Мал Шенген е подмирување на двата најголеми национализми во овој регион

А кој досега ви забрануваше да соработувате? Која беше пречката за соработка и нормализирање на односите, ако не вашите национализми, кои сега треба да бидат нахранети со Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора? Сојузот кој го прават Вучиќ и Рама, со учество на Заев како „корисен идиот“,  е тампон зона поставена пред вистинскиот Шенген, која за разлика од некогашната „Мала Антанта“, наместо од воени закани, ќе штити од миграција.

Во една работа поврзана со „Малиот Шенген“, Александар Вучиќ и Еди Рама ја кажуваат вистината: ова не е баш нова Југославија - она во кое, наместо Словенија и Хрватска, ќе се најде Албанија. „Ова“ е нешто многу полошо од тоа. „Ова“ е реплика на Кралството на Срби, Хрвати и Словенци. Поточно: она што тие го прават е Кралство на Србите и Албанците.

Се разбира, ова формално нема да биде кралство. Но, нема да биде ни демократија - напротив, ќе има тука еден куп авторитарни лидери, секој од нив, во пракса, ќе биде крал на територијата што ја контролира. Секако, ќе има и еден куп национализми и уште поголема корупција отколку досега. Се разбира, оваа држава /сојуз нема да биде прогласена веднаш - колку „да не се сетат Власите“. Ќе започне со „слободна трговија и проток на луѓе“, како Европската унија што започна со јаглен и челик. Ќе заврши со заеднички парламент и гранична контрола.

Еден век откако големите сили го создадоа Кралството на СХС, тие (или барем некои од нив) се обидуваат да „имплементираат“ експеримент со фрапантна сличност. После Првата светска војна, Франција и другите победници посакаа „Мала Антанта“ на Балканот па на Караѓорѓевиќи им  направија Југославија. Друга приказна е што тоа беше најлошата држава што може да ја направи човек или животно - на крајот на краиштата, таа држава со ѕверства го оконча својот живот. Да не беа Тито и партизаните, кои на тие урнатини создадоа нешто сосема поинакво, нејзина аксиолошка спротивност, после тиранијата на Караѓорѓевиќ, идејата за јужнословенското заедништво, во имагинарната книга на заедничката историја ќе останеше впишана со црно - поцрно од сипа - мастило, со мастило поцрно од „Црната рака“. 

„Сите Срби / Сите Албанци во една земја“

Како изгледа кога Запад на Балканот создава сложена државна творба, видовме во 1918 година. Согласно геополитичките проекции од тоа време, пред сè на Франција, угасена беше државата Црна Гора. Беше соборена нејзината династија, соборен парламент и уставот, избришан секоја субјективитет на таа меѓународно призната држава, по што на Србија ѝ беше дозволено да ја анектира. А после, дури пред некоја година, Французите јавно им се извинија на живите потомци на династијата и на Црна Гора. За Емануел Макрон сега повторно да создава услови на Црна Гора да ѝ се случи истото.

Што да ви кажам: секој што бил толку глупав да поверува во искреноста на приказните за „цивилизацијата и вредностите“ на империјата, заслужил сè што империјата ќе му направи.

„Малиот Шенген“ на Вучиќ и Рама е модел што ќе обезбеди, наместо да бидат поразени, понижени и отфрлени, да бидат подмирени двата големи државни проекта кои се најголемата безбедносна закана за овој регион, Името на овие проекти е „Голема Србија“ и „Природна Албанија“. Во државната шклопоција која ја прават Вучиќ и Рама, навистина ќе се оствари она „Сите Срби/сите Албанци во една држава“.

Како и во 1918 година, ова е спакувано како наводно „прогресивна“ идеја на заедништво и соработка. Па, оди ти одбиј го го тоа што е „напредно“ и во „духот на интеграција“. Проевропската приказна некое време ќе продолжи по инерција, но евентуалното формирање на кралството на Срби и Албанци ќе значи „збогум“ за европската интеграција на регионот.

Нешто се прашувам ... а кој досега ви забрануваше да соработувате? Која беше пречката за соработка и нормализирање на односите, ако не вашите национализми, кои сега треба да бидат нахранети со Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора?

*****
Сојузот кој го прават Вучиќ и Рама, со учество на Зоран Заев, како „корисен идиот“ за проектот, всушност е обележување на територијата поставена пред Шенгенот, еден вид тампон зона, која овојпат, за разлика од онаа „Мала Антанта“, нема да штити од воени закани туку од миграција. Населението на таа територија ќе се раселува по Европа, каде год има аргатлук и да се мијат садови а таа територија ќе ја населуваат мигранти. Кралството на Србите и Албанците ќе биде, меѓу другото, џиновски камп за мигранти, своевидно „Чистилиште“ во кое ќе се врши избор кој може а кој не може во рајските ливади на Западот.

Андреј Николаидис,
за Ал Џезеира

15 ноември 2019 - 08:59