Загриженоста не е само за инфлацијата. Италијанскиот министер за надворешни работи, Ди Маио, неодамна предупреди дека руската блокада на украинскиот извоз на жито ќе предизвика глобална војна за леб, доведувајќи до глад во Африка и бран на бегалци тргнати кон Европа.
„Проблемот со санкциите против Русија е што тие ќе функционираат само ако ни наштетат и нам,“ објаснува италијанскиот соговорник на колумнистот на Лос Анџелес тајмс, Дојл Мекманус.
Економската болка создава политички проблеми за европските влади кои се приклучија на санкциите против Русија предводени од САД - „Украинска замореност“.
„Веќе нè стигна. Болката од санкциите секако е далеку повисока во Русија отколку на Западот, ама нашата толеранција на болка е пониска.
Па прашањето е чија крива е пострмна: на руската способност да води војна или на нашата способност да издржиме економска болка?“ прашува директорката на италијанскиот Институт за меѓународни работи, Натали Точи.
Рускиот претседател се клади дека тој ќе го добие овој натпревар. Западните економски санкции „од сам почеток немаа шанса да успеат“ изјави Путин во лутиот говор во Санкт Петербург, дополнувајќи „ние сме силен народ и можеме да го издржиме секој предизвик“.
Политичката нервоза во Италија и нејзините соседи се виде и во анкетата на десет европски држави направена од Европскиот совет за меѓународни односи.
Анкетата заклучува дека најголемиот дел од Европејците ја обвинуваат Русија за започнување на војната, меѓутоа се поделени околу тоа што треба да направат.
И во Германија и во Франција, мнозинство од 40% е во она што анкетарите го нарекуваат „мировно крило“: тие сакаат војната да заврши што е можно побрзо, па дури и ако тоа значи Украина да и отстапи територија на Русија. Околу 20% се во „правичното крило“: сакаат да ја видат Русија поразена, дури и ако тоа значи подолга војна.
Италијанците се уште по мирољубиви, и мнозинство од 52% се во мировното крило.
И покрај тоа лидерите на Франција, Германија и Италија се качија на воз од Полска кон Киев, за да ја покажат својата поддршка за украинскиот претседател Зеленски.
Пред само неколку недели, тројцата беа колебливи околу војната. Макрон многу јавно се обиде да го натера Путин да започне преговори и порача дека Западот треба да избегне да се обидува да ја понижи Русија. Шолц и Драги имаа подискретни обиди за да видат дали рускиот лидер би размислил за преговори.
Путин, решен на воена победа, ги одби тројцата. Во еден момент дури одбивајќи го и телефонскиот повик од Макрон.
Па минатата недела, откако им покажаа на своите гласачи дека се обидоа да постигнат мир, тројцата лидери заземаа поцврст став во Киев.
Макрон прогласи дека Украина „мора да може да победи“.
Шолц изјави „Украина е дел од европското семејство“.
Драги порача „украинскиот народ ги брани вредностите на демократијата.“
Тројцата не го испорачаа она што Зеленски најмногу го сакаше: брза испорака на оружје.
Меѓутоа тие го поддржаа украинското аплицирање за членство во Европската Унија - изјава која беше добредојдена за Киев без разлика што беше чисто симболична.
Сепак главната цел беше изненадувачки сигнал за Путин дека обединетиот европски фронт се уште не е распаднат.
Рускиот претседател одговори со инстантно гасење на дотокот на природен гас кон Западот, потсетувајќи дека тој може да нанесе економска болка на своите соседи кога и да посака.
За Американците, вклучително и претседателот Бајден, работите се полесни. Не зависат од руски природен гас за загревање на своите домови. А дома, судирот со Русија создаде невообичаен двопартиски консензус: демократите застанаа зад агресивниот став на Бајден; а исто и најголемиот дел од републиканците, освен најрадикалното про-Трамп крило.
Сепак дури и во САД, инфлацијата ја сруши јавната поддршка за војната, само помалку драматично отколку во Европа.
Во април, анкета на Асошиејтед прес откри дека најголемиот дел од американските гласачи се за САД да воведе строги санкции против Русија дури и ако тоа е на економска штета на САД. До мај приоритетите се сменија, па 51% изјавија дека главен приоритет треба да биде ограничувањето на штетата што ја имаат врз американската економија.
Како што Гидеон Рахман минатиот месец забележа во лондонски Фајненшл тајмс, војната во Украина се води на три фронта, а Западот е вклучен на сите три:
„Првиот фронт е самото воено поле.
Вториот фронт е економски.
Третиот е битката на волјите.“
Најголемиот предизвик на третиот фронт ќе дојде есенва, кога ќе се зголеми побарувачката на гориво за греење, кога Путин ќе најде нови начини за поткопување на кохезијата на Западот, и кога Бајден ќе се врати во конгресот и ќе побара нови милијарди долари за помош.
Влогот ќе биде голем. Дали можат лидерите на Европа и САД да го мобилизираат својот народ да издржи економска жртва за доброто на Украина - или тоа е судир што само Путин може да го добие?