Пригожин го ослабе Путин и си направи беља за цел живот

Без разлика кои беа вистинските намери на водачот на Вагнер, Владимир Путин не вади туку-така тенкови во Москва и не одржува вонредни обраќања до нацијата. Нејасно е зошто Пригожин тргна, уште понејасно зошто запре и се сврти назад. Но, тој тргна против рускиот врв во време на војна. Би било наивно да му се предвиди долг и просперитетен живот.  

Толку многу објаснувања се свртеа за постапките и судбината на водачот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, по неговиот краткотраен вооружен бунт, што е потребно да се утврдат неколку точки на самиот почеток.

Прво, рускиот претседател Владимир Путин не прави од каприц вонредни обраќања до нацијата, како што направи во саботата во 10 часот по московско време.

Второ, не е добро за авторитетот на кој било национален лидер да признае дека воени објекти клучни за водење на војна - во овој случај, штабот и аеродромот во Ростов на Дон заземени од Пригожин, се надвор од централната контрола. Ова е двојно штетно за Путин, лидер чија поддршка од народот дојде со враќањето на стабилноста после хаосот и колапсот во 1990-тите.

Трето, Пригожин, основач, финансиер и водач на 25 илјадниот Вагнер, не се поставуваше како алтернативен лидер на Русија. Тој го предизвикуваше рускиот воен естаблишмент и неговото водење на војната во Украина.

Четврто, Пригожин, како и многумина од оние кои заработија пари во хаотичните 1990-ти, се верува дека има - или имал - врски со криминалното подземје. Тој беше во бизнисот со ресторани пред да се разграни во воената сфера и го запозна Путин кога и двајцата работеа во Санкт Петербург. Сега има 62 години и досега не дал навестувања за какви било политички амбиции.

Сето горенаведено ги прави неверодостојни шпекулативните теории дека Путин и Кремљ ја исценирале целата работа за да обезбедат елегантно покритие за распуштањето на Вагнер, или како финта за да се прикријат движења на руските трупи кон украинскиот фронт.

Уште помалку убедливо е тврдењето дека Пригожин бил платен или уценуван од западните разузнавачки служби. Тој е жесток руски националист. Неговите замерки не се дека Русија ја нападна Украина, туку дека државата била и неспособна и премногу мека во водењето на војната. Никој во западното разузнавање не го гледа Пригожин како посакувана алтернатива на Путин и чувар на нуклеарните клучеви на Русија.

Постојат две веројатни причини зошто Пригожин така постапи. Можеби заради чувството дека успехот на Вагнер во исцрпувачката битка за Бахмут не било ценето колку што требало од страна на рускиот врв. И дека Москва требаше да биде подарежлива со испораките на оружје и опрема отколку што беше. Се чини дека последната капка беше барањето војниците на Вагнер да потпишат договори со руските вооружени сили. Како што гледа Пригожин, ова ќе му стави крај на автономниот статус на Вагнер и потенцијално ќе му ги одземе парите и моќта.

Тој повлече дел од Вагнеровите сили од Украина и ги презеде воените објекти во Ростов на Дон во рок од 24 часа, без отпор. Колку далеку неговиот конвој напреднал кон Москва не е дефинитивно утврдено, но се чини дека стигнал повеќе од половина пат - повторно, без отпор. Ова не мора да значи дека Пригожин и Вагнер уживаат воена или друга популарност, тоа едноставно може да значи дека Русите не сакаат конфликт или дека немаат поим што се случува.

Она што е потешко да се разбере е зошто Пригожин го запре „Маршот за правда“ и се согласи на услови кои се чини дека водат кон распуштање на Вагнер. Се зборуваше за огромен поткуп или за закани од Кремљ за неговото семејство, што не е исклучено. Но, се чини дека ниту едното ниту другото не би поколебало некого кој има амбиција да го предизвика врвот во Москва. Вистинските услови на договорот постигнат со посредство на Лукашенко не се јавни и можеби никогаш нема да бидат јавни. Се појавија снимки од рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, што сугерира дека барањето на Пригожин за негова смена не е исполнето, или барем не уште. Дали началникот на Генералштабот на Русија, Валери Герасимов (уште еден скалп што го бара Пригожин) е сè уште на место или не, помалку е јасно.

Ниту пак, е јасно дали Пригожин заминал во егзил, во Белорусија или друго место. Некои предвидуваат дека тој може целосно да ја напушти Европа, за да се концентрира на активностите на Вагнер во делови од Африка, поточно во Мали и Централноафриканската Република, каде платеничката група е активна веќе неколку години. И ова може да биде решение, како за него, така и за Путин.

Од друга страна, има и такви кои прогнозираат дека тој наскоро би можел да се врати, по барање на Кремљ на кој му треба воено засилување. Какви и да се непосредните планови на Евгениј Пригожин, би било глупаво да му се предвиди долг и просперитетен живот.

Тој тргна против врвот на Русија во време на војна. Без разлика дали го имал Путин на нишан или не, тој сега ќе биде маркиран човек. До крајот на животот ќе треба да внимава на отрови, стоење до прозорец или влегување во автомобили под кои има експлозив. Без разлика дали ќе се пресели во Мали или Минск.

Мари Дајевски,
дописничка за Тајмс од Москва од 1988 до 1992

27 јуни 2023 - 14:19