата на јужен Либан не го отстранија Хезболах. Верувањето на Израел дека може да го бомбардира својот пат до победа го претвора во отпадничка држава и го загрозува неговиот посебен однос со САД. Заедно со континуираното малтретирање на Палестинците на Западниот Брег, зависноста на Израел од војна ја блокира нормализацијата со повеќето соседи, што би направило многу повеќе за долгорочната иднина отколку бесконечните војни.

Всушност, насекаде има примери на бесмислени конфликти. Садам Хусеин почна две војни - и двете беа целосен неуспех. Интервенцијата во Јемен не им донесе ништо на Саудијците освен десетици илјади жртви. Индија и Пакистан повремено војуваат без ништо да постигнат.

Единствено Кина остана надвор од сите овие војни и се концентрираше на градење моќ дома, стремејќи се кон научна и технолошка доминација и градење глобално влијание преку трговија, инвестиции, дипломатски ангажмани и зелени технологии. Како што правеа САД во поголемиот дел од 19 век, држењето на страна додека другите големи сили водат разорни војни се покажува како паметна стратегија.

Една од причините поради кои војните не исполнуваат јасни политички цели е нуклеарното оружје, како моќно средство за одвраќање. Потоа, моќта на современиот национализам ги охрабрува општествата да се борат како тигри против странски агресор. Американците го открија ова во Виетнам, веднаш ја заборавија лекцијата и мораа повторно да се потсетат на тоа во Ирак и Авганистан.

Глобализацијата им овозможува на државите да станат побогати без да се прошират. САД не мора да го освојат Гренланд за да имаат корист од неговите резерви. Американските фирми можат да инвестираат или да тргуваат. Економските придобивки од освојувањето се релативно мали за државите што веќе имаат големи и разновидни економии. При екстремен случај, ако Кина го присоедини Тајван, кој е високо развиена економија, би додала само 5% на својот БДП.

Тука е влијанието на технологијата врз современото бојно поле. Војувањето полека се менува во корист на локалните бранители, дури и кога се соочуваат со навидум супериорни непријатели. САД имаа доминација на небото, можност за набљудување на сложени борбени простори во реално време и огромна супериорност во огнената моќ, а сепак загубија во Ирак и Авганистан. 

Тоа не значи дека државите треба да престанат да се грижат за својата безбедност и да ги прековаат своите мечеви во плугови. Одржувањето на поволна рамнотежа на моќ и веродостојно средство за одвраќање е сè уште важно. Но, самоодбраната станува полесна, а агресивните војни се сè побесмислени. Тие не функционирале ниту за САД, ниту за некој друг. Имајте го тоа на ум следниот пат кога некој паметен тинк-тенкер, лобист или егоистичен странски лидер ќе каже дека некоја друга земја е и смртна опасност што мора веднаш да се запре, забележува Стивен Волт, професор по меѓународни односи на Харвард во колумна за „Форин полиси“. 

10 јули 2026 - 12:54