Украинската одбрана изгледа како брод кој испушта вода на сите страни. За жал, од септември, дупките на тој брод стануваат сè поголеми и поголеми. Во последните три месеци руските сили успеаја да окупираат повеќе територии отколку во претходните девет месеци од офанзивата. За разлика од претходните месеци, кога рускиот напредок се мереше во стотици метри, најновите руски пробивања се прават од пет до десет километри на ден. Досега незамисливото стана реалност.
Типичен пример е напредувањето на руските сили од групата Исток кон Велика Новосилка. По падот на Вухледар, кога пропадна двегодишната упорна украинска одбрана на рударското гратче, руските сили имаа отворен пат кон север и запад. Тие го искористија целосното отсуство на украинскa одбранa на нивното лево крило и го свртеа нападот деведесет степени на запад. Без посериозен отпор прошетаа десетина километри до источните предградија на Велика Новосилка.
Голема е веројатноста Велика Новосилка и другите приградски градови наскоро да се најдат опкружени od три страни. Руските сили ги контролираат доминантните височинkи околу градот, што им дава значителна тактичка предност. Падот на Велика Новосилка би бил голем удар за Украина, со можни трагични последици од уривање на целиот фронт во Запорожје.
И ситуацијата околу Кураховка неповолно се развива за Украинците. Руските војници веќе имаат навлезено во станбениот дел на исток. Западниот, индустриски дел од градот, кој сè уште го држат Украинците, се обидува да се одржи за да обезбеди безбедно повлекување од остатокот. Прашање на време е кога руската група Исток целосно ќе го контролира целиот простор околу Кураховка.
На другите делови од фронтот, вестите не се толку критични за Украинците. Во Курската област руските сили успеаја да ја намалат областа под украинска контрола за речиси 50 отсто, но, тоа го постигнаа со големи загуби на сопствените механизирани колони. Амбициозната офанзива, во која учествуваат и севернокорејските војници, целосно го загуби својот замав откако загубите беа еден спрема седум во корист на Украинците. Тековните битки се водат на ниво на помали тактички групи.
На тактичко ниво, Украина нема доволно војници за да ги закрпи сите дупки во одбранбените линии. Нема организирани одбранбени позиции надвор од населените места, на кои би можела да се потпре одбраната. Додека населените места успешно се бранат со подобро опремени и поискусни единици, средните простори меѓу населените места се препуштени на единици со помала борбена готовност. Неискуството, неорганизираните одбранбени позиции и слабото вооружување на единиците за територијална одбрана не претставуваат голем залак за руските напаѓачи. Следствено, по падот на позициите на крилата на отворен простор, прекалените војници кои ги бранат населените области се принудени да се повлечат за да избегнат опколување и заробување.
Сега доаѓаме до погрешните стратешки одлуки, кои се непосредна причина за моменталната лоша позиција на украинската армија.
Лошите одлуки на Зеленски
Пред повеќе од една година пишувавме за можните последици од катастрофално лошите одлуки на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сè започна со директно мешање во јурисдикцијата на тогашниот врховен командант на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни. Без координација со првиот војник, Зеленски смени и назначи команданти по своја волја. Го промени системот за мобилизација без консултација со армијата.
Мобилизацијата е една од клучните лостови на одбраната, која е крајно неефикасна. Основаше многубројни комисии и паралелни тела за одлучување кои ги забавуваа, а во драстични случаи дури и ги парализираа работите во одбраната.
Преку своите вентрилокисти Зеленски јавно го поткопуваше угледот на врховниот командант, јавно се потсмеваше со него и го отфрли повикот за мобилизација на нови сили. Додека генералот Залужни предложи да прејдат на одбрана, Зеленски и неговиот тим го туркаа наративот за воена победа до крајот на 2023 година.
А сè започна кога беше очигледно дека генералот Залужни стана попопуларен од Зеленски.
Залужни беше во право
Генералот Олександар Сирски, кој беше назначен да го замени Залужни, се покажа како војник кој е подготвен да го каже она што политичарите сакаат да го слушнат. Веднаш по поставувањето рече дека нема потреба од дополнителна мобилизација и дека одбраната ќе ја организира врз основа на отпорни точки и реони. Суровата реалност покажа колку бил во право сменетиот генерал Залужни. Сегашните изјави на Сирски дека украинските сили мора да тргнат во офанзива немаат никаква врска со реалноста. Вооружените сили на Украина во моментов не се во можност да спроведуваат ни активна одбрана, а камоли да започнат сложени офанзивни операции.
Иако не може да се игнорира колебливата политика за помош на западните сојузници, серијата лоши и дилетантски стратешки одлуки на Зеленски се главните причини за актуелната лоша ситуација на фронтот.
Пад на моралот
Очигледната неспособност и секташтво на политичкото раководство од Киев кумулативно влијаеше на моралот на украинските војници. Денес е обратно од времето на почетокот на руската агресија против Украина, кога волјата за борба и вербата во победата беа доминантни. Од почетокот на војната, регистрирано е дезертерство на 90.000 украински војници, тоа се вкупно 20 бригади. Зеленски со указ им вети прошка на сите дезертери доколку се вратат до крајот на годината. Дополнително, гарантираше исплата на платите за целиот период на нивно отсуство од должноста.
За жал, сè се тоа козметички мерки кои не ја допираат суштината на внатрешните проблеми на украинското општество. Зеленски не се покажа како државник, ниту како способен менаџер кој ќе успее да ги обедини сите човечки и материјални ресурси на Украина за потребите на одбраната на земјата. Народот на Украина повеќе нема доверба во него и неговата администрација.
Доколку сега се одржат претседателски избори, сменетиот генерал Залужни, кој речиси една година не е во медиумите, во првиот круг би добил поддршка од 42 отсто од украинските гласачи, за разлика од актуелниот претседател, за кого би гласале само 22%.
Главниот проблем на Русија
Ваквата ситуација на фронтот е далеку од воен пораз на Украина. Армијата на Руската Федерација сè уште нема сила и ресурси за длабоки пробиви и решавачки битки од големи размери. Со галантна помош од Ким Јонг-ун, Москва беше спасена од воена катастрофа летото 2023 година, кога за малку ќе останеше без гранати од голем калибар. Моменталниот главен проблем е помалиот прилив на војници во однос на загубите. Дали Пјонгјанг повторно ќе дојде на помош, не со десет, туку со сто илјади војници - тоа наскоро ќе се види.
Иако позицијата на новата американска администрација е клучна за одбраната на Украина, без сериозни промени во начинот на управување со земјата, ниту една странска помош нема да ја спаси Украина. Киев мора да ја заврши домашната задача како свој приоритет.