Цитатот што сега се споделува на големо е од Ричард Рорти, либерален филозоф кој почина во 2007, и кој предупредува:
"Членовите на синдикатите, и неорганизираните неквалификувани работници, порано или подоцна ќе сфатат дека нивната влада не се ни обидува да го спречи тонењето на нивните плати или да го спречи извозот на нивните работни места. Во отприлика исто време, тие ќе сфатат дека канцелариските работници од предградијата - и самите преплашени да не бидат избркани од работа - нема да дозволат да плаќаат повисоки даноци за да обезбедат поголема социјална заштита за сите останати.
Во овој момент нешто ќе пукне. Електоратот што не е од предградијата ќе одлучи дека системот не успеал и ќе сака да гласа за политичар кој ветува строго владеење - некој кој е подготвен да им гарантира дека кога ќе биде избран, арогантните бирократи, лажливите адвокати, преплатените дилери на берза, и пост-модернистичките професори повеќе нема да одлучуваат во земјата."
Рорти има теорија која според него покажува кога американската левица "се има изгубено самата себе, што е дигресија која го отвара патот за популистичката десница."
Според него левицата е поделена на два кампа: реформистичка и културолошка. Реформистичката левица доминира од 1900-та се додека не беше потисната од културолошката левица во средината на 1960-те. Поделба која по него е многу повеќе поврзана со тактика отколку принципи, "меѓутоа овие тактички разлики, носат огромни последици".
Реформистичка левица во неговата дефиниција ги опфаќа сите Американци кои меѓу 1900 и 1964, со сите напори се обидувале во рамките на уставната демократија да ги заштита слабите од силните. Клучно тука е "уставна демократија", бидејќи реформистите веруваат во системот и сакаат да го подобрат од внатре.
И поставата на демократите пред 1960-те е претежно реформистичка, "либерали кои не се социјално радикални меѓутоа работат на промовирање на исти каузи во и низ системот. Тие беа либерални реформатори, а не револуционерни левичари, и тие ги завршуваа работите".
Терминот реформистичка левица опфаќа повеќе групи, од комунисти и социјалисти до централно леви. Она што нив ги обединува е "посветеноста на прагматични реформи; кај нив нема тестови на 'чистота', нема повици на револуција, како што тоа е случај кај марксистите од тоа време. Меѓутоа десницата ги мрази и се плаши од нив затоа што тие ги поставуваат основите за модерната социјална држава".
Тоа што реформаторите имаат историски успеси како Новиот Договор на Рузвелт или заштита на децата на Линдон Џонсон, не значи дека тие немаат свои огромни недостатоци: првиот ги игнорира афро-американците и ги затвора во кампови Американците со јапонско потекло за време на Втората светка војна; а вториот упорно ја води неоправданата војна во Виетнам. Исто како што и технократите од администрацијата на Кенеди се соучесници во неброени ужаси во Виетнам.
"Рорти ги почитува реформистите затоа што тие се и ефикасни и разбираат дека клучната линија на поделба меѓу левицата и десницата во земјата е околу тоа дали државата е одговорна за обезбедување морална и социјално посакувана дистрибуција на богатството. Десницата го отфрла ова, левицата го прифаќа," пишува Шон Илинг во текстот за Вокс, објаснувајќи дека во тоа време левицата сфаќа дека нееднаквоста во американското општество мора да се "коригира користејќи ги институциите на уставната демократија".
Ваквиот прагматизам ја држи левицата сплотена се до 1960-те кога нејзин фокус е да се подобрат материјалните услови на Американците, и дека економската правда е претходникот на социјалната правда.
За Рорти, во 1960-те левицата престана да биде политичко и стана културолошко движење, а доминантното гледиште е дека веќе не може да се промовира еднаквост и социјална правда од внатре во системот.
Во тоа време левичарските активисти ја доживуваат Студената војна како линијата на поделба на наши и ваши. Претежно предводени од студенти, новата левица го доживува како непријател секој што се спротивставува на комунизмот, а Америка се повеќе се смета за пропаднато ветување, "за зла империја за која веќе нема искупување."
"Затоа што ако излезе дека живееш во зла империја (наместо, како што ти било речено, во демократија која се бори против зла империја), тогаш немаш никаква одговорност кон твојата земја; ти одговараш само пред човештвото. Ако она што те учи твојата влада е дел од истиот орвелски монолог - ако разликите меѓу Харвард и воено-индустрискиот комплекс, или меѓу Линдон Џонсон и Бери Голдвотер, се незабележливи - тогаш твојата одговорност е да кренеш револуција," елаборира Рорти.
