Американските органи за прогон во ноември обвинија осум лица за интернет превара тешка 36 милиони долари за маркетиншки потези на две големи регуларни платформи за пласирање реклами. Таквите платформи бараат две работи: од една страна, некој да плати да му се види рекламата во вид на банер или видео и од друга, некој кој има публика тоест создава содржини кои луѓето ги консумираат (па да ја видат и рекламата).
Овие го имаат лажирано второто. Заразиле 1,7 милиони компјутери со вирус кој го пренасочува сообраќајот кон спуфи сајтови (празни сајтови наменети само за сообраќај на ботови), заведувајќи ги огласувачите дека рекламите им биле пласирани и видени на некој премиум веб сајт од типот на Економист или Вог. Притоа, компјутерите се заразени со вирус кој со софистицирани техники умее да имитира човечки корисник на интернет: доловува дека го мрда маусот, дека активно шара по страната и слично.
Колку од интернетот е фејк? Многу. Во „добри“ години, човечкиот фактор знае да добаци до „дури“ 60%, инаку здравото мнозинство е лажно. Тајмс извести дека во добар дел од годината, сообраќајот на Јутјуб е лажен, односно создаден од ботови маскирани во луѓе. Тој удел е толку голем што се приближува моментот кога нивните системи за детектирање лажен сообраќај ќе бидат толку збунети што и лажниот и вистинскиот сообраќај ќе го препознаваат како - лажен. Тој момент се нарекува „Инверзија“ и според Макс Рид во Интелиџенсер (а можда е бот?) веќе се има случено, и во метричка и во перцептивна смисла: конфузијата е дојдена до степен кога сè што ни изгледало недвосмислено реално сега ни изгледа фејк а сè за кое сме знаеле дека е фејк денеска има реална моќ.
Метриките се лажни.
Мерењата на интернет сообраќајот би требало да бидат најреалната работа на интернет бидејќи се прецизни и проверливи. Ама не се, И тоа не само кај локални порталчиња со глупи финти со кои ги лажат клиентите, туку и кај најголемите играчи. Во октомври, група мали огласувачи покренаа тужба против Фејсбук заради пумпање на бројките колку време се гледаат видевцата на ФБ. Овие викаат дека пумпањето одело меѓу 150 и 900 проценти, Фејсбук признава дека било „максимум 80%“. А не е само таа ставка, биле преувеличувани уште пет-шест.
Луѓето се фејк
На Јутјуб можете да купите 5.000 прегледи (по 30 секунди колку што е доволно да се смета за прегледа и за само 15 долари. Само што тоа што имате да го покажете или понудите нема да го видат вистински луѓе кои би требало да се крајните корисници туку ботови кои неосетно ќе ги потрошат тие платени 5.000 прегледи.
Како тоа изгледа во една кинеска фарма за кликови:
Јасно е дека тоа не е реален сообраќај. Но, што е реално? Дали руски бот со фотографија од бразилски Фејсбук корисник кој се маскира во фан на Трамп е реалност? Денес, не само што ботови се маскираат како луѓе и луѓе се маскираат како луѓе, туку и луѓе се маскираат како ботови, преправајќи се дека се „персонални асистенти базирани на вештачка интелигенција“.
Патем и бизнисите се фејк и содржината (контентот) е фејк. Оттука и политиката е фејк а и ние сме фејк. Особено кога веруваме дека не сме овци, маскирани во луѓе.
Она што отаде „Инверзијата“ се изгуби на интернет не е вистината туку довербата. Довербата дека луѓето и работите со кои се среќаваме на интернет се онакви какви што ни се претставуваат онлајн. Глобалната интернет експлозија создаде околина во која е полесно да си фејкер (да лажеш, искривуваш, манипулираш, создаваш имиџ на бунтовен твитерџија или бескомпромисен борец за правда), отколку да си ебено реален.