Родителите нема да прегорат, веќе се прегорени

Прво беше две недели. Кој не би сакал да мине две недели дома со децата? Две недели за да се намали кривата на заразени. Едноставно беше.

Потоа беа два месеца, бидејќи ништо не се намали, и, сепак, добро пројдовме во двете недели, па и два месеца се изводливи, така? Така?

И после дојде летото, а децата секако летно време секогаш се дома, па нема да има никаква разлика? Секако, никаде не може да одиме, ама ќе пуштиш малку повеќе телевизија, малку повеќе Ајпад, малку повеќе од сè што правевме до сега. Освен тоа, школото кај да е ќе почне и тие конечно ќе се вратат во клупи.

Само што не се вратија. Наместо тоа, беше година на неизвесност: училиште на Зум што сецка, па настава со присуство и потоа назад дома пак во карантин, школо постојано и воопшто. Ниту еден дел годината не беше добар за децата или родителите, меѓутоа најголемиот дел од работите беа безбедни, и некако, невозможно, издржавме цела година. Беше пекол, ама успеавме. Успеавме.

Мина време и пак дојде лето, и, за кратко, работите изгледаа подобро. Почнавме да сонуваме за нормалност, за патување и работа и училиште. Меѓутоа од летото добивме само горештини, стапката на вакцинирање се намали а делта варијантата разоруваше низ некои сојузни држави, додека пожарите со брутална ефикасност ги десеткуваа другите. И сето ова се случи наеднаш: сè беше добро, и потоа беше лошо, и потоа се вративме во истиот кошмар што го живеевме 18 месеци.

И одеднаш сега пак е време за враќање на училиште додека бројот на случаи расте, враќање на училиште додека пак се води битка за маските, враќање на училиште додека сите под 12 години се уште се невакцинирани. Родителите живеат реприза на најлошата година од нивните животи - само што овој пат, без разлика на сè, децата се враќаат на училиште.

Јас сум татко. Има 6-годишно и 16-годишно дете. И можам да ви кажам дека сум гневен и сум преплашен. Исто така можам да ви кажам дека разликата меѓу оваа и минатата година е што најефикасната алатка за безбедност на нашите деца - настава од дома - не е достапна. Пролетва кога случаите почнаа да се трупаат, речиси секоја област и училиштен борд донесе брза одлука да ја нападнат далечинската настава. Да не ме сфатите погрешно, ова беше ужасна година, и разбирам зошто ја донесоа таа одлука. Меѓутоа сега сме заглавени со целосно, 30 деца во училница, отворени училишта дур делта сојот парчосува.

И ова е стварно тешка ситуација, бидејќи, како родител, се што сакав изминатите година и пол е моите деца да се вратат на училиште - за нивно и мое добро - ама не во овие услови. Сега го посакувам истото она што минатата година едвај функционираше но се уште беше опција, бидејќи другото е далеку полошо.

Училиштето само што почнува а веќе имаме неверојатни бројки на деца во карантин: 20.000 деца во Мисисипи, 10.000 деца во само една училишна област во Тампа, Флорида. И тие исто така се разболуваат, хоспитализацијата на деца под 17 години низ САД изминатиов месец е најмалку 22% според бројките на ЦДЦ, а секоја недела поставува нови рекорди на педијатриски хоспитализации за пандемијава. Рапидниот раст на ковид-19 случаи меѓу децата ја распарчи ланската често повторувана невистина дека децата не закачуваат ковид-19, и дека дури и да се заразат, не е нешто страшно. Ова беше згодна лага и лесна за верување затоа што најголемиот дел од децата ги чувавме дома. Како што далечинската настава сега не е опција, годинава на најлош можен начин сфаќаме колку беше опасен вирусот за децата.

Секако може да се преземат работи за намалување на ризикот за децата, меѓутоа тие работи само ги потпалуваат распиштените битки кои се водат низ земјава. Маскирањето, најлесното решени за намалување на ширењето на ковид-19, е во сржта на овие битки. 14 сојузни држави бараат задолжително носење маски во училиштата, 8 ја суспендираа можноста на локалните власти да ги направат маските задолжителни, а сите други сојузни држави одлуката ја префрлија на локалните власти па родителите се борат околу носење или не носење маски. И сето ова претпоставува дека борбата треба да биде околу маските, не околу можноста за враќање на он-лајн наставата се додека секое дете не се вакцинира.

Сето ова е доволно за да расплачеш кој било родител, само што секој родител што јас го познавам одамна е истрошен - барем јас знам за себе. Истрошени солзи, истрошена енергија, истрошено трпение. За време на овие 18 месеци ние ги менаџиравме животите на нашите деца на најдобар начин што можевме додека ги запоставивме нашите. Ова не беше одржливо тогаш, не е одржливо ни сега, и без разлика каков нов пекол ќе донесе претстојната училишна година, тоа и понатаму ќе биде неодржливо.

И покрај сето ова некако се очекува дека родителите ќе бидат океј. Се очекува дека ќе ги пуштиме децата Бог знае каде, за да продолжиме со нашата работа и со нашите животи како ништо да не е погрешно, и така да издржиме со месеци а можеби и со години без да гледаме излез од сето тоа. Ова не е океј. Ништо не е океј. Ниту еден родител не е океј, и не сум сигурен како ќе се вратиме од ова.

Родителите веќе не се пред прегорување. Прегорени сме. И сепак ќе продолжиме да тераме затоа што тоа е тоа што го правиме: ги собираме сите наши парчиња и потоа ги составуваме. И понатаму тераме целите распукани и искршени затоа што немаме друг избори. И се молиме дека само ако можеме да продолжиме да тераме, и нашите деца ќе преживеат.

Ден Синкер,
Атлантик

26 август 2021 - 12:43