Кога неодамна во Холандија беа одржани избори на кои како главен фаворит се појави (профашистички) десничарски кандидат, на изборите излегоа четири-петтини (сосема прецизно - 82%) од граѓаните и тој не мина. Во Србија да излегоа две-третини од гласачите, Вучиќ сигурно немаше да победи во првиот круг, а потоа којзнае што ќе се случеше. Меѓутоа, опозицијата, т.е. оној нејзини граѓански дел (затоа што тие 10 претседателски кандидати беа пошарени од 17 членки на ДОС) не успеа да ја крене напнатоста и граѓаните да ги убеди во значењето на изборите.
Јасно е, секако, дека изборите нема да бидат фер и чесни. И секако дека победата на Вучиќ не е "чиста како солза" како што тој тврди иако (веројатно) тоа е така во чисто нумеричка смисла т.е. по бројот на добиени гласови. Но, претседателската трка, со обѕир на ресурсите со кои кандидатите располагале, личеше на борба на Давид и Голијат. И покрај огромната надмоќ што му ја даваа истражувањата на јавното мислење, Вучиќ ништо не препушташе на случајот; беше бескрупулозен и немилосрден. И што е посебно интересно, и покрај таа надмоќ, тој играше повалкано од своите противници. Се користеше со ниски удари и недозволени средства, а опозицијата на тоа одговараше ретко и слабо.
Имам двајца сведоци, угледни граѓани, познати на пошироката јавност, кои предизборната кампања на поедини опозициски кандидати, наспроти слоганот на Љубиша Прелетачевиќ Бели "само јако", ја окарактеризираа како - само млако. Се стекнуваше впечаток, кој за жал се покажа како точен, дека толкавиот недостаток на енергија во нивните настапи не може да излезе на добро. Односно дека не може да ги разбуди дезориентираните, разочарани, апатични гласачи и да ја привлече потребната критична маса на бирачкото тело. Протестите кои настанаа само еден ден по изборите покажуваат дека таа енергија постои, само никој не успеал да ја активира.
Значи, немаше време за кампања, ама ни за јасна стратегија. Во суштина повеќе недостасуваше ова второто. За тоа најдобро сведочи фактот дека граѓанските кандидати не можеа да се договорат околу заеднички настап.
Немаше пари, но ни идеи. Вучиќ имаше повеќе слаби точки, отколку што опозицијата нападна. Не беше тешко да се исмеваат спотовите и ботовите на Вучиќ, и тоа го креваше рејтингот во "кругот на двојката" - оние, да нема заблуда, кои ги смислуваа тие штосови, но не и на самиот Јанковиќ, да речеме - меѓутоа не доволно за да се придвижат масите во внатрешноста на Србија (која почнува уште кај плоштад Славија). Немаше организација која со разноразни акции на директен маркетинг, од врата до врата, каде комшија убедува комшии, на луѓето би им покажала дека постои озбилна алтернатива. Не го може тоа, со цела почит, некој кој после говор на митинг ќе седне во кола и ќе се врати во Белград.
Меѓутоа објективно гледано, со обѕир на целокупната ситуација, не беше реално да се очекува дека кандидатот на СНС, кој и да беше, ќе изгуби на републичко ниво. Во Белград работите стојат значително поинаку. Тука е и значителен број на гласачи склони кон опозицијата и на нејзините можности да ја претстави својата програма се поголеми. Резултатите од претседателските избори покажуваат дека разликата меѓу Вучиќ и неговите противници е многу помала во Белград, и во секој случај дека не е недостижна. Тоа е права и голема шанса која не смее да биде пропуштена. Тоа е добра вест. Лошата вест е што ова го знае и Вучиќ.