Трудо се шлепа на помодарство, Корбин нуди надеж

Премиерот на Канада е лажен прогресивец кој се бори за воени авиони, нафтоводи и приватизација - треба да погледнеш преку барата за да видиш што е економска и еколошка правда, пишува за Гардијан канадскиот новинар Мартин Лукас.

Во меѓународните медиуми од фото-сесијата на Базфид до виралните видеа на Бибиси, Трудо е премиерот феминист кој гушка бегалци, панди и својот јога душек. "Изгледа како само што стигнал со кану од најблиското езеро директно на најблискиот ТЕД говор - сеопфатен, љубител на природата што прави само добро и кој сигурно е сакан од луѓето."

"Наспроти е она што колумните и текстовите ви го имаат кажано а Џереми Корбин: изгужваниот, без шарм лидер на британските лабуристи чии поддржувачи се лудаци, а неговите позиции се застарена утопија. Ако тој се обиде да излезе на избори со неговата политичка програма, тој подеднакво сигурно ќе биде отфрлен и од електоратот," пишува Лукас.

И од ваква позиција Корбин го прави најголемото изненадување во модерната британска историја. Лабуристите наместо очекуваниот пропаст, добија повеќе пратеници отколку што има план да добијат и дојдоа на чекор од формирање влада. "Излезе дека милиони луѓе се подготвени да прифатат радикални политики кои се против наметнатите интереси, и кои ги враќаат јавните услуги во јавни раце, и трошат масовно на образование, чиста енергија и здравство".

Со тоа што во поинакво светло ги постави правилата по кои се водат гласачите на западот, Корбин помогна Трудо да се гледа од правилна перспектива: "како центрист добар говорник кој ја стави најубавата шминка до сега на банкротираниот и опколен неолиберализам на нашето време."

"Крунисувањето на Трудо како херојот на сè што е фер и достоинствено, во голем дел се должи на извртување и калкулантски односи со јавноста. Тоа го нарекувам двата чекора на Трудо.

Прво тој во странство дава зашеметувачки проглас - храбро ветување дека ќе се бори со мерките за штедење или климатските промени, за да ги осигура правата на бегалците или домородното население. Додворувачкото меѓународно покривање на настанот го засилува неговиот домашен кредибилитет.

Она што следува не се политики за амбициозно исполнување на ова ветување: туку маневар за тивко празнење на каква било смисла од нив. Успехот на овој маневар - како и неговиот масовен цинизам - е зачудувачки.

На овој начин Трудо во основа ја продолжи, а во некои случаи и ја надмина, економската агенда на конзервативецот Стивен Харпер:

- Трудо одобри мега-проекти за фосилни горива;

- Започна битка за превласт во парламентот (преку блокирање на опозицијата);

- Го намали финансирањето на здравствените фондови и тргна во напад на пензиите;

- Продолжи со неправдата кон домородното население;

- Ги поткопа шансите за задолжителна детска грижа;

- Ги задржа даночните дупки за најбогатите;

- Уапси и депортираше илјадници мигранти.

Се задишавте?

- Тој исто така ги прекрши изборните ветувања за реформи;

- Започна приватизација која во основа е масовно субвенционирање на корпорации;

- Го остави законот за политичко шпионирање од своите претходници;

- Започна воен напад на Ирак и Сирија и покрај тоа што вети повлекување;

- Го потпиша најголемиот договор за продажба на оружје со бруталниот и женомразечки режим на Саудиска Арабија.

Ова не е баш тоа што го очекуваат оние кои гласаа за 'вистински промени', нели?

Џереми Корбин ни го покажа значењето на политика на вистинска надеж: она што Трудо го испорача отсекогаш било само политика на популарност," пишува Лукас.

               

Наспроти Трудо, Лукас објаснува дека Корбин покажал како изгледа вистинска храброст:

"Корбин побара да биде откажана посетата на Трамп на Британија; и е постојан критичар на катастрофалните, нелегални војни Британија во Ирак, Авганистан, Либија - од кои во најголемиот дел Канада директно учествуваше а Трудо ги поддржа."

За плус на британскиот лабурист му се смета и тоа што по неодамнешните терористички напади на Лондон, тој имаше храброст да ги поврзе војните во странство со неизбежните цивилни жртви дома. "Такви вистини се сметаат за ерес, како во политичкиот и медиумскиот балон во парламентот во Отава, така и во лондонски Вестминстер. Тие се здрав разум за мноштвото во двете земји."

"Меѓутоа разликата меѓу Џастин и Џереми, меѓу симболизмот и содржината, веројатно е најголема на еколошкиот фронт.

Платформата на лабуристите предвидува индустриска револуција која одговара на обемот на климатската криза: инвестиција од 250 милијарди фунти и пониски сметки за струја како и издувни гасови. Енергетските системи да бидат одземени од приватните мршојади и предадени на јавна, децентрализирана контрола.

Од друга страна методот на Трудо е да се претстави себе си како горд борец за спречување на климатските промени, додека дрско ги продава огромните канадски резерви на нафта и гас на секој волен купувач.

Џастин Трудо е фалсфикат, додека Џереми Корбин е прогресивецот. Нивниот начин на терање политика е разликата меѓу вистинска промена и трансформација: не само празен спектакл оркестриран од елитни технократи врзани со банкари и нафтени барони, туку изборна програма, истуркана и оформена од масовно движење, која конкретно ќе ги подобри животите на милиони луѓе.

Изборот на Трудо, и покрај лажната фасада, покажува дека Канада како и Британија има огромен апетит за вистинска активистичка влада. Како што младите луѓе масовно гласаа за Берни Сандерс и Корбин, така тие се свртеа и кон Трудо. Како што неговиот сјај почнува да бледее, тие не треба да бидат само разочарани или гневни: тие треба да се борат за вистинска, радикална алтернатива," анализира Лукас.

Она што според него треба да го направи пошироката левица во Канада е, како и движењето во Британија, да активира, да поврзе и да охрабри десетици илјади луѓе, "ништо друго нема целосно и вистински да ја разбие сликата за прогресивниот Трудо. Дури и ова никогаш да не стигне до меѓународниот печат, на Канаѓаните тоа веќе им е јасно."

14 јуни 2017 - 16:56