Зошто и како Џек Дорси си отиде од Твитер

Џек Дорси е еден од четворицата кои го ко-основаа Твитер во 2006, и за цело ова време беше најексцентричниот од сите нив. Отприлика и неговата оставка е таква, во време кога на Твитер почна добро да му оди.

По многу метрики ова е најдобрата година на Твитер, по основа дека имаат раст на приходи и број на корисници, а притоа испорачуваат повеќе индивидуални производи од кога и да е до сега (пример клонот на Клубхаус кој беше пуштен импресивно брзо и квалитетно).

„Откако минаа половина деценија заглавени во калта, имаше чувство дека Твитер конечно почна да зема вистински залет. Од таа перспектива позицијата на Дорси изгледаше безбедна.

Меѓутоа Твитер е јавно тргувана компанија и нејзиниот спор раст (посебно во споредба со гигантот Фејсбук) долго време е проблематична за инвеститорите,“ пишува Кејси Њутон од Верџ.

Поврзано со берзата Њутон потсетува дека минатата пролет активистичкиот инвеститорски фонд Елиот менаџмент корп, купува 4% од акциите во Твитер и објавува дека има намера да го замени Дорси како ЦЕО.

Се очекуваше дека Дорси ќе има сериозна битка со Елиот, меѓутоа неколку дена откако Елиот го купи уделот, Твитер се согласи да додаде три нови членови на бордот и да формира комитет за ревидирање на управувањето на компанијата. Во јуни годинава, партнерот на Елиот кој беше во бордот си замина од својата позиција што беше толкувано како знак дека компанијата е задоволна од напредокот на Твитер.

Меѓутоа меѓу барањата што Елиот ги имаше од Твитер е компанијата во 2020 да го зголеми бројот на корисници за најмалку 20%, да го забрза растот на приходите и да стекне поголем удел на пазарот како дигитална платформа за рекламирање. Во сите овие делови Твитер имаше напредок, но сепак беше далеку од постигнување на крајните цели.

Во исто време цената на акциите на Твитер цела есен полека паѓа, за денес да е само неколку долари повисока отколку што беше кога излезе на берза. Во меѓувреме партнерот на Елиот во планот за соборување на Дорси, Силвер Лејк, се уште го има своето столче на бордот.

„Нема директни знаци за незадоволство на бордот. Меѓутоа гледајќи ги овие факти, лесно е да се замислат две сценарија: едно во кое Дорси ја предвиде борбата што му следува и одлучи да напушти пред тоа да се случи; и друго во кое бордот му рекол дека времето му истекло и треба достоинствено да си замине.

Не знам кое од овие две сценарија е поверојатно; сепак верувам дека најверојатно едно од нив доведе до денешните вести,“ пишува Њутон.

Во писмото до вработените Дорси пак пишува дека ова е негова одлука и тој стои зад нејзе.

Друго објаснување за напуштањето на Џек Дорси, кое не е толку поврзано со Елиот, е дека има релативен недостаток на докази дека Џек Дорси воопшто сакал да биде ЦЕО на Твитер.

Чувството што Њутон го пренесува од разговори со вработени во Твитер е дека Дорси не бил заинтересиран за сите аспекти на Твитер, туку само за тие што му прават мерак. Па во областите во кои тој бил најмногу фокусиран продукт тимовите можеле да очекуваат изобилие на време, внимание и фидбек од него. Во областите на кои не е фокусиран, тимовите можат да очекуваат малку или нула фидбек.

Ваквиот фокус на Дорси како ЦЕО дава одлични резултати во неговата втора компанија Сквер, каде тој се фокусира на Кеш апликацијата за додавање на директно плаќање меѓу корисниците и криптовалути. Како резултат на ова Сквер напредува, а нејзината пазарна вредност е речиси трипати поголема од Твитер.

Во исто време Твитер не го добива ваквиот фокус од Дорси кој таму ги ротира приоритетите меѓу раст на корисници, раст на приходи, „здрави“ разговори“, „служење на јавниот разговор“ и слично.

„Луѓе кои работат директно со него кога ќе ги прашав колку е вклучен Дорси во работата на основниот производ не знаеа да ми одговорат.

Има еден виц за Дорси кој вели дека сите во Твитер мислат дека тој повеќе работи на Сквер, а сите во Сквер мислат дека тој повеќе работи на Твитер.

Ова служи да се избегне прашањето колку тој воопшто работи.

Една од причините зошто Елиот реши да нападне беше објавата на Дорси (пред пандемијата) дека има намера најголемиот дел од 2020 да го мине во Африка, без никаков очигледен бенефит за акционерите,“ објаснува Њутон.

Замена на Дорси е Параг Аргавал, Твитер ветеран со 10-годишно искуство во компанијата кој почнува како инженер и стигнува до ЦТО. Најголем број од вработените со кои разговара Њутон објаснуваат дека титулата ЦТО не го опфаќа целосно опсегот во кој Аргавал придонесува во Твитер. Внатрешно него го сметаат за остар технички лидер, за невообичаено долгорочен планер, и интензивно фокусиран на оперативната страна на компанијата. Тој е и ден до малкумината кои редовно успеваат да го натераат Дорси да го промени своето мислење.

Аргавал е познат и по тоа дека е еден од директорите на Твитер кој е најмногу фокусиран на криптовалути, и го охрабрува Дорси да дозволи Твитер да истражува децентрализација и други поврзани технологии. Компанијата до сега го објави Блускај, кој би можел да го претвори Твитер во децентрализиран протокол; бакшиш базиран на биткоин и можеби НФТ профилни слики.

„Во меѓувреме Твитер сега ќе има нешто што го немал од 2015: ЦЕО со целосно работно време. Времето ќе покаже како Аргавал ќе се снајде во оваа улога. Меѓутоа и само по оваа мерка тој веќе е подобрување во однос на својот претходник,“ смета Њутон.

 

30 ноември 2021 - 13:22