ХБО бара блокирање на VLC плеерот

Во борбата за спречување на пиратерија на Троновите, ХБО побара од Гугл да го забрани симнувањето на VLC, најпознатиот видео плеер што веројатно го има на секој можен компјутер.

Само во изминатиот месец, Гугл има добиено барања (од различни компании) за блокирање и отстранување на речиси 15 милиони линкови од резултатите на нивните пребарувања.

Во едно од барањата поднесено од луѓето од ХБО, на списокот покрај десетици верзии на Игри на троновите е и еден линк за симнување на VLC плеерот, инаку бесплатен софтвер.

Иако најверојатно станува за превид и за грешка, сепак многумина се возбудија од идејата дека компаниите како ХБО ќе почнат да се пресметуваат со авторите на најразличен софтвер, кој според нив се користи за пиратерија.

ХБО е познат по својата аљкавост во барањата за блокирање до Гугл, заради која пред некое време побараа и нивниот корпоративен сајт да биде блокиран на Гугл.

"Правиме се што можеме за да ги фатиме овие грешки, за да не се случи да го спречиме пристапот до материјал кој не ги прекршува правилата. Гугл продолжува да вложува сериозни средства во подобрување и олеснување на овој процес," изјавија од Гугл во една претходна слична ситуација.

16 јули 2013 - 12:22