Трамп е заробен од логиката на војната

Почнува со голем тресок, напредувате, а потоа се испречуваат непредвидени настани и влегувате во војна што не можете да ја контролирате. Наполеон и Хитлер не сакаа да ги водат војните што на крајот ги загубија, но тие подлегнаа на логиката на војната. Виетнам, Авганистан, Украина... Иста е и војната на Трамп против Иран, која се покажа потешка отколку што замислуваше.

Трамп во овој момент е соочен со троен избор. Во првото сценарио, тој се држи до својот распоред од четири до пет недели, го срамнува местото со земја, прогласува победа и излегува без да ја уништи Исламската Република. Ормускиот теснец нема да биде обезбеден.

Второто сценарио е да ја продолжи кампањата додека Теснецот не се отвори и не остане отворен. Тоа може да бара ограничен број копнени трупи за обезбедување на иранскиот брег. Во ова сценарио нема промена на режимот - но барем САД би го отвориле Персискиот Залив.

Постои и трето сценарио: Трамп заклучува дека сè додека овој ирански режим е на власт, Теснецот не може да се обезбеди. За да ја заврши работата, потребна е целосна инвазија. 

Првото сценарио би било конечен пораз на ниво на Виетнам. Тоа би претставувало најголема политичка и воена грешка на нашето време - и само поради таа причина треба да се исклучи. Моментално сме во средината на второто сценарио. Трамп можеби има информации што му даваат самодоверба дека Америка може целосно да ги уништи воените капацитети на иранскиот режим. Затоа не може да се исклучи можноста дека тој е во право, а неговите критичари грешат.

Сепак, историјата сугерира поинаку. За време на подготовките за војната во Ирак, Џорџ В. Буш и Тони Блер им веруваа на брифинзите што ги добиваа од службениците. Тие, од своја страна, доставуваа брифинзи што нивните политички господари сакаа да ги слушнат.

И секако, врз основа на она што се случува досега во Иран, јасно е дека администрацијата на Трамп погрешно ги проценила моќта на асиметричното војување и променетата природа на воените синџири на снабдување. Пред 20 години воената моќ се сведуваше на оружје за масовно уништување, ракети, авиони и тенкови. САД веројатно навистина уништиле голем дел од конвенционалната воена инфраструктура на Иран.

Но, најмоќното оружје на режимот се мините и беспилотните летала, кои чинат по неколку десетици илјади долари. Ако некоја од нив удри во танкер и предизвика излевање на нафта во Ормускиот теснец, ефектот би бил катастрофален. Ниеден брод нема да може да помине додека не се исчистат водите. И дури и ако САД некако успеат повторно да го отворат Теснецот, сепак ќе мора да го заштитат секој брод - додека на Иранците им е потребен само еден успешен удар за повторно да го затворат.

Тоа е асиметрично војување. Иранците до максимум ја користат својата единствена стратешка предност. Стратегијата на Револуционерната гарда е многу слична на оние на Русија и Украина: да издржат во долга војна на исцрпување, со надеж дека САД на крајот ќе се откажат под економски и политички притисок. Тоа можеби е најдобрата стратегија што им е достапна, но нема гаранции дека ќе успее.

Третото сценарио, целосна копнена инвазија, сè уште се наѕира во позадина. Ако колебањето е политички катастрофално за Трамп, а сегашната воздушна кампања не успее, што друго може да направи? Тој не го сакаше тоа. Но, во моментот кога конечно ќе мора да донесе одлука, ако нема други опции, невозможното станува неизбежно.

Кога се соочувате со избор да ја соборите Револуционерната гарда во шестмесечна копнена војна или да претрпите понижувачки пораз, не треба автоматски да претпоставуваме дека Трамп ќе го избере второто.

Исто така, не треба да се потценува ни улогата на Израел. Многумина во израелската влада очекуваа Трамп да наметне промена на режимот во Иран во одреден момент за време на неговиот втор мандат. И сега, ако Трамп се поколеба без да ја заврши работата, тој ќе го остави Израел понижен и разоткриен.

***

Би било утешно да се знае дека во позадина конците ги влече некој стратег како Колин Пауел, кога беше претседател на Здружениот штаб за време на првата Заливска војна. Трамп, за жал, се опкружи со подлизурковци. Сликата на Марко Рубио како е принуден од Трамп да носи преголеми чевли ни кажува сè што треба да знаеме.

Волфганг Мунчау

20 март 2026 - 14:46