„Толпата останува потоната во незнаење... а нивните лидери, во потрага по нивните гласови, не се ни осудуваат да ги разбијат лагите.“ Така напиша Винстон Черчил за победниците во Првата светска војна во книгата „The Gathering Storm.“ Тој горко се потсетува на „одбивањето да се соочат со непријатните факти, желбата за популарност и изборен успех без обѕир на виталните интереси на државата.“ На американските читатели гледајќи го срамното заминување од Авганистан на нивната влада, и слушајќи го проѕирно тенкиот обид на претседателот Џо Бајден да го оправда нечовечкиот хаос што го направи, може ќе им звучи позната барем дел од черчиловата критика на Британија меѓу двете светски војни.
Британското размислување беше комбинација од истоштеност и „империјално претерано растегнување“. Од 1914 нацијата претрпува војна, финансиска криза, а во 1918-19 и ужасна пандемија, Шпанскиот грип. Над економијата натежнува планина долгови. Иако државата и понатаму ја издава доминантната глобална валута, таа повеќе не е без ривали во оваа улога. Крајно нееднаквото општество ги инспирира политичарите од левицата да бараат редистрибуција, ако не и чист социјализам. Значителен дел од интелигенцијата оди и подалеку, прифаќајќи комунизам и фашизам.
Во меѓувреме востановената политичка класа преферира да ја игнорира се полошата меѓународна ситуација. Британската доминација е во опасност во Европа, Азија и на Блискиот Исток. Системот на колективна безбедност - базиран на Лигата на нации, која беше основана во 1920 како дел од пост-воената мировна спогодба - се распаѓаше, оставајќи ја само можноста сојузништвата да ги надополнат тенко распространетите империјални ресурси. Резултатот на ова беше катастрофален неуспех да се воочи обемот на тоталитарната закана и да се натрупаат средства за одвраќање на диктаторите.
Дали британското искуство ни помага да ја разбереме иднината на американската моќ? Американците преферираат да вадат поуки од американската историја, меѓутоа можеби е попросветлувачки да се споредат со својот претходник како англофонски глобален хегемон, бидејќи денешна Америка на многу начини потсетува на Британија од меѓу двете светски војни.
Како и сите историски аналогии и оваа не е совршена. Денешна Америка не може да се спореди со пространата мешавина на колонии и други области зависни од кралството со кои Британија владееше во 1930. Ова им дозволува на Американците да се убедуваат самите себе дека тие немаат империја, дури и додека ги повлекуваат своите војници и цивили од Авганистан по 20-годишно присуство.
И покрај високата смртност од ковид-19, Америка не закрепнува од траума каква што Британија доживеа во Првата светска војна, кога огромни бројки на млади луѓе загинаа (речиси 900.000 жртви, околу 6% од сите маши на возраст од 15 до 49 години умреа, а 1,7 милиони беа ранети). Ниту пак Америка се соочува со јасна и реална закана каква што беше Нацистичка Германија за Британија. Сепак сличностите се очигледни, и се далеку повеќе од неуспехот на двете држави да воведат ред во Авганистан. („Јасно е,“ ќе напише Економист во февруари 1930, откако „предвремените“ реформи за модернизација предизвикаа револт, „дека Авганистан нема да има ништо од Западот“.) И импликациите за иднината на американската моќ се вознемирувачки.
Во последниве декади се напишани толку многу книги и текстови кои го предвидуваат падот на Америка што „деклинизмот“ станува клише. Меѓутоа британското искуство меѓу 1930 и 1950 е потсетник дека има и полоши судбини од нежно, постепено пропаѓање.
Следи ги парите
Започни со планините долг. Британскиот јавен долг по првата светска војна порасна од 109% од БДП-то во 1918 на нешто под 200% во 1934. Американскиот федерален долг е поинаков на повеќе важни начини, меѓутоа е споредлив по обем. Годинава тој е достигне речиси 110% од БДП-то, дури и повисоко од претходниот врв веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Конгресната канцеларија за буџет проценува дека тој ќе надмине 200% до 2051.
