Галилео Галилеј никогаш немаше да стане познат Јутјубер

Јутјуб-19...............84

Јутјуб соопшти дека ќе ги кине сите видеа кои не се во склад со ЦК на СЗО. Истата СЗО која пренесе дека коронавирусот не се шири од човек на човек. Истата СЗО која го збрза светот во карантин за отпосле да каже дека шведскиот модел бил добар и дека тој ќе се применува во идни слични ситуации.

Извршната директорка на Јутјуб, Сузан Вочицки, порача дека видео платформата ќе ги отстранува содржините кои се во контрадикција со препораките на Светската здравствена организација во врска со ковид-19.

Во интервју за Сиенен, Вочицки изјави дека ќе бидат „отстранувани информации кои се проблематични“ (во време на Галилеј дека Земјата е тркалезна) и „сè што не е медицински поткрепено“ (во време на Игназ Семелвајс дека лекарите треба да мијат раце).

„Сè што е спротивно на препораките на СЗО ќе претставува прекршување на нашата политика и ќе биде отстрането,“ најавува Вочицки.

Бројни дилеми се отвораат околу тоа како тие мислат да го спроведат ова: според СЗО, на пример, маски не требаше да носат здрави луѓе туку само здравствени работници и оние кои се болни или пак се грижат за болни. А кај нас има казни за неносење, а и генерално, отворена е таа дилема дали, кој сè и во какви ситуации маските се полезни.

Јутјуб веќе фрли фатва и ги забрани содржините кои ја поврзуваат 5Г технологијата со ковид-19 а едно време реши да ги демонетизира видеата поврзани со ковид-19 кои покажуваат нечувствителност (некој ќе те пријави дека се ужаснал од она што си го постирал) ама подоцна се попишмани после револтот на јутјуберите поради бескрајно растегливата  идеја за „нечувствителност.“

Но, во моментов Светата крава на Јутјуб е СЗО и нејзините препораки.

На средината на јануари, СЗО реши глобално да ја рашири информацијата добиена од кинеските инстанци дека коронавирусот не се пренесува од човек на човек.

Во средината на март, првиот човек на СЗО го најави глобалниот катанец барајќи „брзина, а не перфекција“

„Биди брз, не се колебај, мора да бидеш оној кој го влече првиот потег. Вирусот секогаш ќе те победи ако не носиш одлуки брзо. Ако треба да сте сигурен пред да донесете одлука, никогаш нема да победите. Перфекцијата е непријател на доброто во менаџирањето на кризите“, изјави Мајл Рајан

Кон крајот на април, истиот човек, од истата позиција во СЗО, го пофали шведскиот модел (види „Шведска, отворена, здраво“) и најави усвојување на тој модел во идните предизвици.

И пред пандемијата, СЗО долги години беше под критика дека е премногу бирократизирана институција која најмногу се бави со сопствените дворски игри. Експертите тврдеа дека на нејзината сметка оди катастрофалниот учинок на еболата, лажните најави дека маларијата се искоренува како и депресивниот факт дека на толку многу пари и достапност на лекарствата, колерата, диарејата и туберкулозата и натаму косат стотици илјади деца и возрасни годишно во неразвиените земји.

4 мај 2020 - 18:04