Исповед на легендарното перо на Џубокс, Време, Ферал....

Петар Луковиќ: Живот со карцином

Се надевам, Перо, дека сте здрави и весели, ми пишува неодамна еден читател на XXZ не знаејќи дека не можам искрено да му одговорам бидејќи ми дијагностицираа рак на белите дробови, а ми се чини дека поради тоа баш и не сум највесел.

Вистина е: минатите два месеца десет пати повеќе бев по амбуланти, болници, приватни клиники, клинички центри отколку во редакцијата каде теоретски би можел да бидам здрав и весел, ама ете, не било така судено. Морав на рентген, па на скенер, па на две бронхоскопии, да не ги давам читателите опседнати со здравјето со премногу детали; она што е битно и од неколку извори потврдено е дека ја имам таа подмолна болест.

Кога првиот пат ми кажаа дека се сомневаат во тумор на белите дробови, не помислив веднаш само на дежурниот задолжителен виновник - цигарите, со кои се дружев со децении, уверен во рекламниот слоган кој викаше дека со цигарата „не си сам“. Сигурно е дека мојата никотинска зависност не ми донела ништо добро, напротив, но уште пред 4-5-6 години бев убеден дека она што се случува околу е-новине (претходниот портал на Луковиќ кој денес е згаснат - н.з.) е сигурен пат кон самоуништување. И самиот се чудев како ја преживеав (!) хајката против порталот, како останав на нозе после шеесетина судења со идиоти од разни облици или како избегнав мозочни и други удари кога се откри дека покрај надворешниот, имаме и внатрешен непријател, некогашниот директор Б. Јелиќ кој пред мој нос, користејќи ја функцијата, печатот и мојата дебилна и неограничена доверба, со години нè пљачкал и ги земал парите кои ние со тешки маки ги заработувавме. А тоа траеше 4 години. И остави лузни.

Се продолжи со луди тужби и уште полуди финансиски барања. Мислам дека ќе се онесвестев во една адвокатска канцеларија кога дознав дека ми се заканува запленување на станот ако не ѝ платам 12.000 евра на големата опозициона ѕвезда на црногорското новинарство, Милка Тадиќ. 12.000 евра е најголемата казна изречена за новинар во Србија. И таа казна не ја платија е-новине туку лично јас. Со колку стрес, дури сега се прашувам.

На судење во 2017 година против Наталија Девиќ (која иако беше мета на целата јавност заради нејзин скандалозен и расистички текст објавен во „Данас“, одбра да ги тужи е-новине) се случи чудо: за првпат во својата неславна правосудна историја, после 62 порази по сите можни судови, е-новине го добија спорот против Н. Девиќ. Курац го добија! Жената се жалела, Апелаиониот суд ја поништи нашата победа, ми стигнува позив за ново рочиште....

Се погаѓа тој ден да мора да одам на Пулмологија во Клиничкиот ценатр за да добијам прелиминарна дијагноза - дали е карцином или, каму среќа, да е некој јак бронхитис. Едвај стигнувам до Палатата на неправдата, ја наоѓам судијката, ѝ го покажувам упатот за Пулмологија, едвај се смилува да прими фотокопија од упатот, со едно кисело „па добро, ако баш морате во болница.“ 

Тогаш на Пулмо, за првпат од уста на лекар го чув тој збор - карцином и се чувствував како да ме удрил воз во полна брзина, во главата ми се вртеше, прашував нешто глупо и тргнав да си одам. Одејќи по празниот болнички ходник ми заѕвонува телефонот, не се гледа бројот, помислувам дека ме бара сестра ми, се јавувам а метален женски глас ми соопштува дека се јавува од канцеларијата на судскиот извршител бидејќи не сум платил две рати за тужителката Радмила Лазиќ, ѕвездата на Пешчаник, која исто така, негува тешка душевна болка од мене. Зошто молчите, господине Луковиќ, се губи сигналот, господине Луковиќ, каде сте, господине Луковиќ? Ми доаѓа да ѝ кажам дека сум у пизду материну и дека ова е најпогрешното време од сите времиња да ме прашува за пари кои ги немам, зашто имам карцином, само што тој не влегува во душевна болка.

Таа вечер стигнав дома во потполна депресија окована со плач. Туморот не е најстрашната работа, сè додека постојат Девиќ, Лазаревиќ и Вишиот суд.

И што сега? Прво хемотерапија, па после ако сè биде во ред - операција. Во меѓувреме, секој лекар, секој професор, секој кој ќе ми се јави ми дава едно единствено упатство: немој да потклекнеш, немој да потонеш, продолжи да работиш колку што можеш, држи се, мора да се бориш....

Овој текст е дел од таа борба. Ќе се трудиме со минијатурната XXZ редакција да ги преживееме овие тешки моменти и да продолжиме да работиме. Помош на порталот и лично мене ни е понеопходна од кога било порано; ќе бидам искрен, оваа болест бара многу пари за испитување и лечење па затоа донации од читатели се еден од начините некако да ги пребродиме овие тешки времиња.

Посебно апелирам на читателите да ми се јават, можеби некој од вас знае нешто што јас не го знам, можеби ќе помогне некој совет или порака. Моите меилови се petar.lukovic@xxzmagazin.com и xz99@beotel.net  (пишете на двата бидејќи не ќе можам да доаѓам секој ден во редакција).

Конечно, ако успееме со ваша помош да го одржиме магазинот XXZ, на сите ќе ни биде полесно. Ова е наша заедничка платформа, место на кое можеме едни на други да си помагаме и во најтешките моменти. 

Затиоа однапред, на сите - фала.

Петар Луковиќ

*******

Види и:

Перо Луковиќ за жирафата на Палма

Од албумот на Петар Луковиќ

 

20 декември 2019 - 11:25