„Од каде сте?“ нè праша келнерот во еден бучен бар во Калитеа.
„Јас сум од Америка, пријателов е од Холандија, а мојот партнер од Шкотска“, му одговори мојата македонска вереница, удирајќи ме под маса за да не промрчам. Грчкиот келнер се ракуваше со нас, ја прими нарачката и замина насмевнат.
Моето неверување се претвори во лутина:
„Зошто, побогу, му кажа така?“
„Види, на нивен терен сме, што можеме да правиме?“, тивко промрморе братот на мојата вереница, дискретно покажувајќи ми на соседната маса каде што група бучни Грци, со доста испразнети чаши пред себе, го ругаа „тоа место“ полно со „измамници“. Па добив уште еден удар: „Има време кога треба да се гаси оган, ама има време кога треба да ги оставиш кучињата да лаат“, ми рече девојката што наскоро ќе ми биде сопруга.
Овој инцидент беше „македонската дебата за името“ во мало. Беше тешко да се гледа како двајца добро образовани и пропатувани Македонци се спуштаат на тоа да го кријат своето потекло. Ним не им е срам од потеклото, напротив, ама постоеше едно, дури опипливо чувство, дека самото спомнување дека се од Македонија ќе направи проблем, можеби и насилен.
Минатиот месец се случи „Преспанскиот договор“ меѓу Грција и Македонија, по кој вторава би станала „Република Северна Македонија“ откако луѓето на референдум беа прашани „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“.
Само што, прифаќањето на Преспанскиот договор никогаш не гарантирало такво нешто. Тоа што администрацијата на премиерот Зоран Заев реши да го постави прашањето во такво светло е сериозно искривоколчување. Придружувањето на НАТО и ЕУ е предмет на долг и условен процес на ратификации и секој предлог треба исто така да биде одобрен и од македонскиот парламент.
Одлуката на владата на Зоран Заев да ги прифати грчките барања е катастрофална пирова победа.
Договорот од Преспа опасно и без преседан го става македонското образование во рацете на академско договорање. Членот 8 од договорот вели „Ќе се формира заедничка интердисциплинарна комисија од експерти за историски, археолошки и образовни теми со цел да се разгледа објективната, научна интерпретација на историските настани, базирани на докази и научно цврсти историски докази и археолошки наоди“.
Само што, малобројни се универзално прифатените историски „факти“. Од кога е светов и веков, секој интелектуалец и секој политичар имал свое мислење. И дефинитивно е орвелијански да им се даде контрола врз историјата и учебниците на мала група експерти чии супервизори ќе бидат министерствата за надворешни работи на двете земји.
Каде тоа ќе застане? Дали цензурата ќе се прошири и на книги, на дела на историчари, на режисери? Дали ако се утврди отстапување од утврдената историска догма на комисијата, книгите ќе бидат палени? Социологот Ернест Гелнер има кажано дека образованието и јазикот се двата круцијални елементи за изградба на една нација бидејќи ја дефинираат земјата во умовите на младите луѓе.
Членот 7 пак, го потврдува грчкото право на поимите „Македонија“ и „македонско“ и оди дотаму што специфицира дека јазикот на „Северна Македонија“ доаѓа од групата јужнословенски јазици. Исто така специфицира дека официјалниот јазик и другите атрибути на „Северна Македонија“ не се поврзани со античката еленска цивилизација или со историјата на северниот регион на Грција.
На група политички контролирани професори да им се даде право со декрет да решаваат што е вистина е чиста дистопија. Морници низ грб да му поминат на човек што проучувал диктатури или ја читал Фаренхајт 451. „Комисијата ќе разгледува и ако утврди несоодветност, ќе ревидира учебници и друг училиштен материјал како што се мапи, историски атласи....“
Како на Шкот, ова ми е муабетот: Повеќе од 300 години, Шкотска е во политичка унија со Англија, унија што теоретски можеше одамна да го проголта нејзиниот национален индентитет. Шкотска го задржа своето национално чувство за себе примарно затоа што образовниот систем отсекогаш бил во шкотски раце. Таквата шкотска автономија понекогаш бараше и да му се заржи на Вестминстер.
Во својот инаугурален говор во 1945 година, шкотскиот пратеник во Долниот дом, Роберт Мекинтајер, го постави прочуеното прашање: „Дали сакаме образованието во Шкотска да подигнува генерации млади шкотски граѓани или пак да одгледува нова сорта на послушни Британци?“ Ова е предупредување за Македонија. Шкотска зачува доволно клучни компоненти на својот идентитет затоа што одби да биде претопена во централизираниот британски систем. Шкотските департменти во рамките на владата доведоа до тоа во 1999 година, на шкотскиот парламент целосно да му се делегира водењето на образованието, здравството и правните прашања. Националниот идентитет не мораше да се гради од нула.
Македонија не пробува да се отцепи. Таа е суверена држава што се обидува да преживее и може да успее во тоа само ако си ја штити историјата. А актуелната влада великодушно се откажа од тоа поради ветувања дека можеби ќе се добие пристап во ЕУ и НАТО. Дузина последователни грчки влади и општото јавно мислење ја опишуваат поранешната југословенска република како бениген тумор. Тоа се претвори во радикален грчки национализам.
Грција не бара македонска територија, но личи решена со понижување да ѝ ја вади душата.
Некои Грци го обвинуваат премиерот Алексис Ципрас дека ја издал нивната историја со тоа што признал македонски јазик и дозволил името Македонија да биде користено од „таа земја“. Тоа табу во Грција да кажеш дека си Македонец е само последна форма на културно изживување, па и комплетна репресија. Грција одбива да удира печати на македонските пасоши на граница бидејќи не ја признава државата. Македонското право на културно самоопределување е осудено и меѓународно блокирано, се користеле и трговски ембарга а македонскиот јазик во Грција е забранет со децении. Тоа е тажна серија на предрасуди што се протегаат од 19 до 21 век.
Последниве две години јас уживам во уникатноста на наследството на семејството на мојата вереница. Нејзините не се штедеа за да се почувствувам добредојден, ми ги објаснија мртвите агли на историјата што ги имав и гордо ме запознаваа со македонската култура. Кога се венчаш со еден човек, не може да останеш недопрен од неговото историско и културно наследство.
Затоа, безумно да се препушти македонската култура во рацете на бирократи и послушници е непростлива глупост.
Алистер Стјуарт,
независен новинар