Иако филозофот не негира ништо од ваквата позиција, според него главниот проблем е тотално отфрлање на прагматични реформи, "верувањето дека ништо во Америка не може да биде спасено, и дека ниту една институција не може да биде поправено, дека ниту еден закон не вреди да биде донесен".
Паралелно со ова се случува префрлање од економски прашања на теми како "политика на различности" или "идентитет" или "препознавање", па ако "интелектуалниот центар на левицата пред 60-те, беа одделите за социјални науки, сега тоа се универзитетските оддели за литература и филозофија".
Фокусирањето на левицата на културолошки прашања (родови студии, расни разлики, ЛГБТ и слично), отвора простор за "популистичката десница, за луѓе како Пат Бјукенен и Доналд Трамп, кои собираат поддршка кај белата работничка класа искористувајќи ја расната омраза и економската истоштеност". Како што објаснува Рорти:
"Додека левицата беше со свртена со грб, буржоизацијата на белиот пролетеријат која започна во Втората светска војна и продолжи за време на Виетнамската војна беше запрена, и процесот беше свртен во рикверц. Америка сега ја пролетаризира својата буржоазија, овој процес најверојатно ќе кулминира во револт од долу, вид на подбуцнување на кое се надева Пет Бјуканен".
Две работи што ги истакнува Илинг се дека: без разлика што ќе направи левицата, расната омраза е во темелите на Америка, и дека "со тоа што се исклучува себеси од класните и трудовите прашања, левицата го губи прегледот врз својата економска агенда и води културолошка војна која и дава сила на десницата, а во исто време прави многу малку за да го подобри животот на луѓето кои се обидува да ги одбрани".
Советот на Рорти е дека левицата треба да обрне внимание за тоа кој има корист од таква стратегија:
"Супер-богатите ќе мора да продолжат да го одржуваат изговорот дека националната политика еден ден ќе направи некаква разлика. Бидејќи економските одлуки им се прерогатив, тие ќе ги поттикнуваат политичарите и во левицата и во десницата, да специјализираат за културолошки прашања. Целта ќе биде вниманието на работничката класа да сврти кон друго - да се држат долните 75% од Американците и долните 95% од светската популација зафатени со етнички и религиозни непријателства, и со дебати околу сексуалното однесување. Ако на работничката класа може да и биде тргнато вниманието од сопствениот очај преку медиумски-создадени псевдо-настани... супер-богатите ќе имаат малку околу што да се плашат."
Илинг се надоврзува на ова објаснувајќи дека најголем ќар од културолошките војни имаат големите корпорации, бидејќи ако левицата и десницата се расправаат околу религија или раса или исто-полови бракови, ништо нема да се промени во однос на, или ништо нема да влијае на концентрацијата на богатство. Рорти е посебно критичен кон Картер и Клинтон кои ги обвинува дека се повлекуваат "од какво било спомнување на редистрибуција" и дека "влегуваат во стерилниот вакуум наречен центар". Резултатот на ова е дека "изборот меѓу големите партии се сведе на избор меѓу цинични лаги и преплашен молк".
Грижата на Рорти "не е дека левицата премногу се грижи за односите меѓу расите или дискриминацијата (треба да се грижи за овие работи); туку, тој предупредува дека левицата престанала да ја работи тешката работа на либерал-демократската политика".
По првиот цитат од почетокот на текстов, Рорти во својата книга дава уште едно пророштво:
"Една работа која е многу веројатно да се случи е придобивките од последните 40 години за црните и кафеавите Американци, и за хомосексуалците, да бидат збришани. Шеговитиот презир за жените ќе се врати во мода. Зборот 'нигер' и 'кајк' (погрдно име за Евреин) пак ќе се чуе на работното место. Целиот садизам кој академската левица се обиде да го направи недостапен за своите студенти ќе се врати назад. Целиот презир што лошо образованите Американци го имаат кон тоа дипломирани студенти да им диктираат какви манири треба да имаат ќе најде свој издувен вентил."
Според Рорти ако ова се случи, луѓето ќе се чудат зошто левицата не можела да го сопре истото, и ќе заклучат дека левицата умрела, или дека постои "ама повеќе не можела да се справи со националните политики". И тие апсолутно ќе бидат во право барем во една смисла: на чисто политичко ниво левицата ќе биде комплетно не успешна.
Остатокот од текстот, тука.