Важна разлика меѓу САД денес и Британија од пред околу еден век е дека просечното доспевање на федералниот долг на САД е прилично краток (65 месеци), додека на 40% од британскиот јавен долг беше во форма на перпетуални обврзници или ануитети. Ова значи дека американскиот долг денес е далеку почувствителен на промени во каматните стапки, отколку што беше долгот на Британија.
Друга клучна разлика е големата промена што се случи во фискалните и монетарни теории, благодарејќи во голем дел на критиката на Мајнард Кејнз на британските политики меѓу двете светски војни.
Британската одлука во 1925 да го врати стерлингот на златниот стандард по преценетата пред-воена вредност ја осуди Британија на 8 години дефлација. Растечката моќ на синдикатите значеше дека намалувањето на платите заостануваше зад намалувањето на цените за време на депресијата. Ова придонесе кон губење работни места. На дното, во 1932, невработеноста беше 15%. Сепак британската депресија не беше блага, не само затоа што напуштањето на златниот стандард во 1931 дозволи олеснување на монетарната политика. Паѓачките реални каматни стапки значеа и паѓање на товарот од долгот, создавајќи нов фискален простор за маневар.
Вакво намалување на трошокот за исплаќање на долговите изгледа неверојатен за Америка во претстојните години. Економистите предводени од поранешниот американски министер за финансии, Лоренс Самер, предвидоа инфлациска опасност од актуелната фискална и монетарна политика. Додека британските реални каматни стапки генерално паѓаа во 1930-те, во САД тие се проектирани од 2027 да станат позитивни и полека да растат за да достигнат 2,5% до средината на векот. Точно е дека предвидувањето на растечките стапки претходно знаело да биде погрешно и дека Федералните резерви не се брзаат нешто посебно за да ја стегнат монетарната политика. Меѓутоа ако стапките почнат да растат, американскиот долг ќе биде поскап за сервисирање, истиснувајќи други делови од буџетот, посебно дискреционите трошоци како одбраната.
Ова нè носи до сржта на проблемот. Големата преокупација на Черчил во 1930-те беше дека владата ги одложува работите - што беше водилка на неговата политика на смирување - наместо енергично да почне одново да се вооружува како одговор на се поагресивното однесување на Хитлер, Мусолини и воената влада во Јапонија. Клучен аргумент на смирувачите беше дека фискалните и економски ограничувања - меѓу кои и високиот трошок на управување со империја која се протега од Фиџи до Гамбија до Гвајана до Ванкувер - го прават порапидното ревооружување невозможно.
Изгледа навредливо да се спомене дека Америка денес се соочува со споредлива закана, - не само од Кина, но исто така и од Русија, Иран и Северна Кореја. Сепак самиот факт што ова изгледа навредливо ја докажува поентата. Мнозинството Американци, како и мнозинството Британци меѓу двете војни, едноставно не сакаат ни да помислат за можноста за голема војна против еден или повеќе авторитарни режими, што би било само надополнување на досегашните обемни воени обврски. Токму затоа проектираниот пад на американското трошење на одбрана како дел од БДП-то, од 3,4% во 2020 на 2,5% во 2031, ќе предизвика вчудовиденост само кај черчилските типови. И тие може да го очекуваат истиот непријателски пречек - истото обвинување за терање на војна - какво што Черчил мораше да истрпи.
Моќта е релативна
Релативниот пад во споредба со другите држави е друга точка на сличност. Според процените од економскиот историчар Ангус Мадисон, британската економија до 1930-те во однос на производот беше надмината не само од Америка (уште во 1872), туку и од Германија (во 1898 и повторно, по катастрофалните години на војната и хиперинфлацијата, во 1935) и Советскиот сојуз (во 1930). Точно е дека британската империја како целина имаше поголема економија од Обединетото Кралство, посебно ако се вклучат и доминионите - веројатно два пати поголема. Меѓутоа американската економија беше поголема и остана повеќе од два пати поголема од британската и покрај посуровиот удар на Големата депресија во Соединетите држави.
