Мултикултурализмот е мазохистички национализам

Најголемите поборници на мултикултурализмот ја мразат својата нација со ист жар како што старомодните националисти ја слават.

Токму Џорџ Орвел во својот есеј од 1945 „Белешки за национализмот“ доаѓа до формулацијата „негативен национализам“, некој што е опседнат со мразењето за својата национална култура.

Негативниот националист, пишува Орвел, наопаку ги врти чувствата на старомодниот позитивен националист. Додека позитивниот националист вон сите граници ја почитува и слави историјата и културата на својата земја, негативниот националист ја понижува и презира вон сите граници. Додека позитивниот националист ја издига својата нација над сите други, негативниот националист секогаш неповолно ја споредува со другите.

На многу начини негативниот националист на Орвел наликува на денешниот мултикултуралист. Според сите важни аспекти мултикултуралистот е националист. Само што неговиот национализам е „трансфериран“ на далечна и егзотична култура. Тој дури зборува и за истите работи за кои зборува позитивниот националист - корени, култура, историја - и тој тоа го прави со иста сентименталност и романтичарство како и позитивниот националист.

Дали има разлика меѓу старомодниот национализам и „трансфериранот национализам“ на мултикултуралистите? Да, ама главно се сведува на географија. Додека класичен националист постојано зборува за „нашите“ корени и „нашата“ култура, трансфериранот националист бескрајно зборува за предностите на „нивната“ култура и „нивните“ корени. Како пример земете ја шведската политичарка Мона Схалин, која ја осуди шведската култура како „бесмислена“ додека турската култура ја нарече „далеку порафинирана и поавтентична“. Ова и понатаму е форма на национализам. Како што Орвел тврдеше, националистот има силни емоционални врски со својата сопствена култура, додека негативниот националист, или мултикултуралист, „има избрано да ја удави својата индивидуалност“ во прекуморските култури.

Секако, за разлика од отворените националисти, негативните националисти, како мултикултуралистите, ќе го негираат својот национализам. Наместо тоа тие обемно ќе зборуваат за опасностите од национализмот и ќе се претставуваат себе си како интернационалисти - односно противници на национализмот. Меѓутоа нивните зборови ќе бидат предадени од постојаното издигнување на туѓите култури и понижување на сопствената. Тие можеби се имаат одделено од класичниот национализам, меѓутоа не се ништо поблиску до вистинскиот интернационализам. Нивниот целосен политички светоглед одразува копија на старомодниот позитивен национализам.

Дополнително, пасионираноста со која овие трансферирани националисти зборуваат во име на егзотичните култури прави да се замислиш да не всушност пред себе гледаш националисти со исклучителна ревносност. Целосно свесни дека какво било изразување на таква национално-романтична екстаза дома би било еднакво на политичко самоубиство, тие го пакуваат сиот свој фрустриран национализам во куфер, пред смирено да го отпакуваат на друго место, можеби во некоја далечна муслиманска теократија. И кога еднаш ќе бидат таму, тие ги ослободуваат своите реакционерни идеи кои дома се сметаат за политички отровни, од религиозно насилство до потчинетост на жените.

Оттаму негативниот национализам често пати резултира со ужасна хипокризија. Мултикултуралистот може да тврди „мојот националистички култ е прекрасен, но твојот е фашизам“. Трансферираните националисти и понатаму оддаваат почит на прогресивните вредности, додека во пракса ги предаваат.

Исто така има силен мазохистички елемент во негативниот национализам. Всушност, би рекол дека, како што мазохистот доживува сексуално задоволство преку себе-понижување во контекст на доминација, така и мазохистот националист доживува политичко задоволство преку себе-омраза во контекст на политичка доминација.

Орвел го забележал овој мазохистички елемент меѓу англиските левичарски интелектуалци за време на Втората светска војна: „Тие, секако, не сакаат Германците или Јапонците да победат во војната, меѓутоа голем број од нив не можеа да го скријат задоволство од тоа што гледаа како нивната земја губи, и сакаа да се чувствуваат дека нивната конечна победа ќе се должи на Русија, или можеби Америка, но не и на Британија.“

Вакво мазохистичко-националистичко чувство се уште е видливо кај сегменти од левицата и мултикултурализмот. Една сериозно влијателна група, која исто така изгледа дека доживува политичко задоволство преку себе-омраза, но која често пати минува незабележана, е составена од оние што се вклучени во меѓународните организации.

Мој познаник, Холанѓанец, работи во Обединетите нации. Тој неодамна ми рече: „Холандска политика! Ох, колку е тоа очајно досадно.“ Што е до него политиката е интересна само ако државата е сред граѓански немири, па можеби и во вонредна состојба. Затоа политичкиот живот во Холандија се смета за неинтересен затоа што ништо не се случува. Меѓутоа дали тоа мора да е лошо нешто? Нели мирот и политичката дебата се повеќе пожелни отколку пучеви и насилни конфликти?

Не и за овој функционер на Обединетите нации. Тој повеќе претпочита нации кои се вознемирени од граѓански конфликти отколку мирот и просперитетот што ги ветува неговата земја. Ако го прашате зошто, тој гордо ќе ви каже дека страдањето не исчезнува само затоа што не може да го видиш. Зошто, прашува тој, треба ние да сме слободни да живееме во мир кога другите не можат?

Сепак, професионалниот интернационалист никогаш не живее сред самиот граѓански конфликт. Наместо тоа тој минува време опкружен со дадилки, готвачи и помошници во добро утврдени објекти. И тој многу малку се социјализира со локалците, а можеби и воопшто. Неговиот живот е преполн со контрадикторности. Тој често го критикува колонијализмот, додека во пракса живее живот на стар колонијалист. Тој го мрази Израел, но доколку е повреден со задоволство би лежел во Суарски медицинскиот центар во Тел Авив. Тивко ќе каже „јас припаѓам во Ирак“ иако ниту го зборува јазикот ниту ја разбира културата. Неговата фасцинација е обележје на неговата игнорантност. Тој ја напуштил својата држава без каде било вистински да пристигне.

Како и многумина други во меѓународните организации, тој е мазохистички националист. Тој сака да ја гнаси својата национална култура, заедно со „очајно досадната“ политика, низ калта затоа што, како што вели Орвел, тој добива задоволство од тоа. И тој ги претпочита социјалните немири таму некаде пред стабилноста и развојот дома - што е чудна преференца за некој што е најмен за да ја намали сиромаштијата.

Па мазохистичкиот негативен национализам, без разлика дали тој на меѓународниот бирократ или мултикултуралистичкиот поборник, и не е вистински анти-национализам. Всушност, ако ја споредиме пасијата на негативниот националист за прекуморските култури со онаа на националистичкиот шовинист за, да речеме, Англија, тешко е дека тие ќе се разликуваат една од друга. Многу повеќе работи ги обединуваат нив отколку што ги разделуваат.

Сепак, Орвел забележува, тие радо би се уништиле една со друга ако околностите тоа го дозволуваат.

Јоран Адамсон,
Спајкд

19 ноември 2020 - 16:53