Оставете го Апу на раат

Баскар Сункара е еден од основачите на левичарскиот Јакобин магазин и Американец со индиско потекло, и како таков неговиот апел е Апу да не биде отстранет од Симпсонови.

Откако карактерот прогресивно го избледуваа, сега изгледа дека Симпсонови се подготвуваат целосно да се откажат од продавачот на Квик-и-март и индиско-американска икона Апу Нахасапимапетилон.

Ок, да речеме индиско-американска. Станува збор за кафеав лик со претеран индиски акцент чиј глас доаѓа од белец (Хенк Азариа).

Апу во последно време доби доста критики по основа дека е расистички приказ на Американците со индиско потекло. Еден од моите омилени комичари, Хари Кондаболу, дури направи и документарец за тоа.

Меѓутоа растејќи во 1990-те, Апу ми беше херој. Гледав стотици епизоди од Симпсонови и илјадници сцени ми се врежани во сеќавањата - меѓутоа ниту една повеќе од крајот на една епизода од 4-та сезона.

Хомер решава да не оди во црква, и дома заспива пушејќи пура. Тој речиси загинува во пожарот кој следува, но за среќа е спасен од Апу - шефот на волонтерите пожарникари - и уште неколку други ликови. Свештеникот Ловџој му кажува на Хомер дека Господ не му ја запалил куќата, туку дека тој делувал преку срцето на неговите пријатели - христијанин (Нед Фландерс), Евреин (Кловнот Красти) и „разно“ (Апу).

Хинду! ќе се побуни Апу. Нè има 700 милиони.

Како припадник на мало малцинство во доминантно бела и христијанска држава беше убаво да се потсетиш дека има речиси уште една милијарда други луѓе на Земјата кои мораа да научат бхаџани, да страдаат за време на бескрајните пуџи, и да ги допираат стапалата на повозрасните членови на своите семејства во знак на почит.

Самото тоа што бевме претставени за мене беше напредок. Мојот однос со Апу беше како мојот однос со татко ми роден во Индија и мајка ми со индиско-тринидадскo потекло: исполнет со моменти на неповторлив срам, меѓутоа и моменти на гордост и благодарност.

Апу беше емоционално развиен лик, многу повеќе отколку другите ликови од Симпсонови, тој се грижеше за своето семејство и неуморно работеше за да ги издржи. Нему исто така му беше дозволено да биде смешен и будалест - тој не беше само во позадина, тој имаше своја приказна, беше нервен, уникатен, а не само статист кој служи за разноликост.

САД денес се неверојатно економски поделени, но можеби ниту една група не е повеќе отколку Американците со индиско потекло. Ние или работиме на бензинска или сме кардиолози на клиника. За актерот Уткарш Амбудкар (Американец со индиско потекло) тоа што Апу нè претставува нас е срам, „идиот со пуштено меше, кој не ни знае да зборува англиски“. Сличен став во документарецот на Кондаболу има и генералниот хирург на САД од времето на Обама, Вивек Мурти.

Изгледа дека секоја медиумска претстава на Индиец во Америка треба да биде Кал Пен како глуми доктор. Меѓутоа многумина од нас работат и на бензинска. Многумина од нас кажуваат работи како „Thank you come again,” затоа што добра услуга е важна кога живееш на самиот раб на општество на кое не му е грижа за луѓе што се мачат - без разлика од каде потекнуваш.

Во одбрана на Кондаболу, тој е умерен низ документарецот и има изразено осуда за идејата дека укинување на Апу ќе биде решение за „проблемот со Апу“. Меѓутоа неговиот филм никогаш не ни кажува што тој точно сака да види - туку е само список на поплаки околу претставувањето.

Во најлошите делови, Кондаболу го споредува Апу со „блекфејс“, како да нема разлика меѓу искуството на црните Американци и она на имигрантите од Јужна Азија во тоа време или денес. „Сите ние сме луѓе од боја кои се борат против белецот,“ може да привлече аплауз од денешниот либерален коментаријат, меѓутоа тоа е аисториско разбирање на репресијата во Америка.

Можеби ќе помогнеше ако Кондаболу разговараше со поинаква постава на луѓе за тоа што Апу им значи на нив. За документарецот претежно се интервјуирани познати глумци Американци со индиско потекло. Во документарецот луѓе кои изгледаа најмалку вознемирени од тоа што погледнаа клип со Апу беа родителите на Кондаболу. Претпоставувам најголемиот број Американци со индиско потекло исто се чувствуваат.

Но за среќа денес имаме многу повеќе од Апу. Ја имаме Минди Колинг, Азис Ансари - и немој да дозволиш белиот ѓавол да те натера да заборавиш дека сер Бен Кингзли всушност е Кришна Пандит Банџи.

Имајќи го ова предвид јас ќе ги задржам најдобрите сеќавања што ги имам од Апу. Во епизода од седмата сезона на Симпсонови, нашиот индиски херој се соочува со можна депортација по една ксенофобна кампања започната од градоначалникот Квимби. Во знак на поддршка Хомер успева да собере луѓе против анти-имигрантскиот предлог на градоначалникот, а Лиза му помага на Апу да го реши тестот за државјанство.

Откако станува државјанин на САД, Апу добива писмо во кое тој се повикува да биде поротник. Тој левтерно го фрла писмото во корпа. Јас не можам да замислам подобар приказ на човек со боја во медиумите - ниту како предмет на осуда ниту како фетишизиран, туку човек што се обидува да го тера животот како и сите други.

Баскар Сункара

2 ноември 2018 - 13:31