Џорџа он мај мајнд

Победата на италијанската десница и 45 годишната Џорџа Мелони допрва ќе покрене цунами од текстови и анализи на тема што тоа ќе значи за Италија, за македонските евро-интеграции, судбината на Моноспитово... Пред да се изначитаме ваква била- таква била, да слушнеме од прва рака за што се залага Мелони.

Денес бараме одговори на следниве прашања. Зашто фамилијата е непријател? Зашто семејството е толку застрашувачки поим? Има само еден одговор на овие прашања. Затоа што таа нè дефинира. Затоа што е нашиот идентитет.

Затоа што сè што сме, сега е непријател за оние кои не сакаат да бидеме свои и просто сакаат да бидеме робови на конзумеризмот. Затоа удираат по националниот идентитет, затоа го напаѓаат верскиот идентиет, па родовиот и во крајна линија семејниот идентитет.

Јас не можам да се кажам Италијанка, христијанка, жена, мајка. Не! Морам да бидам граѓанин Х, род Y, родител 1, родител 2. Јас морам да бидам број. Затоа што кога сум само број, кога повеќе немам ни идентитет ни корен, дури тогаш сум совршен роб на милоста на финансиските шпекуланти. Совршен потрошувач.

Затоа се плашат од нас. Затоа ова предизвикува толку многу страв. Затоа што ние не сакаме да бидеме само бројки. Ние ќе ја браниме вредноста на човекот. Секој еден човек. Бидејќи секој од нас има единствен генетски код што е неповторлив. Им се допаѓало тоа или не, тоа е светост. Ние таа светост ќе ја браниме. Ќе го браниме Бога, татковината и семејството. Нешта од кои некои се гадат. Ќе ги браниме за да ја одбраниме нашата слобода, бидејќи никогаш нема да бидеме робови и прости конзументи во милост на финансиските шпекуланти.

Тоа е нашата мисија. Затоа дојдов јас овде денес. Пред повеќе од век, Честертон напиша: „Огнови ќе се запалат за да сведочат дека два и два се четири. Меч ќе се извади за да се докаже дека лисјата на лето се зелени.“

Дојде време, Господа. Спремни сме. Ви благодарам.

**********

p.s. Ако ви се бендисува, ризикувате да ве набедат дека сте латентен фашист. А може пак, да имате чувство дека се деконтаминирате од зајдените офанзиви на лажната прогресивност.  

26 септември 2022 - 15:08