ЕУ империјата на цензурата

Во Европа се води уште една војна, башка од онаа во Украина. Онаа што ја водат елитите на ЕУ за тоа што може да се каже, што може да се слушне и што може да се мисли. Викаат дека тоа е војна против „говорот на омраза“ и „дезинформациите“, но со тоа едвај се прекрива презирот на елитите кон граѓаните со кои владеат и нивната недоверба кон „рајата“. Кога ќе се вклучи вештачката интелигенција, ќе биде бетер.

Како што се приближуваат изборите за Европскиот парламент во јуни, ЕУ ја засилува својата кампања за цензура. Минатиот месец, неколку инстанци во Брисел се обидоа да минираат конференција на конзервативци и десничари (види: Кога ќе се прогласиш за градина, сегде ќе ти се гледа плевел).

Минатата недела, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе создаде „европски демократски штит“ доколку биде реизбрана за втор мандат. Вика ќе се бори против „странското мешање и манипулации“ со формирање нова единица посветена на откривање и отстранување дезинформациите на интернет.

Говорот на Фон дер Лајен е сличен на она што на почетокот на годинава го зборуваше шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел кој предупреди дека дезинформациите „не се за бомба што може да ве убие, туку за отров што може да ги колонизира вашите умови… се шири како рак и го става на ризик здравјето на нашите демократии...“.

Да не остане покусо, Вера Јурова, потпретседателка на Европската комисија за вредности и транспарентност, драматично зборуваше за „реки од нечистотија и омраза и лаги“ и сугерираше дека ЕУ мора сè повеќе да користи вештачка интелигенција за да „открива манипулации“.

Предупредувањата на Брисел за говорот на омраза и дезинформациите станаа речиси апокалиптични. Наспроти овој хистеричен наратив, во еден извештај на Норман Луис се открива како под превезот на одбрана на демократијата, елитите на ЕУ започнаа крстоносна војна против слободата на говорот, што суштински ја загрозува европската демократија.

Извештајот посочува дека борбата на ЕУ против „омразата“ и „лагите“ има јасна политичка агенда. Елитите на ЕУ се преплашени од каква било отворена и непредвидлива дебата што може да покрене прашања за нивното право да владеат. Особено затоа што анкетите во моментов предвидуваат пораст на поддршката за популистичките и националистичките партии кои се противат на централизираната контрола на ЕУ.

„Иако Брисел тврди дека неговата цел е да ги заштити малцинските групи, неговата вистинска цел е да го контролира говорот на мнозинството“, смета Луис.

Сето ова е поддржано од мноштво закони како што се Законот за дигитални услуги (DSA), Законот за слобода на медиумите (MFA), Законот за вештачка интелигенција (AIA) или пак предложената регулатива за сексуална злоупотреба на деца (CSAR), која има навидум благородна цел да ги заштити децата, ама види во „Слики на преглед!

Ова е осудено да биде катастрофално, смета Луис, бидејќи ВИ нема разбирање за човечките комуникации, контекстот и нијансите во значењето. Користењето вештачка интелигенција само ќе го спушти прагот на она што се оценува како говор на омраза, можеби до степен во кој луѓето - последниот бастион на разумот во овој процес - најверојатно ќе бидат во голема мера отстранети од равенката, во корист на целосна автоматизација.

Ова не е неоснован страв. Автоматизираните алгоритми веќе долго време се користат за откривање и отстранување „проблематична“ онлајн содржина. Во првиот квартал од 2019 година, Фејсбук објави дека 65 отсто отстранета содржина била маркирана од машини, со зголемување од 51 отсто во претходните месеци. Слично на тоа, Јутјуб објави дека, во 2017 година, 79 отсто од отстранетите видеа биле уловени од автоматизирани системи за означување. Во вториот квартал од 2019 година, тоа изнесуваше 87 отсто.

„Пораката е јасна. Еврократите не им веруваат на Европејците дека можат сами да размислуваат. Некој – било да е модератор на содржини или систем на вештачка интелигенција – мора да одлучи што е соодветно за него да чита, слуша и види. Сите оние муабети за одбрана на европските вредности и демократијата едвај го прикриваат презирот на бриселските елити кон граѓаните со кои владеат. Во реалноста, најдобра одбрана за демократијата секогаш е поголема слобода на говор. Во моментов, најголемата закана за европската демократија е самата ЕУ“, пишува Луис.

 

29 мај 2024 - 08:31