Америка денес има сличен проблем на релативен пад на економскиот производ. По основа на паритетот на куповната моќ, кој дозволува пониски цени за голем број кинески домашни производи, БДП-то на Кина го достигна тоа на Америка уште во 2014. По сегашната доларска основа, американската економија и понатаму е поголема, меѓутоа разликата се предвидува дека ќе се намали. Годинешниот БДП на Кина базиран на доларот ќе биде околу 75% од американскиот, до 2026 ќе биде 89%.
Не е тајна дека Кина претставува поголем економски предизвик отколку што тоа некогаш беше Советскиот сојуз, бидејќи економијата на Советите во време на Студената војна никогаш не достигна повеќе од 44% од економијата на САД. Ниту пак е некоја доверлива информација дека намерата на Кина е да ја стигне Америка во голем број технолошки области кои се употребливи во националната безбедност, од вештачка интелигенција до квантни компјутери. А амбициите на кинескиот лидер, Ши Џинпинг, се исто така добро познати - заедно со неговото обновување на идеолошкото непријателство на Кинеската комунистичка партија кон личните слободи, владеењето на правото и демократијата.
Американското гледиште кон кинеската влада значително се влоши последниве пет години. Меѓутоа тоа не е пренесено во јавен интерес за активно спротивставување на кинеската воена закана. Ако Пекинг изврши инвазија на Тајван, најголемиот дел од Американците веројатно ќе го повторат ставот на британскиот премиер, Невил Чемберлен, кој го опиша германскиот обид за разделување на Чехословачка во 1938 како „караница во далечна земја, меѓу луѓе за кои не знаеме ништо.“
Клучен извор на британската слабост меѓу војните беше револтот на интелигенцијата против Империјата и уште погенерално против традиционалните британски вредности. Черчил со гадење раскажува за оксфордските дебати во 1933 кои го носат предлогот „Овој Дом одбива да се бори за кралот и државата.“ Како што тој забележува „Лесно беше да се исмее таква епизода во Англија, меѓутоа во Германија, во Италија, во Јапонија, идејата за декадентна, дегенерична Британија зема длабоки корени и разниша голем број калкулации.“ Ова секако е идентично на тоа како новата сорта на кинески „волк-воин“ дипломати и националисти интелектуалци денес гледа на Америка.
Нацисти, фашисти и комунисти имаа добра причина да помислат дека Британија попушта пред само-омразата. „Јас не ни знаев дека Британската империја умира,“ пишува Џорџ Орвел за времето кога бил колонијален полицаец во својот есеј „Застрелување слон“. Не голем број интелектуалци ја сфатија интуицијата на Орвел дека Британија без разлика на се „е далеку подобра отколку младите империи кои ќе ја заменат“. Многумина - за разлика од Орвел - го прифаќаа советскиот комунизам со катастрофални резултати за западната интелигенција. Во меѓувреме, шокантен број на членови на аристократската елита беше привлечена од Хитлер. Дури и читателите на Дејли експрес беа понаклони да ја исмеваат Империјата отколку да ја слават.
Крајот на империите
Американската империја може не се манифестира себе си како доминиони, колонии и протекторати, меѓутоа перцепцијата за меѓународна доминација, трошокот поврзан со претераната растегнатост, се исти. И левицата и десницата во САД денес рутински ја исмеваат или омаловажуваат идејата за империјален проект. „Американската империја се распаѓа,“ се сити Том Енгелхардт, новинарот на Нејшн. На десната страна, економистот Тајлер Коувен цинично замислува „како би можел да изгледа пропаста на американската империја.“ Во исто време кога Корнел Вест, прогресивниот африканско-американски филозоф, ги гледа „Блек лајвс метер и борбата против американската империја како една иста работа“, двајца про-Трамп републиканци, Рајан Џејмс Гирдускиј и Харлан Хил, ја нарекуваат пандемијата „последен пример за тоа дека американската империја е гола“.
