Крис Хеџис: Воено дежа ву

Истите оние кои ни ги продаваа лагите за да ни ги продадат минатите војни, сега се враќаат со истите лаги со кои го преплавуваат медиумскиот простор. Не е важен идиотизмот на нивните аргументи. Мегафоните им се обезбедени. Послушни марионети на воената индустрија, неоконзервативци со мртов мозок и геноцидни ционисти, кои веруваат во магична регенерација на светот преку насилство.

Постои мала разлика помеѓу лагите кажани за да се започне војна со Ирак и оние што се кажуваат да се разгори војна со Иран. Исто како во времето на повикот за инвазија на Ирак, проценките на нашите разузнавачки агенции и меѓународни тела лежерно се отфрлаат како халуцинации.

Сите стари стилски изрази се воскреснуваат за да нè турнат во уште едно воено фијаско. Земја која не е закана ни за нас ни за нејзините соседи е на праг да произведе оружје за масовно уништување кое го загрозува самото наше постоење. Таа земја и нејзините лидери се чисто зло. Слободата и демократијата се во прашање. Ако не дејствуваме сега, следно ќе видиме облак во форма на печурка. Нашата воена супериорност ќе обезбеди победа. Ние сме спасители на светот. Масовното бомбардирање, апдејтирана верзија на операцијата „Шок и стравопочит“, ќе донесе мир и хармонија.

Се изнаслушавме вакви лажни вести пред војната во Ирак во 2003 година. Дваесет и две години подоцна, лагите воскреснуваат од мртвите. Секој што повикува на преговори, дипломатија и мир е прогласен за терористичка марионета. Дали научивме нешто од фијаската во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија, да не зборуваме за Украина?

Сите злотвори кои ни ги продаваа овие минати војни со лажни изговори  - Дејвид Фрум, Њут Гингрич, Шон Ханити, Томас Фридман, генерал Џон Кин....- се враќаат за да го преплават јавниот простор со бесконечно воено потпалување.

Не е важно што нивниот грандиозен план за соборување на Талибанците во Авганистан, а потоа инвазиите и замената на режимите во Ирак, Либан, Сирија, Либија, Судан, Сомалија - и конечно во Иран - им експлодираа во фаца. Не е важно што нивната страст за војна остави стотици илјади, можеби милиони мртви и исцеди трилиони од американската државна каса. Не е важен чистиот идиотизам на нивните аргументи. Нивните мегафони се обезбедени. Послушни марионети на воената индустрија, неоконзервативци со мртов мозок и геноцидни ционисти, кои веруваат во магична регенерација на светот преку насилство, игнорирајќи една по друга  катастрофа.

Заборавете на проценката на американската разузнавачка заедница дека „Иран не гради нуклеарно оружје и дека врховниот лидер Хамнеи не ја одобрил програмата за нуклеарно оружје што ја суспендираше во 2003 година“, нешто што неделава го повтори и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.

Заборавете дека Бенјамин Нетанјаху, речиси три децении, не престанува да повторува дека Иран е на праг  да произведе нуклеарно оружје.

Заборавете дека превентивниот напад врз Иран од страна на Израел е воено злосторство, а да не ги спомнуваме бомбардирањата на болници, амбуланти и новинари. Заборавете на стотиците ирански цивили што Израел ги уби во воздушните напади.

Заборавете дека Израел го започна својот напад врз Иран пред шестата рунда преговори меѓу САД и Иран да се одржи во Оман.

Заборавете дека израелскиот премиер, а не лидерот на Иран, е предмет на меѓународна потерница, обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Заборавете дека Израел поседува најмалку 90 парчиња нуклеарни оружја до кои дојде со кршење на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и блокирање на меѓународните инспекции.

Заборавете дека Доналд Трамп го напушти договорот за ограничување на нуклеарната програма до кој Иран се придржуваше.

Заборавете дека Вашингтон и Лондон го оркестрираа државниот удар во 1953 година за соборување на демократски избраната влада на Иран, прва таква во регионот, и го поставија на власт послушниот шах Мохамед Реза Пахлави.

Заборавете дека САД, заедно со Израел, ја обучија и опремија САВАК, озлогласената тајна полиција на шахот.

Бомбардирајте! Бомбардирајте! Бомбардирајте!

Крис Хеџис (целата колумна на Сабстак)

23 јуни 2025 - 13:13