"Методата на имплементација на ова начело во науката и образованието се одвива по пат на кооптирање на тукашните елити во 'експерти'. Нивната работа се сведува на слепо препишување на наметната парадигма прилагодена за потребите на земјите од јадрото. Притоа се занемарува фактот дека овие цели се неостварливи на периферијата заради радикален недостаток на ресурси," пишува Даниела Доленец од Факултетот за политички науки на загрепскиот универзитет.
Економија на знаење е "политичката фраза" што ја следи Лисабонската стратегија, од 2000. чија цел е "трансформација на високото образование во темелен фактор на глобалната компетитивност на Европа." Во превод - економија во која знаењето е централен извор на вредноста која создава капитал (дополнувајќи го капиталот, трудот и природните ресурси).
Концептот во 60-те почнува да го развива Петер Друкер, според кој знаењето и формалните квалификации ќе бидат клучни ресурси во новонастанатата сервисна економија. Подоцна други автори го доразвиваат околу пост-индустриско општество во кое знаењето и достапноста на човечките ресурси се клучни за економски напредок. Во 1986, Пол Ромеро ги спојува овие две учења "и создава нова парадигма која силно влијае на Гиденс, Кастелс и други водечки мислители на 'глобализацијата'". До крајот на 90-те години "идејата дека знаењето е темел на глобалната конкурентност се смета за здрав разум," ова е периодот кога Европската комисија почнува да ги формулира своите социоекономски политики.
Доленец прави цела анализа на Отворената метода на координација (ОМК), инаку механизмот за спроведување на Лисабонската стратегија, кој според неа има три озбилни негативни последици:
1. Заради преголема комплексност само ја отежнува демократската контрола врз институциите на ЕУ.
2. Го засилува демократскиот дефицит со маргинализирање на Европскиот парламент.
3. Бидејќи се базира на одлуките на мрежа експерти, исклучува каква било политичка расправа и "системски ги деполитизира прашањата од круцијална вредност за егзистенција на европските граѓани."
Во однос на асиметричните резултати што се добиваат кај старите и новите членки, јадрото и периферијата, таа образложува дека постојат две стратегии - аплоуд и даунлоуд. Првата се однесува на процесите кои членките успешно ги обликуваат политиките со цел задоволување на домашните приоритети. Тука успехот зависи од статусот на поединечна земја членка во соодветната структура. На пример кога Германија ја наметнува својата стратегија за образование.
Втората стратегија, даунлоуд, им е достапна само на земјите кандидати, во фаза на подготовка за полноправно членство, кои немаат никакви шанси за обликување на европските правни политики. По пат заради побожноста со која на Балканот се гледа на влегувањето во ЕУ "европските препораки тука се доживуваат како далеку пообврзувачки отколку што навистина се."
"Со пасивен пренос на европскиот дискурс владите на регионот (Западен Балкан) се обврзуваат дека ќе изградат 'економија на знаење' која ќе служи како најнова верзија на вечниот сон за просперитетот. Папагалски повторувајќи ги политичките цели на Лисабонската агенда, без дополнителен напор таа да се локализира или прилагоди на контекстот.
Политичките елити така прокламираат економија на знаење во најсиромашниот регион на Европа, каде БДП-то по глава на жител изнесува околу 30-40% од просекот на ЕУ27 земјите и каде регистрираната невработеност на одредени места достигнува астрономски нивоа од 40-на проценти.
Тие раскажуваат за пост-индустриско општество во регион во кој сервисната економија примарно подразбира келнери, готвачи и негувателки, а не вработени во ИТ сектор или високотехнолошката индустрија. Зборуваат за важноста на знаењето и образованието во регион каде ниту една земја ни приближно не го достигнува просечното ниво на ЕУ вложувања во истражување и развој. Моменталното ниво на вложување во наука и образование во овој регион не може да оствари значително влијание на економскиот развој на овие земји, па ако не порано - тука ќе пукне балонот наречен 'економија на знаење.'
Со други зборови, научно-истражувачката политика на Германија, препакувана во Брисел, неброено многу пати ја препишаа речиси сите влади на Балканот. Неолибералниот дискурс на економијата на знаење и неговото олицетворение во Лисабонската стратегија е совршена илустрација на елитистичкиот, технократски и недемократски карактер на Европската Унија и процесот на европска интеграција. " пишува Доленец.