Десницата се уште ја брани традиционалната верзија за основањето на републиката - како отфрлање на британското колонијално владеење - наспроти обидите на „освестената“ левица американската историја да се прераскаже главно како приказна за ропство а потоа и сегрегација. Меѓутоа малкумина на двете страни на политичкиот спектар чезнеат за ерата на глобална хегемонија која започна во 1940-те.
На кратко, како и Британците во 1930-те, така и Американците во 2020-те повеќе не се заљубени во империјата - факт што кинеските набљудувачи го имаат забележано и ценат. Сепак империјата останува. Секако Америка има малку вистински колонии: Порторико и Американските девствени острови во северниот Пацифик, и Американска Самоа во јужниот Пацифик. По британски стандарди ова е смешна листа на сопственост. Сепак, военото присуство на Америка е речиси сеприсутно како што некогаш беше и британското. Американски вооружени сили можат да бидат најдени во над 150 држави. Вкупниот број на распоредени вон границите на 50-те држави е околу 200.000.
Стекнувањето на такви обемни глобални одговорности не е лесно. Меѓутоа заблуда е дека отстранувањето на истите ќе биде полесно. Ова е лекцијата од британската историја на која Американците треба да посветуваат повеќе внимание. Лошата одлука на претседателот Џо Бајден за „конечно повлекување“ од Авганистан е само последниот сигнал од американски претседател дека државата сака да ги намали своите обврски во странство. Барак Обама го започна процесот со премногу брзоплето напуштање на Ирак и објавувајќи во 2013 дека „Америка не е полицаец на светот“. „Америка прва“ доктрината на Доналд Трамп е само популистичка верзија на истиот импулс: и тој едвај чекаше да го напушти Авганистан.
Проблемот, како што минатомесечниот дебакл во Авганистан тоа совршено го покажа, е што повлекувањето од глобална доминација ретко кога е мирољубив процес. Како и да го формулираш, објавувањето дека се повлекуваш од твојата најдолга војна е признание на пораз, и не само во очите на Талибанците. Кина, која дели мало парче од својата обемна територија со Авганистан, исто така внимателно гледа. Исто како и Русија. Не е чиста случајност што Русија воено интервенираше и во Украина и Сирија само неколку месеци откако Обама се откажа од тоа да биде глобален полицаец.
Верувањето на Бајден (како што тоа го изрази Ричард Холбрук во 2010) дека може да се излезе до Авганистан како што Ричард Никсон излезе од Виетнам и „тоа да ти пројде“ е само лоша историја: американското понижување во Индокина имаше последици. Тоа го охрабри Советскиот сојуз и неговите сојузници да почнат на други места да прават проблеми - во јужна и источна Африка, во централна Америка и Авганистан, кој го освоија во 1979. Репризирајќи го падот на Сајгон во Кабул ќе има споредливи штетни последици.
Крајот на американската империја не беше тежок да се предвиди, дури и на врвот на неоконзервативната гордост по инвазијата на Ирак во 2003. Имаше најмалку четири фундаментални слабости на американската глобална позиција во тоа време, како што аргументирав во „Колосот: Подемот и падот на американската империја.“ Тие имаат дефицит на човечка сила (се помалку и помалку Американци имаат желба да минуваат подолго време на места како Авганистан и Ирак); фискален дефицит (види погоре); дефицит на внимание (тенденцијата на гласачите да изгубат интерес за секоја поголема интервенција по речиси четири години); и историски дефицит (неподготвеноста на политичарите да научат лекција од своите претходници, а не па од други држави).
