Новиот колонијализам: пребогати држави со премногу вишок вакцини

До средината на февруари 130 држави низ светот се уште немаа дадено ниту една доза на вакцина против ковид, а САД веќе имаа три пати повеќе вакцини отколку целата нивна популација.

Старите колонијални линии се обновени. Како што западните нации се повеќе се приближуваат до вакцинирање на целите свои популации, најголемиот дел од остатокот од планетата живее во страв од новите ковид варијанти и долгорочното влијание на пандемијата и економските последици од нејзе. САД се снабди со доволно вакцини за три пати поголема популација. Во исто време, според УНИЦЕФ, 130 држави до средината на февруари немаа дадено ниту една вакцина, а некои држави нема да имаат масовен пристап до вакцините се до 2023. Иако има прашања околу нерамномерната распределба на вакцините и во рамките на западните држави како САД и Британија, поголемиот проблем е како алчноста на владите - и корпорациите кои им вршат притисок - доведе до нова и опасна форма на глобална нееднаквост.

САД, во недостаток на подобар термин, трупаат вакцини. Сето ова започна со Доналд Трамп и неговото одбивање да учествува во Ковакс, глобалната иницијатива чија цел е дистрибуција на 2 милијарди вакцини на земјите кои нема да можат да ги обезбедат. Џо Бајден се приклучи кон Ковакс меѓутоа во најголем дел го симна приоритетот на оргазницацијата во име на тоа да осигура дека Американците први ќе се вакцинираат - дури и ако тоа значи огромни количини вакцини да останат неискористени. По одредени критики, Бајден се согласи да дистрибуира дел од вишокот вакцини во Мексико и Канада. Ова е помалку акт на дарежливост отколку акт на само-интерес, чија цел е да се осигури дека процесот на вакцинација во САД нема да биде нарушен од невакцинираните нации на границите. Во вистински американски стил, овие вакцини во основа се позајмица.

Канада исто така се приоретизира себе си на трошок на другите нации. Нивното производство на вакцини е искомпликувано од приватизирање на државната лабораторија за вакцини. И покрај значителните меѓународни критики, Канада одлучи да го користи Ковакс за сопствени потреби - и да се снабди со 1,9 милиони вакцини кои во основа беа наменети за посиромашните нации.

Остатокот од Западот се однесува на сличен начин. Како што тоа го опишува февруарскиот текст во Конверзејшн:

„ЕУ имаа нарачано 1,6 милијарди дози за својата возрасна популација од околу 375 милиони... Британија има нарачано 219 целосни вакцинации за 54 милиони возрасни (вишок од 165 милиони), а Канада нарачала 188 целосни вакцинации за своите 32 милиони возрасни (вишок од 156 милиони).“

Тука вината не е целосно на самите држави; најголем број од вакцините бараат две дози, па имање некој вишок сосема има смисла. Сепак јасно е дека овие држави претерале во износ од стотици милиони дози. Корпорациите засилуваат најголем дел од нееднаквоста со која се соочуваме и создаваат лажен дефицит на нешто што треба да биде глобално јавно добро. Вакцините би можеле да се произведуваат низ цел свет, меѓутоа патентите кои се во сопственост на фармацевтските компании го спречуваат тоа. Универзитетот Оксфорд првично вети дека ќе создаде „опен-сорс“ вакцина која ќе може да биде реплицирана од секој што ќе има капацитет за тоа. Ова ќе дозволи државите кои децении и векови беа под колонијализам, и неговата модерна форма главно спроведувана од корпорациите, да произведуваат сопствени вакцини. За жал Бил и Мелинда Гејтс фондацијата, која практикува сопствена форма на колонијализам преку манипулирање на здравствените системи на цели држави, го спречи ова и го натера Оксфорд да потпише ексклузивен договор со британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека, на која и ги даде сите права без никаков услов околу цената на вакцините. Иако има голем број неверојатниi теории на заговор околу Бил Гејтс и вакцините, оваа очигледна, вистинска штета привлече многу малку гнев.

Постои јасен морален императив за по фер дистрибуција на вакцините и ослободување на патентите за вакцините. Богатството на Европа и САД е изградено и се уште се одржува преку експлоатација на глобалниот југ, а западните држави е многу поверојатно да можат да го издржат долгорочниот ефект на ковидот. Помалку богатите држави и понатаму ќе страдаат од парализирачките последици и најверојатно ќе бидат дополнително втурнати во кругот на бескрајна задолженост од позајмиците кои всушност би требало да бидат обештетување кога би живееле во поправичен свет. Исто така, тоа што се дозволува ковид да продолжи да се жири каде било на планетата само ја зголемува веројатноста вирусот да мутира и да се врати назад како закана за држави како САД, кои освен набавката на вакцини, комплетно се посрамија со својата реакција на ковид. Ова го зголемува ризикот од кошмарното сценарио на перманентна пандемија.

Ние сме опасно блиску до ерата во која вакцинираните и невакцинираните држави ќе станат нов слој врз имотните и не имотните, колонизаторите и колонизираните, богатите и сиромашните. Ние мора да дадеме отпор на новиот апартхејд и наместо тоа да инвестираме во глобални решенија за вакцинирање кои ќе ја прекинат неколкувековната динамика на експлоатирачки однос.

Акин Ола,
Гардијан

14 април 2021 - 14:15