Првата несигурност е датумот кога ќе почнат преговорите. Процесот треба да биде комплетиран две години по активирањето на член 50. Меј изјави дека не би сакала да ги започне преговорите се до крајот на годината.
Втората несигурност е дали преговорите можат истовремено да ги решат условите за заминување на Британија од ЕУ и нејзините трговски договори со единствениот европски пазар. "Британската страна ќе тврди дека по членот 50, преговарачите ќе треба предвид да ја земат рамката за идните односи меѓу двете страни. Додека преговарачите на ЕУ ќе инсистираат дека идните договори ќе бидат дискутирани само по напуштањето на унијата."
Трета несигурност се целите на британската страна. Дали таа ќе бара комплетен пристап до единствениот пазар (како Норвешка), или делумно (како Швајцарија)? Или ќе тргува со Европа под истите услови како и членките на Светската трговска организација?
Четвртата несигурност се однесува на имиграцијата и колку новите трговски договори со ЕУ ќе го ограничуваат слободното движење на работници. Меј има изјавено дека не би прифатила учество на единствениот пазар без договор за справување со миграцијата.
Петата несигурност е позицијата на ЕУ, почнувајќи од тоа кој ќе ги предводи преговорите -Европската комисија или Советот на министри. Меркел уште од сега најави дека нема да и даде одврзани раце на Комисијата да преговара во име на Германија. Дополнително прашање е дали ЕУ ќе се согласи на крајниот договор пред претседателските избори во Франција следната пролет, и парламентарните во Германија, закажани за следната есен.
Шести на списокот се економските услови под кои ќе се одвиваат преговорите. Процената на Браун е дека Британија изгледа како да оди во рецесија, бидејќи се повеќе компании како да ги паузираат планираните инвестиции чекајќи го исходот од преговорите и брегзит.
"Седмата несигурност е дали Британија ќе може сама да преживее. Лорд Норт остана запаметен по губење на британската унија со Америка. Два века подоцна, премиерот во заминување, Дејвид Камерон, може да биде запаметен за губење на две унии - онаа со Европа и онаа меѓу Англија и Шкотска. Додека Конзервативците сакаат Шкотска да биде во Британија без Европа, шкотските националисти ја сакаат Шкотска во Европа без Британија. А кога републиканците во Северна Ирска, предводени од Шин Фејн, бараат гласање за обединување со југот, самото постоење на Британија сега е точка на дневниот ред."