Христијаните 2000 години виреат во регионот. А и покрај тоа исламистите нив ги преставуваат како окупатори или странски агенти кои ја валкаат земјата која треба да биде исклучиво посветена на исламот. А во нашите општества, луѓето кои изразуваат загриженост околу судбината на тие Христијани се осомничени дека и се умилкуваат на крајната десница, која успеа, очигледно, да ја присвои оваа кауза и да ја претвори во идеолошко обележје. Истите тие критичари ќе го обвинат секого што има пасионирани ставови кон христијаните на Блискиот Исток дека зад тоа крие срамна исламофобија. Оправданиот гнев околу она, што во реалноста, е непрекинат масакар се отфрла како реакционерен каприц.
Меѓутоа како што дивјачките напади на двете коптски христијански цркви во Египет на Цветници нè потсетуваат, војната што се води за искоренување на христијаните на Блискиот Исток е многу реална. Ги знаеме резултатите: најмалку 43 мртви - масакр. ИСИС ја презема одговорноста за нападот, организација која ни најмалку не крие дека нејзина цел е да се искорени христијанството во регионот, дали преку убивање христијани или преку нивно масовно протерување. За ИСИС најважно е на христијаните да им стане јасно дека таа земја повеќе не е нивен дом.
Долго време ние зборуваме дека на христијаните на Блискиот Исток им треба заштитник. Ова никогаш не било поточно. Ама кој е желен да ја игра таа улога? Франција беше, долги години. Во изминатите неколку години, улогата ја презема Русија на Путин, која како да беше повикана да преземе додека Европа се одрекуваше од своето христијанско потекло. Сега, христијаните од Блискиот Исток се чувствуваат напуштено, посебно кога ќе одбијат да си заминат од делот на светот во кој тие ги имаат пуштено своите корени.
Треба да имаме сеопфатен преглед на овој грозен подвиг. Затоа што тоа не влијае само на христијаните. Нека ви текне на Будите од Бамијан, кои беа уништени со експлозив во март 2001; деструктивната орда во музејот во Мосул во 2015; или во Палмира истата година. За исламистите, главната цел е уништување на сите траги на она што е странско за исламот, како нивната религија да не може да ги издржи простите потсетници дека на тие простори во некои минати времиња, луѓето обожувале други богови, и имале друга вера. Како тоа не можеме да видиме дека ова е застрашувачка форма на нихилизам, разорувачко уживање, деструктивно веселење?
Најрадикалниот исламизам не бара само луѓето да исчезнат; тој сака да збришат сите сеќавања на тие луѓе. Војната против сеќавањето е отворено изразување на дивјаштво. Старите камења не се само стари камења: тие се доказ за човечката желба за бесмртност, од едно време до друго. Тие преставуваат трага на изгубените светови кои одбиваме да ги жртвуваме во заборав.
Меѓутоа во случајот со христијаните, исто така се работи и за ослободување од луѓето, како нивната послушност веќе да не е доволна. Ние знаме дека за помалку од еден век, демографската тежина на христијаните од Блискиот Исток има пад од незабележани размери. Тие наскоро ќе бидат сведени на остатоци и ќе бидат осудени да се држат на маргините.
И покрај официјалната индиферентност на Западњаците, судбината на христијаните од Блискиот Исток влијае на најинтимните делови од она што ние можеме да го наречеме свест на една цивилизација, и оние кои, на еден начин или друг, се активираат тоа го сметаат за највисокиот етички повик на граѓанската обврска. Христијаните од Блискиот Исток се сведоци на настанувањето на религијата, сеќавање кое го одржуваат преку литургии кои се разновидни колку што се и раскошни. Поинаку кажано, тие се чуварите на живото потекло на религијата која успеа да ја трансформира историјата на Европа. И не мора да се верник за го прифатиш ова.
Се надевам дека не го злоупотребувам овој конвенционален термин, ама не би требало ли прашањето за христијаните на Блискиот Исток да ја разбуди европската цивилизација директно до сржта на нејзиниот идентитет? Не би требало ли ние во Европа и на Западот да си кажеме на самите себе дека овие напади исто така се насочени и кон нас? Европската цивилизација би требала барем да изгради специјален однос со христијаните на Блискиот Исток. Би требало да чувствува некаков вид на егзистенцијална блискост кон нив, знаејќи дека дел од нејзините сопствено потекло доаѓа токму од таму.
Духовниот моментум кој некогаш ја исполнуваше Европа и го даде нејзиниот специфичен дух доаѓа од свет кој сега е речиси потопен и чии последни чувари се христијаните од Блискиот Исток. Ова значи, дека Европа мора конечно да ја признае својата христијанска срж, и да бидеме попрецизни, да престане да се обидува да го избрише тоа наследство како таа да е егзистенцијалната дамка што ја спречува целосно да ја прифати универзалноста. Европа треба да престане, со други зборови, да си замислува дека може себеси да се изгради само преку деконструкција.
Двојниот напад од 9-ти април веројатно нема да ги разбуди умовите: ние отупевме на најекстремните ѕверства и насилства. Меѓутоа ова не би требало да нè спречи да ги кажеме работите какви што се: Она на што сведочиме не е ништо помалку од обид да се истребат луѓе и, на одреден начин, цивилизација. А сепак, затоа што уште одамна одлучивме дека христијанството е религија на доминантниот Запад и тоа никогаш не може да биде ништо друго освен прогонувач а не и прогонет, ние не можеме да го замислиме како жртва.
Нашите идеолошки замаглени очила го изветоперуваат нашиот однос кон светот: ние одбиваме да чуеме за болката на заедниците кои ги осудуваме на смрт, на најпонижувачкото човеково потчинување, на егзил. Никој не тврди дека има совршено политичко решение за одбрана на христијаните на Блискиот Исток. Ама кога е во прашање политика, не постои магично стапче. Меѓутоа европската цивилизација треба да знае дека во нашиот однос со христијаните од Блискиот Исток и во нашата реакција кон нивниот прогон, она што исто така е ставено како влог е и нашата душа.