Овие никогаш не беа дефицити на британскиот империјализам. Една друга разлика - на многу начини подлабока од фискалниот дефицит - е негативната нето меѓународна инвестициска позиција (NIIP) на САД, која е нешто под -70% од БДП. Негативен НИИП во основа значи дека странската сопственост на американски имот е поголема од американската сопственост на странски имот. За споредба, Британија и понатаму имаше значително позитивен НИИП меѓу двете светски војни, и покрај имотот што мораше да го ликвидира за да ја финансира првата светска војна. Од 1922 до 1936 тој постојано беше над 100% од БДП. До 1947 тој падна на 3%.
Распродажбата на остатокот од семејното наследство (да бидеме прецизни, образувањето на британските инвеститори да го продадат имотот во странство и да ги предадат доларите) беше еден од начините на кои Британија плати за Втората светска војна. Америка, големиот должник империја, нема сличен имот за распродавање. Таа може да си дозволи да го плати трошокот за одржување на својата доминантна позиција во светот само со продавање на уште повеќе од својот јавен долг на странци. А тоа е опасна основа за статус на супермоќ.
Соочување со бурите
Аргументот на Черчил во „The Gathering Storm“ не беше дека подемот на Германија, Италија и Јапонија е незапирлив процес кој ја осудува Британија на пропаст. Напротив, тој инсистираше дека војната може да биде избегната ако Западните демократии преземаа порешителни мерки на почетокот од 1930-те. Кога претседателот Френклин Рузвелт го праша како треба да биде наречена војната, Черчил инстантно одговорил „Непотребната војна“.
На ист начин нема ништо несовладливо во подемот на Кина, и многу помалку Русија, додека останатите држави кои им се сојузници се само економска хаварија, од Северна Кореја до Венецуела. Кинеската популација старее побрзо од очекуваното; нејзината работна сила се намалува. Астрономскиот долг на приватниот сектор го товари растот. Нивното лошо справување со почетната епидемија на ковид-19 значително ја наруши нивната економска позиција. Тие исто така ризикуваат да станат негативецот на климатската криза, бидејќи не можат лесно да се откажат до навиката на горење јаглен за напојување на нивната индустрија.
А сепак премногу е лесно да се видат последиците на настаните кои се развиваат и можат да доведат до уште една непотребна војна, најверојатно заради Тајван, кој Ши го посакува а на чија одбрана Америка (двосмислено) е посветена во случај на инвазија - посветеност на која се повеќе и недостасува кредибилитет како што се менува балансот на воена моќ во Источна Азија. (Растечката ранливост на американските носачи на авиони на кинески анти-бродски балистички ракети како ДФ-21Д е само еден од проблемите за кои Пентагон нема добро решение.)
Ако американското одвраќање не успее а Кина се реши на брз и изненаден напад, САД ќе се соочат со безмилосен избор меѓу водење долга и тешка војна - како што Британија го направи тоа во 1914 и 1939 - или повлекување, како што го направи кај Суец во 1956.
Черчил рече дека ја напишал „The Gathering Storm“ за да покаже:
„Како злобноста на расипаните е засилена од слабоста на доблесните; како на структурата и навиките на демократските САД, освен ако тие не се додадат на некој поголем организам, им недостасуваат елементите на упорност и увереност кои сами по себе можат да обезбедат заштита за скромните маси; како, дури и кога се работи само за себе-заштита... советите за разумност и воздржаност можат да станат главните носители на смртната опасност... како средниот курс прифатен заради желбите за безбедност и мирен живот можат да доведат директно до центарот на катастрофата.“
Тој ја завршува книгата со една од многуте максими: „Фактите се подобри од соништата“. Американските лидери последниве години станаа премногу наклонети кон соништа од „доминација на целосен спектар“ фантазијата на неоконзервативците под Џорџ Буш до мрачниот кошмар на американското „разорување“ смислено од Доналд Трамп. Како што надвиснува уште една глобална бура, можеби е време да се соочиме со фактот што Черчил одлично го разбирал: крајот на империјата крајно ретко, ако воопшто некогаш, е безболен процес.