Елвис Куртовиќ:

"Државните" телевизии

Телевизијата е уред за намалување на приходите во домот. Колку повеќе гледате телевизија, толку помалку пари имате

Немам ТВ приемник и не гледам телевизија. Се држам до советот на Милан Тарот кој рече: "Телевизијата е уред за намалување на приходите во домот. Колку повеќе гледате телевизија, толку помалку пари имате".

А бидејќи понекогаш "кога сум на гости" знам малку и да ѕирнам што има на телевизија, дозволете да ви прераскажам што имам видено, бидејки претпоставувам дека и вие слабо гледате телевизија, и дека "сте повеќе на интернет" штом ја читате оваа колумна.

Телевизијата ја изгуби културната и образовната функција којашто некогаш ја имаше а големите "државни" телевизии ја губат трката пред приватните "комерцијални" куќи.

Дали е тоа случајно или зад тоа "стои крупниот капитал"? Бев на море и случајно гледав емисија на ХРТ за предлогот во Хрватска да се намали РТВ претплатата и така да се "растоварат домашните буџети." Тамошен познат филмски режисер во неколку зборови објасни зошто се прави тоа. Со малку пари во буџетот, државната телевизија прво ќе го исфрли домашниот програм, копродукцијата на филмви... и странските телевизии ќе можат без конкуренција да ги вртат своите репризи кои одамна се изгледани и се добиени за мали пари.

Така е во сите држави "во регионот" и се чини дека пропаѓањето на државните телевизии, неснимањето програма на сопствен јазик, со домашни писатели, глумци, уметници од различен профил.... како да е "командувано озгора".... Слично како и во други области во кои "домашното производство" како намерно да пропаѓа зашто е тоа нечија цел....

* за Радио Сараево

17 февруари 2015 - 09:29