Ако Кина ја избутка Америка од позицијата светска сила број еден, освен очигледните економски и стратешки последици од крајот на американската империја, тоа ќе има длабоки емоционални и психолошки ефекти врз општеството кое својата хегемонија ја зема здраво за готово повеќе од три четвртини век.
„Патот на солзите“ пред кој се наоѓаат САД најверојатно ќе опфати промена на доларот како најбитна глобална валута, признавање дека на јужнокинеските мориња веќе нема да може да шпарта американската морнарица, сознание дека Африка е дефакто колонизирана од Кина, а можно е и голтање на Украина од Русија како и на Тајван од Кина.
Ако САД го задржат својот сегашен курс, Американците треба да се подготват за еден век понижувачки повлекувања.
Аналогија може да се направи со британската империја и долгогодишното тагување на Британците откако Индија стана независна во 1947 година. За само една и пол генерација, најголемата империја во историјата на човештвото беше сведена на тоа да се тепа со Аргентина за Фолкландските Острови. Со оглед на тоа што империите растат и паѓаат побрзо во модерната отколку во античката историја, што може да нè научи британската загуба на империјата за можниот пад на Америка?
Корисна алатка за разбирање како Британците полека се приспособуваа на нивното повоено губење на моќта и престижот е познатиот Кублер-Росов циклус на тагување - процес од пет фази преку кој поединците се справуваат со трагедијата, жалоста или сознанието за неизбежна смрт.
Првата фаза од циклусот Кублер-Рос е одрекувањето, што беше првичната реакција на британската влада после губењето на скапоцениот камен во британската империјална круна. Тогашната лабуристичка влада, без оглед на својот идеолошки анти-империјализам, инсистираше на тоа дека Индија ќе остане дел од Комонвелтот и приврзана кон западниот антикомунистички блок.
Америка веќе е во таа фаза на одрекување. Говорите на Бајден во врска со прекутрупа повлекувањето од Авганистан, ја издаваат психолошката симптоматика на првата фаза од циклусот Кублер-Рос.
„Синоќа во Кабул САД ставија крај на 20-годишната војна во Авганистан - најдолгата војна во американската историја. Реализиравме еден од најголемите воздушни транспорти во историјата, со повеќе од 120.000 луѓе евакуирани на безбедно. … Ниту една нација никогаш не направила нешто слично во целата историја. Само Соединетите Американски Држави имаа капацитет, волја и способност да го направат тоа, а ние тоа го направивме денес“.
Всушност, многу нации имаат капацитет, волја и способност да губат војни, само што САД го немаат тоа направено уште од Виетнам.
Британија беше извадена од нејзината фаза на одрекување со Суецката криза од 1956 година, помалку од една деценија по загубата на Индија. Втората фаза од циклусот Кублер-Рос е гневот. Улогата на САД во принудувањето на понижувачко повлекување на Велика Британија по успешната воена операција, испрати голем број конзервативци во доживотен антиамериканизам. Гневот во британската политика беше очигледен и во активностите на Лигата на лојалистите на империјата, која ги прекина политичките состаноци во раните 1960-ти.
Способноста за гневност во модерната американска политика се виде на настаните во Капитол од 6-ти јануари 2021 година. Престојните избори во ноември 2022 година можеби ќе покажат дел од тој гнев поради американското губење на хегемонијата. Тоа ќе биде првпат американскиот електорат да излезе на гласање после авганистанската катастрофа. Гневот кон демократите најверојатно ќе резултира со нивно губење на Претставничкиот дом и сведување на Бајден на вд претстедател кој само мора да го доседи мандатот.
Третата фаза се преговорите. Британија влезе во таа фаза во 1960-тите кога го направи рационалниот избор да се прилепат кон САД; како шо тоа го опиша премиерот Харолд Мекмилан, „да се обиде да стане Грција на американскиот Рим“. Неговиот однос со претседателот Кенеди и поддршката за време на кубанската ракетна криза беа темелите на новиот специјален однос.
Останува да се види што ќе направат САД во нивната фаза на преговори. Секако, таа почнува во неповолна положба бидејќи Бајден е инфериорен преговарач во однос на кинескиот или рускиот претседател кои постојано успеваат да го надиграат. Затоа под знак прашање е дека САД ќе можат успешно да преговараат со нивните ривали откако ќе бидат демисионирани како број еден сила во светот.
Кога Британија влезе во четвртата фаза, фаза на депресија, сите беа свесни за националниот пад. Таа доживеа депресија и во метафизичка и во материјална смисла. Во таа мачна деценија, Британија доживеа тројно зголемување на цената на нафтата на ОПЕК, насилства на ИРА во Северна Ирска; штрајк на рударите, стагфлација, замрзнување на цените и приходите и синдикалната милитантност што го загрози приматот на Парламентот. Најлошиот развој се случи кога Британија му го сврте грбот на Комонвелтот и се приклучи на Европската економска заедница во 1973 година. Само земја во тешка депресија, ниска самодоверба и историска амнезија можеше да направи такво нешто.
Кога САД ќе сфатат дека веќе не се важни во светот како некогаш, дека нивните клучни сојузници се дистанцираат и флертуваат со Кина и дека има мал простор да се стори нешто околу тоа, тогаш депресијата ќе ја мавне Америка. Ќе биде збунета и нерасположена. Ќе бидат тоа грди времиња.
Во 1980-тите, Британија ја прифати петтата и последна фаза од циклусот - прифаќање. Ова беше дело на една личност, Маргарет Тачер. Успехот на Фолкландската војна ја победи тагата од понижувањата на Суец а победата во Студената војна, во чија завршна етапа Британија беше во близок сојуз со Роналд Реган, конечно ги затвори раните од загубата на империјата. Иако таа никогаш повеќе не можеше да биде број еден, тоа барем стана нејзиниот близок сојузник, САД.
За модерна Америка, прифаќањето на падот не може да донесе такво чувство на затворање на раните поради природата на државата-наследник. Секој аспект на Кина е целосно спротивен на американските вредности. Британската држава-наследник го сподели нејзиниот јазик, обичајното право, либералните принципи, слободниот пазар и погледот на светот. Соединетите Држави не можат да најдат таква утеха кога ѕиркаат во нивната постимперијална иднина. За Америка, таа последна фаза има поголеми опасности од другите четири заедно. Тоа за слободниот свет ќе бидат „години кои ги изедоа скакулците.“
Дали сето ова е неизбежно? Не, ако САД можат уште еднаш да го зграпчат лидерството на Западот наместо да тонат во самоуништувачки и длабоко декадентни опсесии со сопствените грешки, реални и замислени. Тие треба да ги послушаат зборовите на Винстон Черчил за време на дебатата во Минхен на 5 октомври 1938 година. „Немојте да претпоставувате дека тука е крајот. Ова е само почеток на пресметката. Ова е само првата голтка, првиот предвкус на горчливата чаша што ќе ни се принесува од година во година, освен ако со супериорно закрепнување на моралното здравје и силата за битки, повторно не се подигнеме и не застанеме да ја браниме слободата како во старите времиња.”
Претседателот Бајден веќе јасно покажа дека не ги разбира овие зборови или пак не ја сфаќа нивната важност. Во моментов, Американците остануваат преокупирани со тупење околу критичката теорија на расите и бескрајната ревизија на ропството, 158 години по неговото укинување.
Се надевам дека некаде пред Кина да го преземе Тајван, Путин да ја преземе Украина и Иран да ја развие бомбата, Соединетите држави ќе одбијат да се помират со нивниот залез и ќе се решат на супериорно закрепнување на моралното здравје и силата за битки.
Ендрју Робертс,
британски историчар