Пакомак ги исполни националните цели

Преку системот на Пакомак се собраа и преработија 11.500 тони амбалажен отпад или 31 тон дневно, со што се спаси шума од 110.500 дрва.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) позитивно го оцени годишниот извештај за постапување со отпад од пакување доставен од страна на компанијата Пакомак. Според него преку системот на Пакомак се собраа и преработија 11500 тони амбалажен отпад, од што 6500 тони хартија, 4030 тони пластика, 882 тони стакло (кое досега никој не го собираше, а нема ниту интерес кај домашен капацитет за рециклирање), како и композит, метал и дрво што претставува 27,35% од пријавените количини, со што се исполнети националните цели за 2014 година.

Пакомак уште со самиот почеток на своето работење го прифати предизвикот за зачувување на природните богатства на одржлив начин како и обврската да се грижи и да ја сочуваат природата и околината за следните генерации. Доколку се земе во предвид светски познататa калкулација дека 1 тон рециклирана отпадна хартија спасува 17 дрва, заштедува 26 m3 вода, 320 л. нафта, 4.000 kWh електрична енергија и 2,3 m3 место за одложување на отпадот, во тој случај придонесот на Пакомак во 2014 година за заштита на околината само од рециклирањето на хартија на сликовит начин би изгледал вака: со рециклирање на отпадната хартија спасена е шума од 110,500 дрвја и заштедено е вода потребна да наполни 56 олимписки базени, заштедена е електрична енергија која би ја потрошиле 5200 семејства во трособен стан во период од една година, заштедено е приближно околу 2.080.000 литри нафта и намалено е оптеретувањето на местото наменето за складирање на отпадот за 14900 m3.

МЖСПП позитивно ги оцени и сите активности на Пакомак поврзани со едукација, вложување во инфраструктура и сите други активности кои се реализираат а кои се од интерес на пошироката јавност, а со кои се придонесува кон создавање почиста и поубава животна средина.

Најголемите македонски компании кои се здружени во системот за управување со амбалажен отпад на ПАКОМАК создаваат нешто повеќе од 42.000 тони амбалажа, што претставува над 39% од вкупниот амбалажен отпад што годишно се создава во Македонија. Пакомак соработува со повеќе општини во Македонија на различни проекти преку кои се зголемува капацитетот на комуналните претпријатија за селективно собирање на амбалажата од производите. За истакнување е донацијата на камиони за собирање отпад во Тетово, како и донација на амбалажни контејнери во неколку други општини, со кои значајно се подобри комуналната инфраструктура.

„И натаму ќе продолжиме со инвестиции во комунална инфраструктура во градовите низ републиката, бидејќи во повеќето општини се уште нема доволно контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање. Наша цел е интензивирање на соработката со локалните самоуправи, и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Многу е важна и улогата на граѓаните, кои треба да дадат свој личен придонес, односно во одделна кеса да ги собираат пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, се разбира во оние место каде нив ги има. Со тоа сите ние заеднички придонесуваме да имаме почиста земја, правејќи заштеда на природните ресурси, енергија и почваˮ- е ставот на Филип Ивановски директор на Пакомак.

Од 01.01.2011 во Македонија на сила е Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Согласно овој закон, сите компании кои произведуваат или увезуваат производи во Македонија, должни се да организираат систем со кој отпадот од амбалажата на нивните производи ќе се собере и однесе на рециклирање или енергетско искористување. Какво било отстапување од законската регулатива може сосема да го наруши концептот на законот и да ги девалвира сите досегашни напори за негова имплементација.


Пакомак е компанија основана од 11 водечки производствени компании во Македонија (Пивара Скопје АД Скопје; Прилепска Пиварница АД Прилеп; Витаминка АД Прилеп; Пелистерка ДОО Скопје; Магрони ДОО Скопје; Кодинг Дооел Кавадарци; Кожуфчанка; ДОО Кавадарци; Вивакс Дооел Скопје; Благој Ѓорев АД Велес; ВВ Тиквеш АД; ВВ Стоби АД). Компанијата "Пакомак" е прва во Македонија која од Министерството за животна средина и просторно планирање доби дозвола за селекција и преработка на отпадот од амбалажи. Намалување на дивите депонии, продолжување на животниот век на постоечките депонии, рециклирање на над 60% од амбалажниот материјал и негово енергетско искористување е крајна цел на Пакомак.

(комерцијален текст)

24 јули 2015 - 14:27