Преговарајте со Москва за да ставите крај на војната во Украина и да спречите нуклеарно уништување

Њујорк тајмс во четвртокот објави дека администрацијата на Бајден размислува да и дозволи на Украина да ги користи НАТО проектилите со голем домет за гаѓање на мети длабоко на руска територија. Таквата одлука ќе го стави светот во поголем ризик од нуклеарен судар отколку Кубанската ракетна криза, пишуваат во заедничката колумна Роберт Кенеди помладиот и Доналд Трамп помладиот.

Во време кога американските лидери треба да бидат фокусирани на наоѓање дипломатска скратена патека за војна која никогаш не требаше да биде дозволено да почне, администрацијата на Бајден и Харис наместо тоа започнува политика за која Русија порачува дека ќе ја толкува како чин на војна. По зборовите на Владимир Путин, ударите со голем домет на Русија „ќе значат дека НАТО земјите - САД и Европа - се во војна со Русија.“

Некои американски аналитичари веруваат дека Путин блефира, и повикуваат да не се паѓа на блефот. Како што извести Тајмс „олеснувањето на рестрикциите на западно оружје нема да ја натера Москва да ескалира,' напишаа 17 поранешни амбасадори и генерали во писмо до американската администрација.' Ова го знаеме затоа што Украина веќе гаѓа територија што Русија ја смета за своја, вклучително Крим и Курск, со овие оружја а реакцијата на Москва останува непроменета.“

Овие аналитичари мешаат воздржување со слабост. Во основа тие се залагаат за стратегија на одење по жица. Секоја ескалација, од ХИМАРС до кластер бомби до Абрамси до Ф-16 и АТАЦМС, не вовлекува поблизу до Армагедон. Нивната логика е дека ако подбуцнуваш мечката пет пати, безбедно е да ја подбуцнеш дури посилно и шести пат.

Таква стратегија можеби е разумна доколку мечката нема заби. Најагресивните во администрацијата на Бајден како да заборавија дека Русија е нуклеарна сила. Тие ја заборавија и мудроста на Џон Кенеди кој во 1963 порача „нуклеарните сили мора да ги избегнуваат конфронтациите кои ќе го доведат непријателот да избира или понижувачко повлекување или нуклеарна војна.“

Овој совет треба сериозно да го сфатиме. Путин бројни пати сигнализираше дека Русија ќе искористи нуклеарно оружје во екстремна ситуација. Во септември 2022, Путин порача „ако е загрозен територијалниот интегритет на нашата држава, ние без сомнеж ќе ги искористиме сите достапни средства за заштита на Русија и нашите луѓе - ова не е блеф.“ Во март 2023 тој склучи договор со Белорусија за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје. На почетокот од месецов, заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, објави дека Русија ќе ја коригира својата нуклеарна доктрина како одговор на западната вмешаност во украинската војна.

Замислете Русија да снабдуваше друга држава со проектили, обука и информации за гаѓање на мети длабоко на американската територија. САД никогаш немаше тоа да го толерираат. Не треба ни од Русија да очекуваме да го толерира.

Оваа игра на нуклеарна „кукавица“ траеше премногу долго. Повеќе не останаа чекори меѓу стрелањето американски проектили длабоко на руска територија и активирање на нуклеарките. Не смееме повеќе од ова да се приближиме до работ.

И за што? За да ја „ослабеме Русија“? За да ги контролираме украинските минерали? Ниту еден витален американски интерес не е под знак прашање. Ризикот од нуклеарен конфликт заради атер на нео-конзервативната фантазија за глобална „доминација на полн-спектар“ е лудило.

Воената треска меѓу американскиот дипломатски естаблишмент е толку висока што е тешко да се каже дали тие веруваат во сопствената реторика. На претседателската дебата, потпретседателката Камала Харис создаде слика на руски војници како ја газат Европа. Секако таа мора да знае колку е ова апсурдно. Прво и основно, Русија едвај може да освои неколку провинции во Украина, која во никој случај не е една од големите сили на Европа.

Второ, Русија беше јасна околу целите на војната уште од почетокот - меѓу нив најважна беше украинската неутралност и запирањето на проширувањето на НАТО на исток. По стотици илјади изгубени животи и потрошени стотици милијарди долари, никој не е во подобра позиција, ниту Европа, ниту Америка, а сигурно не Украина.

Веќе е крајно време за деескалација на конфликтот. Ова е поважно од кое било политичко прашање за кое расправа нашата нација. Нуклеарна војна ќе значи крај на нашата цивилизација, можеби и крај на човековиот род.

Поранешниот претседател Доналд Трамп вети дека ќе стави крај на војната, меѓутоа додека тој дојде на власт, може да биде и премногу доцна. Треба да бараме, веднаш, Харис и претседателот Бајден да ја запрат својата луда воена агенда и да отворат директни преговори со Москва.

Роберт Кенеди помладиот и Доналд Трамп помладиот,
Хил

18 септември 2024 - 15:06