Конечна победа за нет-неутралноста

Броудбенд интернетот од сега па во иднина е комунална услуга (како водовод, канализација, јавни паркинзи, градско зеленило, градска чистота...) и ниту еден провајдер не смее да помисли да наплаќа "приоритетни конекции," одлучи американската Федерална комисија за комуникации.

Одлуката е донесена со 3 спрема 2 гласа, според партиската поделеност на комисијата. Според претседателот на комисијата пристапот до интернет "е премногу важен за да се дозволи одлуките да ги носат провајдерите на броудбенд." Одлуката и деталите од нејзе ќе бидат објавени во следните неколку денови, а тие ќе почнат да важат за неколку месеци.

ФЦЦ ја промени класификацијата на броудбенд интернетот од информациски сервис, во телекомуникацски сервис, со што потпаѓа под второто заглавје на Законот за телекомуникации. Ова заглавје го третира телефонскиот сервис како комунална услуга.

За разлика од 2010-та, овој пат правилата се однесуваат и на мобилниот броудбенд, а одлуката содржи и мерки за заштита на приватноста на корисниците и гаранции дека интернет услугата ќе им биде достапна и на луѓе со хендикеп и во оддалечени области.

За Републиканците, кои гласаа против неутралноста, одлуката е претерано општа, широка и непотребна, плус сето ова им е само надополнување на и онака претераното мешање на владата во пазарот. Во слични рамки е и забелешката на броудбенд провајдерите, според кои ова отвора врата за мешање на бирократијата во нивните бизнис одлуки.

Претходната одлука на ФЦЦ на оваа тема, која беше многу полиберална, беше оптужена од Веризон и падна на суд. Токму ова го натера ФЦЦ да го прекласификува броудбендот како комунална услуга а не информациска.

27 февруари 2015 - 10:41